Денеска, 20ти ноември, е ден на кој се сеќаваме на убиените трансродови лица насекаде низ светот. Овие лица биле жртви на убиства предизвикани од трансфобија, нерационална омраза кон нечиј родов идентитет и родово изразување. Ова е ден на подигање на свеста во однос на оваа група на луѓе, зголемување на степенот на прифаќање на разноликоста и меѓусебно почитување без разлика на родовиот идентитет и изразување.
Пред неколку дена, Trans Respect Versus Transphobia го објави своето соопштение по повод овој ден, излегувајќи со алармантни бројки на убиства на транс луѓе. Според податоците, во последните 12 месеци се убиени 238 транс луѓе, што во просек значи 1-2 убиства секој втор ден! Вкупните резултати, од јануари 2008, велат дека се извршени 1374 убиства на транс луѓе во 60 земји во светот, при што се земени предвид случаи во кои било јасно дека се работи за трансродово лице. Можеме да заклучиме дека бројката сигурно е поголема од оваа затоа што се’ уште има многу транс луѓе кои мораат да го кријат својот родов идентитет во обид да бидат побезбедни. Ова е случај насекаде низ светот.
Овој ден се одбележува од 1998, кога трансродовата графичка дизајнерка, колумнистка и активистка Гвендолин Ен Смит укажала почит кон убиената Рита Хестер во Алстон, Масачусетс. Оттогаш се одбележува секоја година на истиот датум, и прераснува во акција на светско ниво. Се одбележува во повеќе од 20 земји насекаде низ светот.
Во Република Македонија не постојат официјални податоци за убиство на трансродово лице, меѓутоа постојат повеќе случаи на психичко и физичко насилство кон оваа група на луѓе. Освен ова, треба да се истакне и неможноста за добивање на соодветни здравствени услуги од фундаментално значење за здравјето на овие луѓе. Нашето општество се’ уште нема доволно познавања за транс тематиката, што создава предрасуди и страв. Не смееме да дозволиме трансфобијата да предизвика вакви случувања. Напротив, треба заедно да го подигнеме нивото на толеранција, меѓусебно почитување, и да не оставиме простор оваа маргинализирана група да биде уште повеќе потисната од дискриминацијата, предрасудите, стереотипите, неприфаќањето и насилството. Заедно против насилството и особено против убиствата! Транс луѓето се рамноправни граѓани.
Прочитајте го целото соопштение на Trans Respect Versus Transphobia (на англиски) на следниов линк.
Преземете мапа на убиствата на следниов линк.