Годишен извештај на ЛГБТИ Центарот за поддршка за 2019 година

Годишниот извештај на ЛГБТИ Центарот за поддршка за 2019 година опфаќа неколку области на делување, меѓу кои дискриминација, говор и дела од омраза, лична безбедност и насилство, правна помош, заедница и Сигурна куќа. Центарот спроведе низа активности во рамките на своите три програми, програмата за заедница, програмата за застапување и програмата на Сигурната куќа, но она што е особено важно и значајно е отварањето на социјалниот простор „Комитет” како простор за ЛГБТИ заедницата.

Во текот на 2019 година бележиме значајни придвижувања во насока на унапредување на унапредување на човековите права на ЛГБТИ луѓето во државата. Активностите во рамките на програмата за застапување на ЛГБТИ Центарот за поддршка беа насочени кон унапредување на легислативата и пристапот до правда за ЛГБТИ луѓето во државата преку соработка со институциите, Интер-партиската парламентарна група за ЛГБТИ во Собранието на РСМ и меѓународната заедница. Застапувањето беше најмногу насочено кон донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој за прв пат експлицитно забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, а се провлекуваше низ собраниските процедурални лавиринти се до мај кога конечно стапи на сила. Дел од активностите во рамките на оваа програма беа насочени кон воведување на правното признавање на родот на трансродовите луѓе преку учество во работна група за креирање на соодветно законско решени, организирање на јавна конференција, работни состаноци со засегнати страни и поддршка на кампањи. Организацијата и одржувањето на првата Парада на гордоста беше од една страна прилично предизвикувачко искуство, но од друга страна покажа дека промени можат да се постигнат доколку има вистинска заложба за нешто. Државата покажа дека слободата на собирање, здружување и изразување, ЛГБТИ луѓето можат да ја практицираат слободно, а безбедноста на парадата беше потврда за видливо придвижување кај Министерството за внатрешни работи. Од друга страна, неизбежно е да се спомене фактот што овој настан кој предизвика најголема видливост на ЛГБТИ луѓето до сега, беше проследен со зголемен говор на омраза кој за жал не беше санкциониран од истото Министерство.

Досегашната статистика и документација на индивидуални случаи кои биле згрижени во шелтер центарот – Сигурна куќа, потврдува дека семејното насилство и насилството врз основ на сексуална ориентација е доминатнтниот облик на насилство кое се јавува кај сите документирани случаи. Додека од пријавени случаи и статистики со кои раководи Хелсиншкиот Комитет за човекови права  (МХК) се покажува дека стапката на злосторства од омраза врз основа на сексуална ориентација и/или родовиот идентитет како мотив е втора листа на пријавени случаи, исто така се подига и стапката на случаи на дискриминација и социјална исклученост и несоодветен третман на ЛГБТИ младата заедница која вклучува и малолетници (16-18г). ЛГБТИ Центарот за поддршка и во 2019 година продолжи со редовно месечно известување за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во државата, а активно работеше и на известување за состојбата до меѓународни организации и мрежи.

Во 2019 година Центарот воспостави две регрантинг шеми, едната за поддршка на квир млади уметници, другата за иницијативи за зголемување на видливоста и прифаќањето на ЛГБТИ луѓето. Целта на воспоставување на вакви шеми е поддршка на иницијативи на поединци, неформални групи и мали организации кои делуваат во насока на зајакнување на заедницата, унапредување на статусот на ЛГБТИ луѓето и промоција на млади квир уметници.

Целосниот извештај може да се погледне на следниот линк: Годишен извештај на ЛГБТИ Центарот за поддршка за 2019

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени