Поимник

ЛЕЗБИЈКИ

Поим – Поимот лезбијка се однесува на оние жени чија сексуална, емотивна, афективна привлечност е главно насочена кон лица од ист пол. „Буч“ е погрден збор со кој се именуваат лезбијките со нагласени (родово стереотипни) машки одлики, гестови и однесувања. Со значењето кој го носи овој збор се изразуваат хетеросексистичките стереотипи за лезбијките, но во исто време и стереотипните претстави по однос на родот. „Липстик лезбијки“ или „фем“, се поими со кои се именуваат лезбијките со нагласени (родово стереотипни) женски одлики гестови и однесувања.

Потекло на поимот – Зборот „лезбијка“ доаѓа од грчкиот остров Лезбос на кој што живеела Сафо, познат поет од 6-тиот век. На Лезбос живееле млади девојки кои што биле под менторство на Сафо за нивното културно издигнување. Поезијата на Сафо била посветена на девојките кои живееле на островот, нивното секојдневие, нивните релации и ритуали. Се фокусирала најмногу на нивната убавината и ја изјавувала љубовта за своите девојки.

Документирано е и користење на поимот Лезбијство за опис на еротска врска меѓу жени во 1870 година, кој што бил синоним на Сафизам.

Во 1890 терминот за прв пат бил спомнат во медицински речник во својство на придавка како објаснување на поимот трибадизам како лезбијска љубов: сексуално дејствување на две жени преку симулација на односи.

ЛГБТИ движењето е составено од одредени моменти во историјата кои се битни за сите пресврти во културно општествениот живот на ЛГБТИ популацијата. Лезбијската историја посебно Лезбијскиот феминизам се битни движења кои со време ги омекнувале ланците на патријархализмот. Сепак, во документите многу поретко се зборува за лезбијската историја и влијание поради фокусирањето на експертите на геј движењето. Но, тоа не значи дека лезбијската историја и влијание не постојат и се небитни, така што на следниот линк ќе можете да ја погледнете анализата на професор Естер Нјутн. http://sitemaker.umich.edu/lesbian.history/home

ГЕЈ МАЖИ

Поим – Поимот „геј“ се однесува на оние мажи чија сексуална, емотивна, афективна привлечност е главно насочена кон лица од ист пол. „Педер“ е термин кој најчесто се употребува со погрдно, навредливо значење, а се користи во хомофобични констелации во кои се омаловажуваат и дискриминираат мажите хомосексуалци. Во последно време со развојот на „квир“ концептот и политичкото движење, овој термин намерно се користи од страна на самите хомосексуалци во самоименувањето, а со цел да му се придаде ново значење и вредност, да се испразни од погрдните значења, и преземајќи сé во нов контекст за политички/активистички цели да се изрази гордоста со сопствениот идентитет и да се отфрли срамот што го носи овој термин.

Потекло на поимот – Терминот „геј“ оригинално се користел за да се опише чувство на среќа и безгрижност. Забележана е употреба на терминот во негативна конотација уште во 1673 година кога требало да се опише нешто што е неморално. Како референца на хомосексуалноста терминот „геј“ се употребува уште 19 век, но употребата на терминот се зголемува во 20 век. Во модерно време, „геј“се користи како придавка и како именка реферирајќи на лицата (особено мажите), практиките и културата поврзана со хомосексуалноста. При крајот на 20 век, терминот „геј“ се употребува од страна на мнозинството на ЛГБТ групации за да се опишат лица кои ги привлекува истиот пол. Во истиот период се раширува и пејоративната употреба на терминот за да се посочи нешто глупаво („Тоа е толку геј”). Во оваа смисла „геј“ не се употребува во значење на хомосексуалност, туку се користи кога се реферира на објект или апстрактен концепт што не се одобрува. Оваа употреба исто така реферира на слабост и немажественост. Оваа употреба на терминот многу пати е дебатирана и строго критикувана.

БИСЕКСУАЛЦИ

Бисексуалци се лица кои сексуално, емотивно и афективно се привлекувани од двата пола. Бисексуалноста е една од трите сексуални ориентации според најголемата класификација на сексуални ориентации: хомосексуалност, хетеросексуалност и бисексуалност. Кованицата „бисексуалност“ потекнува од 19 век и во буквален превод значи привлечност кон двата пола.

ТРАНСРОДОВИ ЛИЦА 

Групата за поддршка на транс лицата е основана на почетокот на 2012 година. Помеѓу одржувањето на средбите, организаторите одлучија самостојно да подготват мал практичен прирачник со важни информации за кои членовите на групата се изјаснија дека се потребни. Првата верзија од прирачникот беше распределена меѓу учесниците на средбите. Прирачникот се наоѓа во фаза на понатамошна изработка, се проширува паралелно со растот на можностите и капацитетите.

Групата нуди повеќе различни видови на поддршка: Од непосредни дискусии и одговори на конкретни прашања, до психолошка поддршка, реферирање до здравствените работници, давање на линкови од други релевантни веб-сајтови, проекции на филмови и дискусии за книги во вид на едукативни работилници итн.

Центарот ќе направи напори овие групи да се одржуваат почесто, со цел давање поддршка на поединците во нивните случаи, а со тоа и потемелно навлегување во проблематиката и создавање услови за добивање на сите услуги кои транс луѓето треба да ги добијат како рамноправни граѓани.

ИНТЕРСЕКСУАЛНИ ЛИЦА 

Интерсексуална личност е личност родена со гениталии и репродуктивни органи кои не можат да се дефинираат ниту како типично машки, ниту како типично женски. Најголем дел од интерсексуалните личности се жртви на непотребни хирушки интервенции и хормонални терапии извршувани најчесто без нивна согласност. Во минатото за интерсексуалните луѓе се користел терминот хермафродит кој и денес се употребува, но се смета за неадекватен и навредлив. Секоја година илјадници деца се раѓаат со неодредени гениталии кои хирурзите често ги преобликуваат без знаење и согласност на родителите. Најчесто преобликувањето на гениталиите подразбира правење на примарно женски полови карактеристики, што може да резултира во емоционални трауми и губење на чувствителност и неможност да се доживее оргазам.

ДЕФИНИЦИСКИ РАЗГРАНИЧУВАЊА

Биолошки пол е категорија која се однесува на физичките карактеристики на лицето: репродуктивниот систем, генетската структура итн.

Родовиот идентитет се однесува на личната идентификација на едно лице, кој може но не мора да се совпаѓа со биолошкиот пол на лицето. Доколку полот и родот се совпаѓаат, се работи за цисродово лице, а доколку не се совпаѓаат на кој било начин, се работи за трансродово лице. Оттука, трансродово лице е лице чиј родов идентитет на кој било начин отстапува од воспоставените општествени норми.

Трансродовите лица опфаќаат неколку групи на лица, освен основната дефиниција на несовпаѓање меѓу полот и родовиот идентитет. Тука спаѓаат и транссексуалните лица, кои сакаат да направат одредени медицински промени на своето тело со цел тоа повеќе да одговара на нивниот родов идентитет. Транссексуалните лица можат да бидат ЖкМ (female-to-male, женско-кон-машко или транс мажи, лица со родов идентитет на маж) и МкЖ (male-to-female, машко-кон-женско или транс жени, лица со родов идентитет на жена).

Понатаму, во групата на трансродови лица спаѓаат и крос-дресерите (cross-dressers), а тоа се луѓе кои понекогаш облекуваат алишта кои се типични за спротивниот пол, а ова однесување не е поврзано со сексуалната ориентација. Потоа имаме и родово квир (genderqueer) лица, кои за себе сметаат дека не спаѓаат во ниедна од одредените групи и не сакаат етикетирање.

Понатаму, постојат двородови лица (bigender) кои се идентификуваат и со машкиот и со женскиот род, како и безродови лица (genderless) кои не се идентификуваат со ниту еден род.

Сексуалната ориентација на овие лица не се одредува според нивниот биолошки пол, туку според нивниот родов идентитет.

Родовото изразување опфаќа секаков вид на изразување на родовиот идентитет: облекување, гестови, начин на зборување и друго.