Борбата против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата продолжува

Секоја година на 17 мај го одбележуваме Меѓународниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија, со цел да направиме преглед на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во државата, да ги прославиме позитивните исчекори, но и да потсетиме каде државата заостанува во отелотворување на човековите права на оваа маргинализирана група.

Борбата против хомофобија, бифобија и трансфобија е дел од борбата за еднаквост и човекови права за сите, а здружените напори против овие негативни појави се напори за градење на општество еднакво за сите. ЛГБТИ луѓето во државата сè уште се мета на насилство, говор на омраза, дискриминација и нееднаков третман, а државата сè уште заостанува во соодветно адресирање на истите. Силно ги поздравуваме позитивните законски измени во насока на унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, но истовремено напоменуваме дека остануваат низа измени кои треба да се иницираат во иднина и дека само со доследна имплементација на овие закони вистински нешто ќе се промени за ЛГБТИ луѓето во државата.

Оваа година имавме чест овој ден да го прославиме во Собранието на Република Северна Македонија, каде Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето и Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија беа домаќини на настан по повод одбележувањето на овој ден, на кој присуствуваа пратеници, претставници на дипломатскиот кор и активисти од граѓанските организации. На настанот доделена беше и награда „Поддржувач на годината” која оваа година ја доби токму Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, за континуираниот значителен придонес за еднакви права на ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија.

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени