Дискусија „Стоп за хомофобијата, бифобијата и трансфобијата во Струмица“

Изминатава сабота, 18.11.2017, со почеток во 12 часот во салата на Општина Струмица, Дом на АРМ, се оддржа дискусија со наслов „Да им кажеме стоп на хомофобијата, бифобијата и трансфобијата во Струмица“. Цел на дискусијата беше да се разменат ставовите на претставниците од локалните институции во однос на правата на ЛГБТИ луѓето кои живеат во Струмица и досегашните искуства на институциите во однос на случаи во кои има прекршувања на правата на ЛГБТИ луѓето кои живеат во Стумица, дискриминацијата, случаите на говор и дела од омраза базирани на сексуална ориентација и/или родов идентитет, хомофобично и трансфобично базирано насилство и волјата на институциите во процесот на подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето и нивната заштита.

Говорници на дискусијата беа претставници на локални институции од Струмица и тоа: Г-а Нела Масалковска, преставничка на Општина Струмица, а воедно и Координаторка на телото за заштита од дискриминација и Координаторка на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените; Г-дин Славчо Тимов, заменик на Народниот правобранител во Струмица и претставник на институцијата Народен правобранител и Г-а Хризантема Рендевска, претставничка на Секторот за внатрешни работи во Струмица, а воедно и Началник на Отсекот за превенција.

Дискусијата ја модерираше Никола Велков, еден од координаторите на локалното ЛГБТИ јадро од Струмица. Дискусијата започна со претставување на надлежностите на институциите.

Г-а Масалковска ја отвори дискусијата со претставување на Координативното тело за заштита од дискриминација кое функционира во рамки на Општина Струмица. Како дел од проектот претставниците од Општина Струмица имаат поминато обуки за подобро запознавање на концептот на дискриминација, а исто така беше организирана и студиска посета во Утрехт, Холандија за размена на позитивни практики. Во рамки на проектот беше развиен и Протокол за заштита од дискриминација. Таа изјави дека до сега заштитата на ЛГБТИ луѓето од дискриминација била на ниско ниво и се надева дека со промената на власта оваа ситуација ќе се промени. Телото во моментов работи на акциски план против дискиминација. На прашањето „Дали Општина Струмица би поддржала организирање на парада во Општина Струмица?“, Г-а Масалковска одговори дека може да збори само во име на Телото за заштита од дискриминација и дека тоа ќе направи се што е во нивни ингеренции за да дадат поддршка на ЛГБТИ луѓето во Струмица. Таа исто така изјави дека Општина Струмица во моментов подготвува проект чија цел е реновирање на постоечки објект со цел обезбедување на простор што ќе можат да го користат невладини организации.

Г-дин Тимов говореше за институцијата Народен правобранител, ингеренциите на истата и кои општини спаѓаат во доменот на делување на подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Струмица. Во своето обраќање тој истакна дека Народниот правобранител има потпишано Меморандум за соработка со Проектот на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето и ја истакна волјата на институцијата да ги заштити ЛГБТИ луѓето од дискриминација, што воедно е еден од главните компоненти на делување на Народниот правобранител. Г-дин Тимов ја објасни постапката за пријавување на случаи на дискриминација кај Народниот правобранител и истакна дека според новиот Закон за Народен правобранител, институцијата покрај заштитата на човековите права исто така мора да биде и промотор на истите. Негово мислење е дека органите на државата недоволно ги заштитуваат ЛГБТИ луѓето и апелираше до ЛГБТИ заедницата да ги пријавува случаите во кои има прекршување на човековите права. Воедно посочи дека ЛГБТИ заедица треба поотворено и поупорно да настапи во борбата за слобода и еднаквост.

Г-а Рендевска како претставник на Секторот на внатрешни работи (СВР) – Струмица, својот говор го започна со тоа дека Секторот работи по концептот наречен „community policing“ што се фокусира на подобрување на соработката и доближување на работата на полицијата со членовите на заедниците. Таа образложи кои општини се во надлежност на СВР – Струмица и ја изрази отвореноста  за соработка со невладините организации кои работат во полето на човековите права и заштитата на ЛГБТИ луѓето.  Г-а Рендевска истакна дека до сега нема пријавено случаи на насилство поради сексуална ориентација и/или родов идентитет и дека тоа не значи дека истите не постојат туку дека треба да се работи повеќе на охрабрување на ЛГБТИ луѓето да ги пријавуваат случаите. На прашањето „Ако во полицијата се обрати лице кое отворено е геј, како ќе биде третирано?“ таа одговори дека полицијата не ги дели граѓаните по никаква основа и дека пред полицијата сите се еднакви, а доколку полициски службеник се однесува дискриминирачки кон некој граѓанин поради неговата сексуална ориентација и/или родов идентитет лицето веднаш треба да го пријави случајот кај Народниот правобранител или во Одделението за внатрешна контрола, професионални стандарди и криминалистички истраги при Министерството за внатрешни работи. За крај таа уште еднаш изјави дека никој не смее да дискриминира и дека за полицијата сите се еднакви!

На дискусијата беа присутни ЛГБТИ луѓе од Струмица и околината, претставници на невладините организации од Струмица и членовите на локалните ЛГБТИ јадра кои функционираат во рамки на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Дискусијата беше организирана од страна на локалното ЛГБТИ јадро од Струмица, кое функционира во рамки на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а кое повеќе од една година работи напорно на подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето кои живеат во Струмица и веќе брои повеќе од 20 луѓе. Членовите на јадрото веќе посетија неколку обуки преку кои се запознаа со основните механизми за правна и социјална заштита и организираат месечни состаноци и активности преку кои ја покажуваат солидарноста со останатите припадници на заедницата, а со тоа и креираат безбедни простори за социјализација на ЛГБТИ луѓето на локално ниво.

Дискусијата е дел од Проектот на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето, имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка, поддружница на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија во партнерство со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и ЛГБТ Јунајтед Тетово, а финансиски поддржан од УСАИД. Една од најзначајните компоненти на овој проект е децентрализација на ЛГБТИ движењето во Република Македонија односно формирање на локални ЛГБТИ јадра кои работат на заштита и промоција на човековите права на ЛГБТИ луѓето на локално ниво, во општините надвор од Скопје.

Информација за оддржаната дискусија беше проследена до јавноста од страна на локалниот медиум ТВ Канал ВИС, за кој Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка Кочо Андоновски даде своја изјава.

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени