ГРУПА ЗА ПОДДРШКА: Родители на ЛГБТИ деца – Не сте сами!

 

Визија: Ние, родителите, семејствата и пријателите  на лејзбејки, геј мажи, бисексуалци, трансродови лица и сите припадници на ЛГБТИ заедницата, ја славиме различноста и имаме визија за општество во кое сите се прифатени, вклучително и тие со различни сексуални ориентации и родов идентитет. Со почит, разбирање и еднаквост ќе го достигнеме нашиот целосен потенцијал како човечки суштества, индивидуално и колективно. ЛГБТИ Центарот за поддршка посакува добредојде на сите кои сакаат да учествуваат, да подржуваат и се надеваат дека оваа визија ќе се реализира. 

Мисијата на ЛГБТИ Центарот за поддршка е зајакнување на ЛГБТИ заедницата за самозастапување, како и менување на правнот и социјален статус на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија.

Поимник: Со цел подобро да се разберат сите термини споменати во овој текст, ние го склопивме овој поимник. Се надеваме дека разјаснувањето на основните поими ќе им биде од корист на сите родители, семејства, пријатели и ЛГБТИ луѓе во мисијата на прифаќање, еднаквост, слобода и љубов. 


Моето дете е лезбејка, геј, бисексуалец, трансродово лице, што сега?

Голем број на родители не се подготвени за зборовите „Мамо, тато, јас сум геј.“ Ако сте родител на дете кое е ЛГБТИ, значајно е да ја сфатите важноста на вашата прва реакција и како таа може да влијае врз вашето дете и неговата иднина. 

Многу млади луѓе имаат проблем отворено да зборуваат за својата сексуална ориентација и родов идентитет со семејството поради стигмата и недоразбирањата кои неретко се шират кога станува збор за ЛГБТИ луѓето. Последното истражувања на темата направено од страна на Коалиција Маргини, со име – „Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ- младите на 13 и 15 години во Северна Македонија“, покажуваат дека осудувањето, создавањето чувство на вина и неприпадност, како и притисокот да се крие сексуалниот и родовиот идентитет, го зголемува ризикот од депресија, желба за самоубиство, користење нелегални дроги и ризични однесувања кај младите. 

ЛГБТИ Центарот е секогаш тука за сите родители кои сакаат да се информираат, да споделат искуства и подобро да ја разберат сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на детето со цел да реагираат со поддршка и во интерес на здравје и среќа на нивното дете. 

Нашите членови се родителите, семејствата и пријателите на ЛГБТИ лица, а и самите ЛГБТИ лица. Тоа значи една група со разнолики политички, религиозни и културолишки перспективи. Доколку имате потреба, слободно и без било каква осуда, да разговарате за она низ што поминувате и да слушнете други перспективи и искуства, ЛГБТИ Центарот ви стои на располагање. Може да испратите е-пошта на roditeli@lgbti.mk за да се поврзете со други родители кои поминуваат или поминале низ процесот на прифаќање и поддршка на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на нивното дете, со кои безбедно може да ги споделите вашите искуства, чувства и прашања. 

Сега кога знаете или мислите дека вашето дете е ЛГБТИ, важно е запомните неколку работи кои ќе ви помогнат да се справите сo она што го чувствувате, без разлика дали е позитивно или негативно и да преземете активности кои ќе го подобрат вашиот живот, животот на вашето дете и вашата врска, комуникација и разбирање.

Секоја реакција е различна и валидна

Не постои една реакција кога луѓето дознаваат дека нивното дете е ЛГБТИ. Нема правилна реакција или погрешна реакција. Вашиот одговор е важен, но не треба да се срамите без разлика како се чувствувате на почетокот.

Некои луѓе чувствуваат страв за безбедноста на нивниот близок, некои чувствуваат вина, некои тага затоа што не знаеле, или бес затоа што нивното дете не им кажало порано. Други пак, ќе бидат среќни затоа што детето се отворило пред нив, или ќе им олесни затоа што знаат што било тоа што го мачело нивното дете. 

Сите овие чувства се нормални, но вашата прва реакција е многу важна и може значително да влијае врз понатамошниот живот на вашето дете. 

Позитивната реакција и поддршката ги прават децата поздрави

Некои однесувања го намалуваат ризикот од физички и психички проблеми кај вашето дете. Ова подразбира:

  • Pазговор со вашето дете за неговиот ЛГБТИ идентитет;
  • Изразување на вашата безусловна љубов кон него;
  • Поддршка за неговиот ЛГБТИ идентитет, иако ова може да биде непријатно за некои родители, обидот за разбирање и заинтересираност за ЛГБТИ е многу важен, особено кај малолетните деца;
  • Поврзување на вашето дете со пример на возрасно лице од ЛГБТИ заедницата;
  • Поддржување на родовото изразување на вашето дете.

Негативните одговори може да предизвикаат долгорочна штета по физичкото и менталното здравје на детето. Тип на однесување кој е штетен подразбира:

  • Удирање на детето;
  • Навредувањето или иселувањето на детето од куќата;
  • Забранување на детето да има ЛГБТИ пријатели;
  • Забранет пристап до настани и едукации на темата кои можат да му помогнат;
  • Терање да се чува ЛГБТИ идентитетот како тајна и забрана за зборување за истото;
  • Вршење притисок за повеќе или помалку женствено или мажествено однесување;
  • Создавање на чувство на вина (Избегнувајте изрази како:  Господ ќе те казни и Тоа што го чувствуваш не е нормално.)

Како и да се чувствувате и која и да е вашата примарна реакција, родителите често велат дека најважно нешто е да се остане свесен за безусловната љубов која ја чувствувате за своето дете. Многумина сметаат дека процесот на прифаќање и реагирање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет на нивните деца го зближил семејството и ја направил комуникацијата меѓу нив поискрена и подлабока. 

Бидете трпеливи и имајте ги на ум, следниве работи:

Ова е процес

Знајте дека е во ред ако не е се` во ред преку ноќ. Дајте си го потребното време за да ги истражите сопствените чувства. Давањето одговор на вашето дете, учењето за ЛГБТИ проблематики, споделување на информации со вашето семејство и пријатели може да ви предизвикаат непријатни чувства, затоа дајте си време да реагирате соодветно и во интерес на вашето дете. Крајната цел би била посилна, подобра и поискрена врска со вашето дете.

Не сте сами 

Можеби се чувствувате изолирани или нервозни, разговорот со луѓе кои минале низ она што сега минувате вие ќе ви помогне. Иако не изгледа така, насекаде има ЛГБТИ лица, семејства и сојузници кои радо би ви пружиле рака. ЛГБТИ Центарот за поддршка може да ви обезбеди точни информации на темата, разговори со други родители, можност за споделување искуства, прашања и слични видови на поддршка.

Вашето дете е истата личност од времето пред да дознаете

Многу е важно да запомните дека вашето дете е истата личност. Она што се променило е вашата перцепција за вашето дете, сликата која сте ја имале за него, разбирањето кое сте мислеле дека го имате за неговиот свет. Чувството на загуба може да биде тешко на почетокот, но таа позиција може да се замени со ново и појасно разбирање на вашето дете.

Ова не е фаза

Важно е да го признаете неговиот идентитет затоа што да се биде ЛГБТИ не е фаза. Генерално, децата долго размислуваат за да стигнат до разбирање и признавање на сопствената сексуална ориентација и родов идентитет.  Ваша одговорност како родител е да го направите истото.

Вие не сте виновни

Покрај популарните мислења и предрасуди, не постои валидно истражување кое покажува дека факторите при одгледувањето на децата придонесуваат кон нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

ЛГБТИ луѓето потекнуваат од секакви видови семејства – од многу религиозни до атеистички, од конзервативни до либерални, од семејства со различна етничка припадност и економски статус. 

Сексуалниот идентитет и родовиот идентитет не можат да се променат

Секоја поголема медицинска и психијатриска асоцијација тврди дека обидот да се промени нечија сексуална ориентација или родов идентитет би бил безуспешен и може да биде штетен по менталното и физичкото здравје на детето.

Соочување со средината:

Како да продолжите понатаму

  1. Првиот и најважниот чекор кога вашето дете ќе ви каже дека е ЛГБТИ е да се обидете да ги отфрлите сите предрасуди,  погрешни предзнаења на темата и да се обидете да дојдете до точни информации кои ќе ви помогнат вам и на вашето дете.
  2. Остварете контакт со групи кои нудат поддршка и едукација.
  3. Разговарајте со други родители кои поминале низ истото и не се плашете да ги споделите вашите искуства и чувства.

Што е следно?

Бидете трпеливи со себеси и со своето дете и знајте дека секогаш имате дом во ЛГБТИ Центарот за поддршка. Љубовта користете ја како мотив да дознаете повеќе, да побарате помош и разбирање и крајно да се доближите до вашето дете и да ја зајакнете вашата врска.