Соопштение за медиуми

По сознанијата добиени од социјалните мрежи дека денес, на 22.06.2013 ќе се оддржи некаква „КОНТРА-гејПАРАДА“, од пред Соборниот храм во Скопје, која ќе продолжи „кон собранието а потоа кон плоштадот „Македонија“ – Скопје, ја информираме јавноста дека:

 

1) На 22.06 не е организирано одржување на никаква геј-парада, туку започнува „Неделата на гордоста“, во чии рамки ќе бидат одржани повеќе настани, но ниту еден од нив не предвидува јавен марш;

2) Организаторите на оваа т.н. „Контра-гејПарада“ во својата објава за настанот отворено повикуваат на дискриминација: „Несмееме да дозволиме во нашево Скопје, во нашава МАКЕДОНИЈА да се шета кортео од гејови и лезбејки“ и најавуваат одржување на марш.

3) Во коментарите и постовите под објавата за „Контра-гејПарада“ се поттикнува отворено насилство кон ЛГБТ лицата (Меѓу коментарите имаше и отворени повици за насилство од неонацистички групи на фудбалски навивачи).

Ова не е прв случај преку социјалните мрежи да се поттикнува дискриминација, да се шири омраза и да се повикува на насилство кон ЛГБТ луѓето. И пред неколку дена, на веб портал на албански јазик исто така беше ширен говор на омраза проследен со отворени повици за насилство кон ЛГБТ лицата, и кон центарот за поддршка на ЛГБТИ во Стара Чаршија. И овој настан беше пријавен во полиција.

Го почитуваме правото на мирен протест, но притоа потенцираме дека остварувањето на ова право не смее во себе да вклучува дејствија кои повикуваат на насилство и дискриминација врз која било основа.

Ја информираме јавноста дека до МВР поднесовме пријава за поттикнување на дискриминација и насилство, против неидентификуваните организатори на „КОНТРА-гејПАРАДА“.

 
Очекуваме од МВР да ги преземе сите неопходни мерки за заштита од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и да овозможи мирно и непречено одвивање на планираните активности во „Неделата на гордоста“.

 
Воедно, ја повикуваме МПЦ да се огради од овој настан, и да ја спречи злоупотребата на верските храмови за активности кои вклучуваат ширење на омраза и нетолеранција.

Скопје, 22.06.2013

Хелсиншки комитет за човекови права – ЛГБТИ центар за поддршка и
Коалиција „сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ – Скопје

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Остави реплика