Придвижување: Две мериторни Решенија од Управниот суд за утврдување на промена на пол во матичната евиденција

 

Две трансродови лица во наредните денови треба да добијат нови матични броеви.

Управниот суд на Република Македонија во една недела донесе две мериторни Решенија за промена на пол во матичната евиденција. Судот донесе Решенија со кои утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во Матичната книга  на родени и да ги поништи сегашните матични броеви. Двете Решенија се донесени на јавни седници на Судот.

Првата постапка ја водеше адвокат Жарко Хаџи Зафиров од адвокатското друштво „Бона Фиде“, како дел од тимот на Македонското здржение на млади правници, каде лицето тужител се обратило за правна помош. По промената на податоци во матичната евиденција,  Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од 3 (три) дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според  фактички извршената промена на пол кај трансродово лице, известуваат од МЗМП[1]. Постапката траела околу една и пол година.

Втората постапка ја водеше Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, и траела од 2014 година бидејќи Управата за водење на матични книги и Министерството за правда ги одбивала барањата без основано образложение. Во меѓувреме, трансродовата жена се соочувала со секојдневни проблеми во остварувањето на нејзините права. Неусогласеноста на податоците во личната карта со нејзиниот изглед и личното име ја доведувале во непријатни и понижувачки околности во различни институции, постојано биле принудена да објаснува за сопствениот идентитет во присутво на трети и непознати лица. Како на пример, при посета на лекар, преминување на граница, на шалтер во банка, во јавен транспорт и друго.

Според Наташа Бошкова, правната советничка од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ која и како адвокатка го водеше случајот пред Управниот суд, ваквото решение на Судот ќе ги охрабри трансродовите лица да ги бараат своите права пред институциите.[2]

ЛГБТИ Центарот за поддршка ги поздравува одлуките на Управниот суд и апелира Управата за водење на матична евиденција и МВР веднаш и без одлагање да постапат по наодите на Судот. Решенијата одат во согласност со праксата на Европскиот суд на човекови права во Стразбур, која укажува дека правото на правна промена на полот е зашититено со членот 8 од Конвенцијата кој го гарантира правото на приватен живот.

Во оваа насока, ги охрабруваме надлежните институции да воспостават јасни практики за правното признавање на полот, нешто што е константно нагласувано во минатото а е наведено и како еден од приоритетите во Предлозите и препораки за програмата на Владата кои Хелсиншкиот комитет – ЛГБТИ Центарот за поддршка неодамна ги поднесе.

 

[1] http://myla.org.mk/%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B5%D1%81%D0%B5%D0%BD%D0%BE-%D1%80%D0%B5%D1%88%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5-%D0%B7%D0%B0-%D1%83%D1%82%D0%B2%D1%80%D0%B4%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%BE/

[2] http://coalition.org.mk/transrodova-zhena-dobi-sluchaj-pred-upravniot-sud-na-republika-makedonija/

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени