ПОВИК ЗА УЧЕСНИЦИ НА ШКОЛА ЗА РОД, СЕКСУАЛНОСТИ, КУЛТУРА И ПОЛИТИКА

ПОВИК

за учесници на
Школа за Род, Сексуалности, Култура и Политика

 

Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” во партнерство со ЛГБТИ центарот за поддршка и ЛГБТ Јунајтед Тетово, објавува повик за учество на Школа за Род, Сексуалности, Култура и Политика.

Организирањето на школата има за цел да го зголеми знаењето на учесниците на школата за различните истории, стратегии и контексти на борбите за родова и сексуална еднаквост, како и за главните концепти, методологии и критички алатки развиени во рамки на родовите студии, феминизмот и квир студиите и квир културните практики.  Целта на школата е да им понуди алатки на ЛГБТИ со кои ќе можат критички да ги анализираат современите социо-културни и политички стратегии на репрезентација, продукција на знаење и односи на моќ, да ги препознаат изворите на нееднаквост, развиваат нови и иновативни стратегии на отпор, да го промислуваат својот идентитет и да ги предизвикаат хегемониските културни политики на хетеронормативноста.

Во рамки на курсот, учесниците ќе се стекнат со знаења за:

  • Општествената конструкција на родовите и сексуалните идентитети,
  • Репрезентациите на родот и сексуалноста во поп културата и медиумите,
  • Основните струи и концепти во квир теоријата и родовите студии,
  • Антрополошките студии и аспекти на родот и сексуалноста,
  • Визуелната култура/уметности, и репрезентацијата на родот и сексуалноста,
  • Интерсекционалните и постколонијални пристапи во анализата на родот и сексуалноста,
  • Историските, стратешките и концептуални испресекувања на квир теоријата и феминизмот, и
  • Родовата и сексуалната еднаквост во меѓународното и националното право.

 

Школата ќе се одржува во периодот од 3-ти ноември до 17-ти декември, во текот на викендите, во Скопје. Присуството на предавањата и работилниците ќе биде задолжително за сите избрани учесници.

Предавањата и работилниците на курсот ќе ги водат: проф. Ана Мартиновска, проф. Слободанка Мартовска, проф. Јелисавета Благојевиќ (Срб), проф. Елизабета Шелева, проф. Сузана Милевска, Лина Ќостарова Унковска, Наташа Бошкова, Ирена Цветковиќ и Славчо Димитров.

За потребите на школата, активно следење на предавањата и учество во дискусиите и работилниците, учесниците ќе бидат обезбедени со сите потребни материјали и читанки со клучни текстови. Со цел да се креира простор за апликација и материјализација на стекнатите знаења, учесниците на крајот од курсот ќе треба да произведат дело за чијашто форма и содржина ќе одлучат во текот на курсот, заеднички.

 

Постапка за пријавување:

Заитересираните лица треба да достават кратко мотивационо писмо за учество на Курсот (максимум 1 страна) на е-пошта: slavco.coalition@gmail.com, најдоцна до 29.10.2017.

Во писмото апликантите треба накратко да го објаснат својот мотив за пријавување на оваа Школа, своето досегашно искуство и познавања во темите покриени со Школата, како и очекувањата од Школата.

* Од апликантите се очекува посветеност и редовно учество на сите предавања и работилници во периодот на одржување на курсот!

Конечните резултати од изборот на учесниците ќе бидат објавени на 30.10.2017.

За учесниците од другите градови од републиката ќе бидат покриени патните трошоци, како и трошоците за сместување и оброци.

Предност во селекцијата на учесниците во курсот ќе имаат лицата од ЛГБТИ заедницата, но повикот е отворен и за сите лица кои се идентификуваат во квир спектарот, или пак лица кои едноставно имаат интерес и желба за квир теми и родовите студии. Бројот на учесници е ограничен на максимум 15 лица.

Школата за род, сексуалности, култура и политика е дел од “Проект на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија”.

*Содржината на повикот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на УСАИД или Владата на САД.

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени