ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, вчера на 31 октомври, го прослави својот јубилеен петти роденден во Музејот на современата уметност во Скопје.
„Преживеавме! Затоа сакавме да прославиме вечерва. Навидум мал, но за нас значаен јубилеј. Овие пет години беа предизвикувачки за нас, но и поучни, научивме многу. Два од нападите врз Центарот беа токму на роденденот. Многупати го кршеа Центарот, но не не скршија. Неказнувањето на насилниците од минатата власт беше најлошата порака, и охрабрувачка за нив. Правда мора да има за сите. Нашите закони мора да ги препознаваат кривичните дела направени од омраза заради сексуална ориентација или родов идентитет и изразување. Законот за спречување и заштита од дискриминација треба да ги препознае овие основи.“, со овие зборови се обрати Кочо Андоновски, програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, споделувајќи ја возбудата конечно да го славиме роденденот во пострежимска Македонија, но и јасно ја покажа намерата за активно вклучување на Центарот и на ЛГБTИ активистите во унапредувањето на легислативата и условите за живот на сите ЛГБТИ луѓе во земјава.
На прославата, покрај големиот број лезбејки, бисексуалки и бисексуалци, геј мажи, транс лица, покрај големиот број поддржувачи, партнери, пријатели беше и премиерот на Република Македонија, г. Зоран Заев. „ Ви ја честитам 5-годишнината од формирањето на ЛГБТИ Центарот и ве охрабрувам да бидете гласни, слободно да се изразувате и да дејствувате во насока на заштитата на правата на граѓаните.“. Тој ја истакна заложбата на Владата на Република Македонија да го усогласи домашното законодавство со меѓународните стандарди за човекови права, а прв чекор кон тоа е подготовката на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, за којшто јавната расправа е во тек. Премиерот, реферирајќи на нерасчистените напади врз ЛГБТИ Центарот испрати јасна порака: „…дека тие времиња на беззаконие, на кршење на човековите права по кој било основ се минато, затоа што Владата на Република Македонија поставува темели на држава којашто е заедничка за сите и којашто ќе се стреми да ги штити правата на секој, без разлика на какви било различности, припадност, уверувања и слично.“. Во историјата на Република Македонија ова беше прв пат премиер да присуствува на настан и отворено да даде поддршка на ЛГБТИ луѓето.
„Ова е прв роденден кој го славиме во слобода!“, со овие зборови Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човеки права, го отвори настанот. Таа пред се’ потсети во каков контекст овој Центар беше отворен и колку беше потребен: „И денес горда сум на тоа колку лезбејки, бисексуалки и бисексуалци, геј мажи и транс лица поминаа низ настаните на центарот, низ групите за поддршка, колку од нив беа дел и ги креираа програмите на центарот. Токму тие луѓе го направија Центарот тоа што е денес.“.
ЛГБТИ Центарот за поддршка беше основан за да обезбеди безбедно место и поддршка на ЛГБТИ луѓето од земјава. Во текот на изминатите пет години, во Центарот се одржаа повеќе од 150 јавни настани, дебати, читателски клубови, социјални настани, пеесетина лица добија психо-социјална или помош при остварување правна заштита, над 120 затворени сесии на групите за поддршка на геј мажи, лезбејки, бисексуалки, бисексулци и транс лица. Во овој период, се основаа 5 јадра на локално ниво, 10 луѓе го направија својот јавен каминг аут преку кампањите организирани од Центарот и над 15 јавни личности јавно застанаа со поддршка на правата на ЛГБТИ луѓето.
На прославата на роденденот на ЛГБТИ Центарот за поддршка беа споделени и постигнувањата на неодамна отворената Сигурна куќа – шелтер за ЛГБТИ луѓе, па менаџерката Елена Петровска ја истакна потребата за вклучување на локалната заедница со финансиска поддршка за обезбедување на одржливост на програмите во Сигурната куќа: „Собраните средства се директна помош во реинтеграци јата, ресоцијализацијата и обезбедувањето поквалитетен индивидуален живот на жртвите на насилство и бездомните лица од ЛГБТИ заедницата во нашата држава.“.
На прославата исто така беа доделени плакети за благодарност на поддржувачите и партнерите во работата на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Откако завршија свеченостите, беше приредена и коктел забава.
Коментарите не се дозволени
Deprecated: Function get_magic_quotes_gpc() is deprecated in /home/lgbti/public_html/old/wp-includes/formatting.php on line 4348
Deprecated: Function get_magic_quotes_gpc() is deprecated in /home/lgbti/public_html/old/wp-includes/formatting.php on line 4348
Deprecated: Function get_magic_quotes_gpc() is deprecated in /home/lgbti/public_html/old/wp-includes/formatting.php on line 4348