Четири интергрупи од Европскиот Парламент со заеднички повик до Владата на РСМ за усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Четири интергрупи од Европскиот Парламент денес испратија повик и барање до Владата на Република Северна Македонија за усвојување на Законот за спречување и заштита од диркриминација. Во писмото интергрупите од Европскиот Парламент го поздравија вклучувањето на овој закон во владината програма, но изразија дека ја поттикнуваат Владата на РСМ да ја оствари политичката заложба за негово усвојување што побргу и да осигура дека телото за негово спроведување – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација – ќе се формира во законската временска рамка веднаш по повторното усвојување на законот. Меѓу интергрупите се ЕП Интергрупата за ЛГБТИ права, ЕП Интергрупата за Анти-расизам и диверзитет, ЕП Интергрупата за попреченост и ЕП Интер групата за правата на детето. Целосното писмо во продолжение:

 

Премиер на Северна МакедонијаЗоран Заев

Вицепремиер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби

Министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска

Брисел, 4 септември 2020 година

 

Почитуван премиере на Република Северна Македонија, Зоран Заев,
Почитуван вицепремиере за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби,
Почитувана министерке за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска,

Ние, долупотпишаните европратеници, би сакале да Ви честитаме за Вашите неодамнешни успешни парламентарни избори и со нетрпение очекуваме да работиме со влада која ќе го унапреди проспериретот на Северна Македонија и нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ, особено во однос на демократијата, владеење на правото и темелните права. Во оваа насока, ние би сакале да ја искористиме оваа можност да ја изразиме нашата благодарност за тоа што неодамна укинатиот Закон за спречување и заштита од дискриминација (укинат од Уставниот суд на Република Северна Македонија во мај поради техничка причина) е меѓу еден од приоритетите на новата влада во следните месеци.

Укинувањето на овој закон значи дека Репулика Северна Македонија во моментов не обезбедува доволна заштита од дискриминација за сите нејзини граѓани и граѓанки. Како членови на Интергрупите на Европскиот парламент за ЛГБТИ права, Анти-расизам и различност, Попреченост и Правата на децата, особено сме загрижени дека сегашното отсуство на законодавство негативно влијае на најмногу маргинализираните луѓе во општеството, како што се Ромите, ЛГБТИ луѓето, жените, луѓето кои живеат во сиромаштија, луѓето со посебни потреби и религиозните малцинства.

Овој закон, кој беше одобрен од национални експерти и активисти по долги години неуморна работа, и беше пофален од Венецијанската комисија, Обединетите нации, Европската унија и ОБСЕ-ОДИХР, беше пример за заштита од дискриминација за сите граѓани и граѓанки. Уште повеќе, Законот обезбедува заштита од дискриминација врз голем број на основи, што пак ги исполнува обврските неопходни за продолжување на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Овој закон е исто така предмет на Декларација за приоритетно усвојување потпишана од повеќе партии и граѓански организации во Република Северна Македонија.

Со оглед на важноста на оваа материја и фактот што укинувањето ги остави овие групи незаштитени, веруваме дека ситуацијата е од најголема итност. Следствено, го поздравуваме додавањето на овој закон во владината програма и ве поттикнуваме да ја остварите политичката заложба за негово усвојување што побргу, и да осигурате дека телото за негово спроведување – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација – ќе се формира во законската временска рамка веднаш по повторното усвојување на законот.

Конечно, со нетрпение очекуваме да соработуваме со новата влада за време на нејзиниот пристап кон ЕУ во врска со сите прашања што се однесуваат на еднаквоста.

Со почит,

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени