Повик за експерт за подготовка на анализа со истражување за проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето

ПОВИК

за експерт за подготовка на анализа со истражување за проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето во областите на социјалната заштита, правната заштита и полициското постапување

 

Општи информации

Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на проектот „Унапредување на човековите права и слободи на ЛГБТИ лицата во Македонија“, финансиран од Мисијата на ОБСЕ во Кралството Холандија, објавува повик за изработка анализа со истражување врз основа на обработени податоци. Главната цел на проектот е да ги унапреди човековите права и слободи на ЛГБТИ луѓето во македонското општество. Проектот непрекинато обезбедува и правна помош за ЛГБТИ луѓето.

Конкретната анализа треба да содржи:

  • истражување за проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето во областите на социјалната и правната заштита и полициско постапување. Истражувањето ќе се заснова на веќе изготвена методологија од истражување спроведено на оваа тема во 2015 година, прилагодена на моменталната ситуација. За спроведување на истражувањето експертот ќе има на располагање тим кој согласно методологијата ќе ги прибира податоците преку прашалници директно од заедницата. Тимот претходно ќе добие обука од експертот.
  • врз основа на добиените податоци од горенаведеното истражување, да содржи компаративен меѓу податоците добиени од истражувањето изготвено на истата тема во 2015 година. Секаде каде тоа е возможно, експертот треба да го запази пристапот на визуелно презентирање на наодите и мерките преку примена на графикони и инфографици.
  • препораки за унапредување на правата и слободите на оваа популација.

 

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните критериуми:

  • Работно искуство во областа на истражувањето (социјална, правна заштита и полициско постапување);
  • Работно искуство од најмалку 5 години во подготовка на методологии за истражувања/анализи;
  • Работно искуство од најмалку 5 години во спроведување на истражувања/анализи;

 

Работни задачи:

  • Изработка на методологија за истражувањето/анализата прилагодена на претходно истражување;
  • Спроведување на тренинг за истражувачите кои ќе ги прибираат податоците преку прашалници;
  • Прилагодување на прашалниците кои ќе се користат за собирање на податоци;
  • Обработка на податоците добиени од прашалниците;
  • Подготовка на истражувањето/анализата врз основа на добиени податоци и деск анализа;
  • Одржување на комуникација со тимот и нивна координација заедно со координаторката на проектот;
  • Презентација на истражувањето/анализата на јавни настани;
  • Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Етички напомени

Експертот се обврзува коректно да ги наведува изворите на податоците во истражувањето. Во случаи на плагијаризам, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ги раскине склучените договори и ќе бара поврат на средствата уплатени за истражувањето.

Спроведување на активностите

За спроведување на активноста од овој повик предвиден е надоместок во бруто износ од 3750 евра за целокупниот ангажман во денарска противвредност согласно курсот на донаторот за овој проект. Исплаќањето ќе се врши во две рати, од кои првата откако ќе се одобри план за работа од страна на проектниот тим, а втората по завршувањето на финалната анализа. Сите останати активности поврзани со спроведувањето на анализата (како на пример патни трошоци) се вклучени во вкупниот износ и паѓаат на товар на спроведувачот експерт.

Финалната анализа треба да биде изготвена до 01.02.2021 година.

Начин на пријавување и избор

За пријавување кандидатот треба да достави:

  • Професионална биографија со вклучени референци за претходни истражувања. Биографијата без листи на публикации не треба да надминува две страници (А4 формат) не сметајќи ги референците.
  • Предлог на разработена методологија за спроведување на истражувањето. Предлог-методологијата не треба да надминува три страници (А4 формат, фонт 12 проред 1.15) и треба да содржи јасна методологија по чекори; подготовка на анкетен прашалник; динамика и план за интерпретација на податоци.
  • Предлог на акционен план. Предлог-акциониот план не треба да надминува една страница (А4 формат, фонт 12 проред 1.15).

Документите за пријавување кандидатите можат да ги достават на е-маил адресата helkom@mhc.org.mk и jovana.jovanovska@mhc.org.mk најдоцна до 24.07.2020 година со назнака „Повик за експерт за подготовка на анализа со истражување за проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето“. За сите дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведените меил адреси, како и телефонскиот број +389 2/3119-073. Изборот ќе се врши врз основа на искуството, понудената методологија и акциониот план од страна на кандидатите.

Овој повик може да се преземе во пдф формат подолу:

Повик-за-подготовка-на-анализа-со-истражување-за-ЛГБТИ

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени