Обука на тема трансродови лица

На 30ти ноември и 1ви декември 2012 во Центарот беше одржана обука на тема трансродови лица, на која предавачи беа членови на тимот од Белград кој работи со трансродови лица. На првиот ден од обуката присуствуваа членовите на Групата за поддршка на трансродови лица, додека вториот ден беше посветен на обука на неколку стручни лица од Р. Македонија. Целта на обуката беше зајакнување на транс заедницата и создавање на стручен медицински тим кој би го овозможил почетокот на процесот на транзиција во Р. Македонија.

 

Обуката помина во опуштена и пријателска атмосфера, во која слободно можеше да се поставуваат прашања и да се дискутира. Меѓу работните делови на обуката имаше организирани паузи на кои присутните можеа да се запознаат подобро и да ја постават основата на својата идна соработка.

 

 

Членовите на групата за поддршка се стекнаа со нови знаења од областа на активизмот и само-застапувањето, кои им беа пренесени од Кристијан Ранѓеловиќ, истакнат активист од Transgender Europe. Подоцна истиот ден, присутните имаа можност да поставуваат прашања за правниот и медицинскиот дел од постапката за потврдување на родот, при што на располагање им беа Славољупка Павловиќ, правничка од Белград, како и стручните лица Јелена Зулевиќ, психолог, и др. Душица Марковиќ-Жигиќ, психијатар.

 

На вториот ден од обуката беа присутни неколку стручни лица од Македонија, меѓу кои имаше неколку психолози, еден психијатар и еден социолог. Предавачи беа Јелена Зулевиќ и Душица Марковиќ-Жигиќ, кои преку стручни презентации и давање примери од реалниот живот ги запознаа присутните со темата на стручно ниво, при што ја поставија основата за нивната идна работа со трансродовите лица во Македонија, како стручен и сензибилизиран тим кој би им овозможил на транс луѓето во Македонија да започнат со транзицијата без да мораат да патуваат во странство.

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Остави реплика