Европската комисија за демократија преку право (Венецијанска комисија) во мислењето за Амандманот 33 на Уставот на РМ, се изјасни дека доколку Амандманот опфаќа други форми на партнерство покрај бракот, не треба да го исклучи остварувањето на истото ниво на правно признавање на истополовите партнерства, како што обезбедува за различнополовите партнерства. Што се однесува до дефинирањето на самиот брак во Уставот, Комисијата смета дека пресликувањето на законската дефиниција за бракот на ниво на уставен принцип е правно непотребно. Но истовремено, Комисијата признава дека државата има голема дискреција во регулирањето на бракот, за разлика од регулирањето на другите форми на живот (надвор од брачната заедница)
Понатаму, Конмисијата го потенцираше трендот во либерализацијата и развојот на европското право на национално ниво во врска со брачната еднаквост, односно со заедниците кои продуцираат правно дејство и во таа смисла може да ги заштитат и гарантираат правата на истополовите партнери, и покрај отсуството на обврска за државите да го регулираат правниот статус на истополовите партнерства во националните законодавства. Во својата аргументација на таквите ставови, Венецијанската комисија се потпира на одлуките на Европскиот суд за човекови права и со тоа на можноста од case law да биде извор на правото.
Исто така, Венецијанската комисија потенцира дека не е јасна ситуцијата со заштитата од страна на државата за оние заедници кои се различни од брачната заедница, односно дека постојат конфликтни точки и во постојното законодавство. И покрај тоа, Венецијанската комисија констатира дека вториот дел од амандманот 33 е проблематичен, доколку властите одлучат да промовираат заедници различни од брачната, односно други форми на заедници. Во таа смисла, се истакнува потребата од попрецизна терминологија, односно се наведува тешко-разликувачката линија помеѓу ,,регистрирана вонбрачна заедница‘‘ и ,,било кој друг облик на регистрирано животно партнерство‘‘. Оттука, не е јасно што значи ,,регистрирана вонбрачна заедница‘‘ наспроти ,,вонрачна заедница‘‘ (член 40, став 2 од Уставот на РМ).
Во објаснувањето на коментарите на Венецијанската комисија во врска со Амандманот 33, е поместено и нејзиното мислење во врска со слични амандмани на унгарскиот устав. Имено, во своето Мислење за четвртиот амандман на Основниот закон (Уставот) на Унгарија од 14 и 15 јуни, 2013 година, Венецијанската комисија дава јасен став за уставното ограничување на правото на семеен живот. Таму е јасно наведено и дека државата треба исто така да ги заштити и долготрајните емоционални и економски партнерства на лицата кои живеат заедно (пр. оние односи во кои паровите немаат или не можат да имаат деца).