Препораки за подобрување на ЛГБТИ правата во третиот УПР

Република Македонија доби препораки за подобрување на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето како дел од извештајот од третиот периодичен преглед (УПР) за состојбата со човековите права за Република Македонија. Извештајот беше усвоен на 32-рата седница на работната група при Советот за човекови права на Обединетите Нации.

Целосниот извештај содржи 169 препораки на десетина теми/прашања, од кои 14 се однесуваат на ЛГБТИ прашања и се во насока на подобрување на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во земјата. Во таа насока, Советот препорачува да се усвои новата легислатива за заштита од дискриминација без понатамошно одложување и да се преземат сите чекори за целосна имплементација на законот со кој се забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Во таа насока, треба да продолжат напорите за елиминирање на сите форми на дискриминација со усвојување на соодветни законски измени.

Посебен акцент во препораките е ставен на борбата против говорот на омраза, во интернет просторот и надвор од него, како и усвојување на законски решенија согласно меѓународните стандарди за дела од омраза против малцинствата, вклучувајќи ги ЛГБТИ луѓето. Советот препорачува да се преземат понатамошни чекори за ефективна истрага и процесирање на говорот на омраза и злосторствата од омраза кон ранливите групи.

Во насока на справување со дискриминацијата против жените и ЛГБТИ луѓето, се препорачува отстранување на дискриминаторските содржини за родот и родовиот идентитет во учебниците за средно и високо образование.

Во однос на генералните препораки за зајакнување  на правата на ЛГБТИ луѓето, Советот препорачува да се преземат соодветни мерки за превенција и борба против сите форми на дискриминација и усогласување на националната антидискриминаторска легислатива со меѓународните стандарди, особено преку зголемување на напорите за заштита на ЛГБТИ луѓето.

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени