Медицинска транзиција за време на КОВИД-19

Медицинска транзиција или терминот медицинско потврдување на род кој што се користи како замена на застарениот израз промена на пол, е процес во кој трансродовите лица го менуваат своето тело согласно својот родов идентитет со помош на хормонска терапија и хируршки интервенции. Транзицијата како процес е долг и комплексен, но и субјективен затоа што пред сè се заснова на личните потреби, очекувања и желби. Може да вклучува само хормонска терапија, хормонска терапија и една операција или пак сè.

Некои трансродови луѓе не сакаат хируршка интервенција за медицинско потврдување на родот, односно, не сакаат да ги менуваат своите тела. За луѓето кои сакаат да подлегнат на такви интервенции, здравственото осигурување (приватно или социјално) не ги покрива ваквите хируршки зафати. Овие хируршки интервенции се исто така многу скапи и нема хирурзи во Македонија кои се обучени да ги изведат истите.

Медицинската транзиција е долг и обемен процес кој не е ни најмалку лесен, ниту едноставен. Едно трансродово лице, кое одлучило да влезе во транзиција, треба да помине низ долг и макотрпен процес за да отпочне со хормонска терапија. За да се дојде до терапијата треба да се направат неколку чекори за кои е потребен медицински тим кој е сензибилизиран и е запознаен со потребите и проблемите со кои се соочуваат трансродовите луѓе кои се во транзиција, од медицински аспект. Тимот треба да се состои од матичен лекар, психијатар/психолог, ендокринолог, интернист (за транс жени), гинеколог (за транс мажи) и уролог. Првиот чекор кој треба да го нарави трансродовото лице е да посети матичен лекар и да побара закажување кај психијатар/психолог. По остварена средба со психијатар/психолог лицето добива наод и мислење. Со наодот и мислењето лицето се враќа кај матичниот лекар и бара закажување доколку сте транс жена, ви дава упат за на интернист, па тој ве упатува кај ендокринолог, а доколку сте транс маж, ви дава упат и за ендокринолог и дополнително одите на гинеколошки преглед. Од тука ендокринологот ве праќа да направите крвна слика, генетско потврдување и хормонален статус. По завршените испитувања со сите резултати се враќате кај ендокринологот по извештај за одредување на терапијата и со тој извештај се враќате кај матичниот лекар по рецепти.  На почетокот се прават контроли на 1 месец, подоцна на 3, а по 1 година се оди еднаш на 6 месеци на контрола да се следи состојбата на лицето кое отпочнало со транзиција.  Кај нас во РСМ, сè уште не постои целосен тим кој синхронизирано работи, со чие постоење целата оваа процедура ќе се олесни и воедно со таков тим истата би била побезбедна и подостапна, за што ТрансФормА – Иницијативата за заштита и унапредувања на правата на трансродовите лица во РСМ активно се залага.  Давателите на здравствени услуги мора да се обучени и сензибилизирани кога даваат услуги на трансродовите пациенти, локалните потреби на трансродовите луѓе треба да се оценат и да се имаат предвид во процесот на овозможување подостапни здравствени услуги, кои би биле прифатливи и пристапни за сите трансродови луѓе кои сакаат да отпочнат медицинско потврдување на род.

За жал, искуството покажува дека трансродовите луѓе често се изложени на стигма и дискриминација во здравствените институции во Р.С. Македонија. Кога бараат здравствена услуга, тие се често вербално малтретирани, исмејувани, дури и не им се дава услуга. Ова прави тие често да немаат пристап до здравствени услуги, што повратно негативно се одразува на нивното здравје и благосостојба.

За време на пандемијата со КОВИД-19 која го зафати целиот свет, па и нас, сите хируршки интервенции беа откажани, како и прегледите и контролите кои служат за следење на состојбата на лицето кое е во транзиција, со што ги стави во ризик и неизвесност сите кои се во овој процес. На дел од трансродовите лица кои што се обратиле во ТрансФормА, им биле откажани веќе закажаните прегледи и со тоа ги ставаат во уште покомплицирана ситуација од здравствен аспект, но и финансиски затоа што се принудени потребните хормони да ги купуваат на приватно кои и не се така ефтини.

Со оглед  на тоа дека пандемијата ги затвори границите на државата, а со тоа го отежна и увозот на лекови, дел од транс мажите останаа без потребната терапија и беа приморани да ги набавуваат преку интернет, каде цената е превисока, а за производот не ти даваат никаква гаранција, или пак да ја паузираат транзицијата, што повторно остава лоши последици по здравјето.

Доколку кај нас се достапни сите хормони кои се користат во медицинската транзиција и доколку постои таков медицински тим кој синхронизирано работи, трансродовите лица ќе имаат далеку подостапна, но и побезбедна транзиција без разлика на тоа што КОВИД пандемијата направи колапс во здравствениот систем. Здравствената криза предизвикана од КОВИД – 19 ќе помине, а проблемите за трансродовите луѓе ќе останат доколку државата не започне активно да работи на креирање здравствен систем кој ќе може да одговори на потребите на сите.

 

Автор: Предраг Јовановски

 

*Текстот не е лекториран за да се задржи неговата автентичност и јазикот на авторот

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени