Хирург кој работи со транс луѓе гостин во Центарче

Др. Мирослав Ѓорѓевиќ, кој е дел од искусниот белградски тим кој работи со транс луѓе, гостуваше во Центарче во петокот, 26ти април. Тој несебично одвои дел од своето време за да ги запознае членовите на групата за поддршка на трансродови лица во рамките на ЛГБТИ Центарот.

Др. Ѓорѓевиќ во своето долгогодишно искуство има извршено над 400 хируршки интервенции кај транс луѓето кои минуваат низ медицинските процедури во рамките на процесот на потврдување на родот. Тој самиот е голем поддржувач на транс движењето во Србија и пошироко, работи на иницијативи и се бори за донесување на закони во прилог на транс луѓето.

Присутни беа дел од членовите на групата за поддршка на транс луѓе, меѓу кои имаше и нови членови, потоа неколку психолози и повеќе поддржувачи и активисти. Тие имаа уникатна можност да поставуваат прашања, да добијат информации во врска со хируршките процедури, но и со иницијативите и законите во Србија.

Др. Ѓорѓевиќ ја изрази својата поддршка за транс и воопшто ЛГБТИ заедницата во Македонија, го поздрави фактот што постои група и и’ порача на групата, заедно со поддржувачите, да продолжат да се борат за да стигнат до потребните законски измени, додавајќи дека тој и неговиот тим стојат на располагање во однос на соработка со стручни лица и активисти од државава.

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Остави реплика