Даблин, Ирска – Фронт Лајн Дифендерс започна кампања која ќе оди онлајн и на социјалните мрежи, со цел да го насочи вниманието кон ситуацијата на 12 бранители на човекови права (БЧП) од Источна Европа и Централна Азија, во исто време со започнувањето на Зимските Олимписки Игри во Сочи, Русија.1
Кампањата „Права. Ризици. Промена!“ (www.sportshrd.org) ја повикува јавноста да покаже солидарност и поддршка за овие 12 бранители и да изврши притисок на локалните власти да ја почитуваат работата на БЧП.
Сите 12 бранители од кампањата покажаа голема храброст и интегритет во нивната работа на цела палета прекршувања на човековите права. Од оние со долги затворски казни како Алес Бјалиатски во Белорусија и Азимјан Аскаров во Киргистан до руските бранители како Стефанија Кулаева и Евгени Витишко, кои се соочуваат со криминализација на нивната работа во однос на дискриминацијата, односно заштитата на животната средина, Олимпискиот тим на бранители се соочува со големи предизвици во нивната работа, одбраната на човековите права на другите луѓе.
„Глобалното внимание е насочено кон неверојатниот талент и посветеност на спортистите собрани од секаде на овие Зимски Олимписки Игри, кои треба да се одржат во духот на фер играта. Фронт Лајн Дифендерс го насочува вниманието кон другите херои во нашите општества кои работат со голем ризик по себеси, против навидум неизмерно големите предизвици, за да ги обезбедат човековите права и слободи за другите“, изјави Мери Лолор, Извршна Директорка на Фронт Лајн Дифендерс на почетокот на кампањата.
„Како што спортистите не можат да се натпреваруваат, а камоли да победат на Олимпијадата без значителна поддршка од тимот, исто така и бранителите на човекови права имаа потреба од поддршка и заштита за да успеат. Како што енергичната публика може да инспирира постигнување на нов светски рекорд, Фронт Лајн Дифендерс веруваат дека со одделување на неколку минути за да се придружи кон кампањата, јавноста може да направи огромна разлика во животите на овие бранители на човековите права“, објасни Адам Шапиро, кој е одговорен за кампањите.
Фронт Лајн Дифендерс работи повеќе од една деценија за практична и брза поддршка за бранителите на човекови права во ризик, вклучително и поддршка во итни случаи, грантови, обуки за физичко и дигитално обезбедување, меѓународно застапување и кампањи.
_______________________
12те бранители во кампањата се: Евгени Витишко (Русија), Стефанија Кулаева (Русија), Наталија Таубина (Русија), Рустам Матсев (Русија), Алес Бјалиатски (Белорусија), Александра Дворетскаја (Украина), Натја Гвианишвили (Грузија), Анар Мамадли (Азербејџан), Дилрабо Самадова (Таџикистан), Дилмурод Сајид (Узбекистан), Азимјан Аскаров (Киргистан) и Роза Тулетаева (Казахстан).