Северна Македонија ги има реализирано човековите права на ЛГБТИ луѓето во 25%

ИЛГА Европа денес ја објави Rainbow мапата и индексот кои даваат слика за тоа како изгледа Европа во поглед на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето. Прегледот на состојбата се прави на вкупно 49 држави, меѓу кои и Северна Македонија. По објава на целосен извештај во кој се содржани делови за секоја држава, ИЛГА Европа објавува и Rainbow мапа на која се прикажани степените на реализација на човековите права по одделни области. Оваа година проценката е дека Северна Македонија ги има реализирано човековите права на ЛГБТИ луѓето во 25%, за разлика од лани кога проценката беше на 16%.  За споредба, другите балкански земји имаат генерално повисок процент на реализација со 35% во Косово, 37% во Босна и Херцеговина, 48% во Грција, 62% во Црна Гора. Бугарија е единствената балканска држава која се наоѓа зад Северна Македонија со 20%.Оваа година мапата и индексот воедно откриваат дека некогаш водечките земји во Европа заостануваат во своите обврски за еднаквост за ЛГБТИ луѓето.

Северна Македонија стекна нови поени со одржувањето на првата Парада на гордоста, како и со унапредување на законските решенија во областа на дискриминацијата, образованието, здравството и социјалната заштита со внесување на антидискриминаторски одредби кои се однесуваат експлицитно на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет.

Мапата и индексот „Виножито“ даваат слика за тоа како изгледа состојбата во моментов, додека препораките специфични за секоја земја се обидуваат да одговорат на прашањето „што е следно?“ Овие препораки се наменети за националните креатори на политики и имаат за цел да ги охрабрат креаторите на политиките да се справат со најгорливите законски и политички приоритети во рамките на оваа мапа. Препораките се подготвени во консултација со широк спектар на ЛГБТИ организации од земјите кои се дел од мапата и се прилагодени на потребите на активистите кои работат на терен.

Целосната мапа е достапна на следниот линк: https://www.ilga-europe.org/resources/news/latest-news/rainbow-map-2020-points-make-or-break-moment-lgbti-rights-europe

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени