За ментално здравје во време на КОВИД 19

Ковид кризата, социјалното дистанцирање и карантинот создадоа уникатни и комплексни предизвици за различните поединци во нашето општество. Се чини дека никој не беше поштеден од чувството на изолираност, осаменост и несигурност. Ваквата новонастаната ситуација сепак успеа да поттикне една задоцнета дискусија за менталното здравје и неговото значење врз животот на луѓето. Во овој контекст се отвори и прашањето кое ги засега ЛГБТИ луѓето, како маргинализирана заедница за која неретко да се биде свој значи да се биде надвор од домот.

Да си просечен модерен човек, во ова исклучително динамично и бурно време и да бидеш изолиран само по себе предизвикува низа на негативни емоции, стрес, анксиозност, вклучувајки и паника. Кога пак сме под влијание на стравот и анксиозноста, се активира симпатичниот нервен систем и троши огромни телесни резерви на телесна енергија, со што го подготвува човековиот организам за работа во опасност. Сите имаме различен систем за преживување и користиме различни одбрамбени механизми за справување со ситуација од ваков вид. Човекот по природа е социјално суштество и токму изолацијата и ограниченоста на движење го доведуваат во непријатна состојба. Некои луѓе во ова искуството природно ќе развијат анксиозност, некои депресивност, некои суицидални или опсесивни мисли, оваа позиција е особено опасна доколку домашната атмосфера дополнително е исполнета со неприфаќање, нелагодност, омраза па дури и насилство. Ефектите врз менталното здравје на луѓето кои се идентификуваат како ЛГБТИ секојдневно се изложени на овој вид на атмосфера се негативни, непријатни и трауматични.

Ова не доаѓа како изненадување со оглед на фактот дека ЛГБТИ луѓето сѐ уште не ги уживаат истите права и слободи во нашата средина. Различните форми на дискриминација и во „нормални услови“ може да остават трајни последици врз развојот на еден млад човек. Во суштина, правото на слобода на изразување се наоѓа во основата на корпусот човекови права загарантирани со Универзалната декларација за човекови права. Секој треба да има можност да ги ужива истите права, додека секое правење разлика врз која било основа и нееднаков третман е грубо кршење на истите. За жал токму тоа е денешната реалност. Луѓето насекаде низ светот се соочуваат со нееднаквост и насилство поради тоа кого сакаат, како изгледаат или кои се. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се интегрални аспекти на тоа кои сме ние како луѓе и најмалку треба да водат кон дискриминација и злоупотреба. А сепак сѐ уште сме сведоци на преваленца во  прифаќањето и неодобрување на хомосексуалноста кои се поврзани со различни културни, демографски, психолошки и социјални фактори. Иако се забележува глобален пораст на прифаќање на луѓето кои се идентификуваат како ЛГБТИ, да се биде млад припадник на сексуално малцинство сѐ уште е голем и тежок предизвик во општество ориентирано кон хетеросексуалноста. Негативните последици и потенцијалните опасности не доаѓаат само од припадноста на сексуално малцинство туку поради дискриминација, маргинализација, и изолација кои се поврзани со идентификувањето како ЛГБТИ.  ЛГБТИ младината има поголема изложеност на ранливост кон широк спектар на здравствени, социјални и проблеми од областа на менталното здравје, како што се растројства во исхрана, сексуално преносливи болести, булинг и потешкотии во образовниот систем, присилен секс и присилна сексуална работа, како и ризик од бездомништво, како и зголемен ризик од насилство и самоубиство.

На овие проблем, одговор се обиде да даде и Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија преку спроведување на истражувањето: „Потребите и проблемите на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите и квир луѓето за време на КОВИД – 19 во Република Северна Македонија“, чии резултати и заклучоци може да ги погледнете – тука, за дополнителни информации на темата.

Вака изложени, овие факти, неминовно не предизвикуваат да помислиме кое е решениетo. Кој чекори да се преземат, од страна на една млада личност и блиското опкружување, за последиците да бидат минимални и безболни?

Најпрво, времето на изолираност корисно е да се искористи за соочување со сопствените стравови, искуство кое секако нема да биде воопшто лесно. Младите треба да се фокусираат на нивните интереси и желби, на нивниот раст и развој, да постават здрави граници и да се обидат да ги разберат своите родители. Овој процес нема да е едноставен и на многумина млади луѓе ќе им е потребна поддршка, од блиски пријатели, роднини, партнери, како и поддршка од стручни лица. Најважно е да се напомене дека нема страв и срам во барање на поддршка. Кругот на поддршка е столбот кој не прави здрави и динамични личности. Прифаќањето помага да се намали интензитетот на тоа што луѓето искусуваат како негативно. Прифаќањето на сите свои доживувања, било да се тие позитивни или негативни, претставуваат услов не само за личен раст, туку и за промена на примарните уверувања и базичната животна филозофија. На крај на денот, прифаќањето на нашите човечки слабости е голем чекор во подобрувањето на квалитетот на живот на еден човек.

За крај би сакале исто така да ги повикаме и родителите на млади ЛГБТИ луѓе, особено кога станува збор за малолетни лица, да земат активно учество во давањето поддршка, помош и разбирање. Родителите сакаат да го видат своето дете среќно, здраво и безбедно. Доколку вашето дете еден ден се идентификува како ЛГБТИ најверојатно тоа нешто што не сте го очекувале и сигурно не сте подготвени за истото, но вашата способност за справување со одбивањето и вашето прифаќање е тоа што е најважно и најбезбедно за детето. Од досегашното искуство може да се видат различни начини на справување, кога вашето дете ќе се идентификува како ЛГБТИ. Може да видиме две екстремни однесување, одбивање на детето па дури и исфрлање од дома, и славење на идентитетот на детето. Советите кои би биле наменети до родителите се однесуваат пред се на тоа да се даде доволно време на адаптација на новонастанатата ситуација, да се биде свесен за конфликтните чувства кои ќе се појават и да се побара помош во процесот на прифаќање кој може да е едно долго патување, од блиски пријатели, од родители кои го поминале истото, па дури и стручна помош, се со цел да се даде љубов, признавање и поддршка на детето.

Зорица Николова

Психолог и семеен советник

 

Може да ви се допадне Повеќе од авторот

Коментарите не се дозволени