Менинг изјави дека сака да живее како жена по име Челси и има намера да зема хормонска терапија за да ја започне својата транзиција кон женскиот пол. 25-годишната припадничка на воените сили, која вчера беше осудена на 35 години затвор за протекување илјадници доверливи документи на ВикиЛикс, ја објави својата намера преку својот адвокат на Today Show денеска.
„Како што преминувам во следната фаза од мојот живот, сакам сите да знаат која сум навистина. Јас сум Челси Менинг.Јас сум жена.“ напиша Менинг во изјавата насловена „Следната фаза од мојот живот“.„Според тоа како се чувствувам, како што се чувствувам уште од детството, сакам да започнам со хормонска терапија колку што е можно побрзо.Се надевам дека ќе ме поддржите во оваа транзиција.“Таа додаде дека сега сака да биде нарекувана Челси и да се користи заменката „таа“, а не „тој“.
За време на 12-неделното судење, армијата објави слика од Менинг со перика и шминка, фотографија која таа самата ја направила.Менинг ја испратила сликата на нејзиниот терапевт по е-пошта со наслов „Мојот проблем“, за време на борбата поради својот родов идентитет во април 2010. „Таа никако не сакаше ова да биде јавно“ – изјави нејзиниот адвокат Кумбс во однос на нејзиниот идентитет и фотографијата.„За жал, сега кога е јавно, мора на јавен начин да се справи со тоа.“
На прес-конференција по рочиштето, Кумбс изјави дека е тажен поради казната, затоа што истата не ја претставувала штетата што ја направила неговата клиентка.Тој изјави:„Кога ја чув пресудата, си помислив: сум застапувал стотици клиенти од кои некои извршиле убиства или злоставувале деца, а тие добија многу помали казни од Менинг.“Казната е многу поголема отколку што многумина очекуваа, а и многу подолга од која било казна досега изречена на лице кое објавило информации за владата на САД.
Основачот на ВикиЛикс, Џулијан Асанж, кој е засолнет во Амбасадата на Еквадор во Лондон, го нарече судењето и осудувањето на Менинг „спротивно на основните концепти на западното право.“Но тој оваа пресуда ја нарече „значајна стратешка победа“ затоа што Менинг може да биде условно пуштена на слобода во 2021. Инаку, објавените материјали содржат и видео од напад американски хеликоптер во кој се убиени најмалку двајца цивили – фотограф на Ројтерс и неговиот возач.
„Верував дека ќе помогнам, не дека ќе наштетам некому“ – изјави Менинг во својот говор во судницата.