Поддршка на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација

Гласај за еднаквост и недискриминација!

Поддршка на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација

Во пресрет на донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, како организации коишто здружено работат на надминување на дискриминацијата кон ЛГБТИ-луѓето во нашето општество, би сакале да го изразиме нашето задоволство од новото законско решение.

Конечно, текстот на законот изречно ги содржи сексуалната ориетација и родовиот идентитет како дискриминациски основи, што за нас значи исполнување на едно од основните барања на ЛГБТИ заедницата. Воедно, претставува исполнување на обврските што Република Македонија ги има преземено пред меѓународите и регионалните тела за човекови права, вклучувајќи ја Европската Унија, Совет на Европа и комитетите на Организацијата на Обединетите Нации. Со тоа, државата ќе покаже политичка волја за афирмација на основните човекови права и нивна заштита и промоција.

ЛГБТИ заедницата е една од најмаргинализираните заедници во општеството која често е мета на насилство и дискриминација. Од друга страна, немаме ефикасни механизми за заштита и превенција од дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација, особено со последниот состав е непрофесионално и пристрасно тело кое не ги исполнува ни минималните стандарди за телата за еднаквост. Дури и во очигледни случаи на дискриминација, каде што другите институции и тела за еднаквост утврдиле дискриминација, Комисијата не утврдила. Европската Унија редовно и забележуваше на Република Македонија дека Комисијата е недоволно ефикасна, професионална и независна институција. Од тие причини, новиот закон предвидува формирање на професионализирана и независна комисија за спречување и заштита од дискриминација. Членовите на Комисијата ќе имаат статус на именувани лица кои функцијата ја извршуваат професионално и таа ќе биде неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место. Дополнително, критериумите за избор на нејзините членови ќе бидат повисоки во однос на критериумите кои ги предвидува постоечкиот закон и кои овозможија во комисијата да членуваат лица кои воопшто немаат искуство од областа на човековите права, но имаат искуство во ширење на говор на омраза.

Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата ги повикува пратениците од сите политички партии да гласаат за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и заедно да градиме свет на еднаквост и недискриминација.

Скопје 29.6.2018

Лице за контакт: Драгана Дрндаревска 078200675

Росана Јаневска 071464019

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени