Трансродовата заедница и ХИВ

Поимот ТРАНСРОДОВИ ЛИЦА се однесува на луѓе чиј родов идентитет и изразување се различни од социјалните очекувања за нивниот биолошки пол кога се раѓаат. Трансродовите луѓе се често социјално, економски, политички и законски маргинализирани. Дискриминацијата против трансродовите луѓе може да потекнува од различни форми стигма поврзана со родовиот идентитет, родовиот израз и сексуалната ориентација.

На глобално ниво, само 39% од земјите известиле дека во своите национални стратегии за ХИВ/СИДА адресираат трансродови луѓе, меѓутоа многу често податоците од истражувањата за ХИВ кои ги вклучуваат трансродовите луѓе не успеваат да ги разделат податоците според родовиот идентитет или имаат премали примероци и затоа не можеме премногу да се потпреме на нив.

Во РСМ постои неформална група  ТрансФормА која гласно говори за проблемите со кои се соочуваат трансродовите лица и бараат одговори и решенија од институциите, носителите на одлуки и пошироката заедница.  Иако ставовите почнуваат да се менуваат, во нашата земја сè уште не постои правна заштита која на оваа група и обезбедува еднаков пристап до здравствени услуги, вработувања, образование и социјални услуги.

Најголемиот проблем со кој се соочува трансродовата заедница е правното (не)признавање на родот кој повлекува низа други проблеми од сите животни аспекти вклучувајќи ја и здравствената заштита . Немањето соодветни документи за родова идентификација го ограничува пристапот до голем број услуги, како на пример здравствени сервиси, ХИВ тестирање, образование, вклучително и вработување и гласачки права. Повеќето законски надлежности не пружаат ефикасна и применлива законска заштита против ваквата дискриминација. Затоа, стигмата, дискриминацијата и немањето законски и родово соодветни документи за идентификација ги исклучуваат повеќето трансродови лица од било какво граѓанско учество, им ги ограничуваат економските можности и резултираат со сиромаштија и маргинализација кои ја зголемуваат нивната ранливост на ХИВ. Новите податоци укажуваат на тоа дека трансродовите луѓе го одложуваат здравствениот третман поради дискриминација. Кога бараат здравствена услуга, тие се често малтретирани, исмејувани, дури и не им се дава услуга. Многу малку даватели на здравствени услуги имаат соодветна обука за здравствените потреби на трансродовите луѓе, па затоа и се неподготвени да одговорат конкретно на нивните здравствени потреби. Негативните ставови на давателите на здравствени услуги кон трансродовите луѓе исто така го ограничуваат квалитетот на здравствените услуги.

И покрај тоа што товарот од ХИВ е особено висок кај трансродовите жени, сепак трансродовите луѓе имаат цел спектар здравствени и социјални проблеми, а ХИВ е само еден од нив. За многу трансродови луѓе, процесот на транзиција со кој го усогласуваат нивното тело со идентитетот е приоритетен наспрема услугите за ХИВ превенција и третман. Давателите на здравствени услуги мора де се обучени во смисла на културолошка и медицинска компетенција кога даваат услуги на трансродовите пациенти. Локалните потреби на трансродовите луѓе треба да се оценат и да се имаат предвид во процесот на овозможување подостапни здравствени услуги, кои би биле прифатливи и пристапни за трансродовите луѓе. За многу трансродови луѓе првата влезна точка во здравствениот систем се услугите за сексуално и репродуктивно здравје што ги нудат граѓанските организации, меѓутоа и тука пристапот на трансродовите лица е ограничен. Имено, во ниту еден од овие сервиси не се вклучени услуги на уролог и ендокринолог кои се од суштинска важност за здравјето на трансродовите лица. Вон рамките на здравствениот сектор, поголемата видливост на трансродовите луѓе може да придонесе за нивно подобро разбирање и прифаќање во јавноста. Потребни се кампањи против стигма кои ги поддржуваат достоинството и човековите права на трансродовите луѓе. Овој циклус би можел да се адресира преку реформи во социјалните и здравствени сервиси. Трансродовите луѓе би можеле да го предводат процесот на поттикнување на заедницата преку вклучување и мобилизирање членови од нивната заедница со цел да изнајдат решенија за нивните колективни проблеми и да ги застапуваат нивните човекови права. Учеството и партнерството со организации и мрежи предводени од заедницата во планирањето, имплементацијата, мониторингот и евалуацијата на активностите е од суштинско значење за да се подобри давањето ХИВ услуги за трансродовите луѓе. Интервенциите за ХИВ превенција, грижа и третман се поефикасни и поодржливи кога се спроведени во рамките на поттикната мрежа.

„ХИВ И РОД“ претставува документ кој е изработен од самата заедница на трансродови лица во Република Северна Македонија. Неформалната иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија – ТрансФормА во соработка со СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот спроведе обука за потребите на трансродовите луѓе.  На оваа обука се дискутираше за нивните потреби и проблеми во врска со прашања поврзани со ХИВ и пристапот здравствени услуги во Република Северна Македонија. Од оваа обука произлезе документ „ХИВ и РОД“ – документ за барањата и потребите на трансродовите луѓе во однос на ХИВ превенција во Р.С. Македонија.

ТрансФормА во соработка со СТАР-Прв Колектив на Сексуални Работници на Балканот изработија кратко видео за застапување кое ги истакнува приоритетните потреби на трансродовите лица во врска со ХИВ и здравствените услуги. Видеото може да го погледнете на следниот линк:

https://www.youtube.com/watch?v=EylS9Gusb5o

 

Автор: Предраг Јовановски

 

*Текстот не е лекториран за да се задржи неговата автентичност и јазикот на авторот

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени