Не сум тивок додека имам секс. Ги искажувам моите желби и истото го барам и од партнерите. Верувам дека ова не само што создава безбедна средина за секс туку и самото искуство го прави поубаво. Доколку испуштам звуци кои не се зборови, тоа значи дека ми е убаво. Луѓето обично добро реагираат на овој вид невербална повратна информација; само една личност приговори на ваквото мое изразување, а тоа беше Питер.
Питер е геј маж со кој спиев еднаш. Се сретнавме во геј бар додека живеев во Њујорк, и мислев дека е совршен. Работеше со квир млади луѓе кои беа бездомници. Имаше куче. Беше малку повисок од просечното, и крупен, носеше фармерки, маичка и високи патики. Имаше брада. Ми кажа „Не си како другите на твоја возраст“ (тој беше 11 години постар), и „Никогаш не одам дома со некој уште првата вечер.“ Ама кога дојде дома со мене и бевме голи во кревет, тој ме бакнуваше по врат а јас почнав да стенкам, со висок тон и гласно издишување. Тој престана, ме погледна во очи и рече: „Немој така, како педеруша си“.
Ова се случи пред неколку години, а во меѓувреме не научив дека луѓето како Питер треба или да ги игнорирам, или да им се смеам, или да ги научам, така што станав карикатура на тоа „да не бидам педеруша“. Стенкав помажествено, се преправав дека не ме повредува тоа што го велеше (чувствата биле за девојчиња, како што ме учеа кога бев дете), и се обидував да се однесувам колку што е можно помажествено, затоа што тоа беше спротивно од „педеруша“, спротивно од феминизираниот геј маж кој користи гестови, зборува брзо со женствен глас и вели „дарлинг“. Станав такво смешно суштество затоа што сакав Питер да ме сака.
Ме извиси на следниот состанок и повеќе никогаш не го видов.
Кога ја поминав фазата на она типично „каде згрешив?“ и омразата кон себеси, се запрашав, “Што значи тоа што Питер ме нарече педеруша затоа што изразив задоволство?“ Така научив дека луѓето како Питер се дел од еден поголем проблем: продорната, сеприсутна мизогинија.
Обично велиме дека „педеруша“, „принцеза“, „тетка“, „женско петле“ и „женче“ се хомофобични зборови, но иако се употребуваат за да изразат хомофобија, не се хомофобични сами по себе; употребата на кој било од овие зборови обично е наменета за луѓе кои се од машки пол и кои не се доволно мажествени. Ја величаат машкоста со тоа што ја демонизираат женскоста. Ова има корен во некое застарено, есенцијалистичко тврдење за родот, каде жените се биолошки послабиот, патетичен пол, но денеска знаеме дека освен што е целосно навредлив, родовиот есенцијализам е помалку или повеќе – срање, затоа што жените можат да гласаат и да работат и да ги тепаат мажите, а мажите можат да готват, да чистат и да седат дома со децата. Но иако беше релативно лесно да ја деконструираме мизогинијата во однесувањето на Питер, прашањето зошто еден маж, кој лежи гол со друг маж и го бакнува, би го нарекол однесувањето на другиот маж „премногу педерско“, е многу посложена тема. Би рекол дека тоа што Питер ме нарече педеруша е дел од едно поголемо квир културно наследство.
Квир луѓето живеат во постојана борба; денес се бориме за законски признати бракови, а во 2003 се боревме за правото да имаме секс со согласност на пертнерите, но пред 60 години, познатите квир активисти се бореле за правото да постојат, во јавноста или во приватниот живот. За да ги добијат тие права, користеле ефективна стратегија наречена асимилација, која велела дека квир луѓето треба да изгледаат и да се однесуваат колку што е можно повеќе како стрејт луѓето. „Mattachine Society“ и „Daughters of Bilitis“ намерно го правеле ова во 50тите, и најверојатно ова била најагресивната опција да кажат „ние сме нормални, исто како вас“, во време во кое полицијата била охрабрувана да прави рации во геј барови, да ги апси сопствениците и да ги објавува нивните имиња и слики во весниците следниот ден. Сепак, „исто како вас“ буквално ги избришало квир луѓето со различна боја на кожа од движењето, а транс луѓето ги направило невидливи, затоа што „исто како вас“ се однесувало на белците кои биле на високи функции и нивните жени кои можеле законски да преземат каков било квир идентитет. Асимилацијата која била успешна при таквата дискриминација на ЛГБТ луѓето е сега нелегална на многу начини, но исто така создаде и „прифатлив геј маж“, кој е белец, мажествен и никако не вели „дарлинг“. Исто така го создаде и познатото оправдување за анти-геј ставовите: „Не ми пречат се’ додека не го покажуваат тоа“, затоа што одеднаш се појавиле геј луѓе кои не се „нормални“. „Нормалните“ геј луѓе денес го повторуваат оправдувањето на хетеросексуалците со тоа што ги обвинуваат „абнормалните“ геј луѓе за лошиот третман кон геј луѓето во целина.
Питер е „нормален“ геј маж, па кога моето однесување излезе од „нормалното“, тој реагираше како што би реагирале полицајците, тренерите во теретана или родителите во 50тите (а и денес, да бидеме искрени). И иако 50тите беа пред 60 години, ставот и натаму е присутен: разгледајте ги геј сајтовите или смартфон апликациите и ќе го видите нашето извртено наследство како „преференции“ врз основа на хиерархија за тоа кој може да „помине“ како успешен стрејт маж: „Барам мажествен, мускулест тип, да не е феминизиран, исклучиво белец.“ Иако ја имам на ум иронијата дека никој од нас не е стрејт, би сакал да се фокусирам на тоа колку е ова уназадувачко; ние буквално придонесуваме кон нашето сопствено угнетување со тоа што го поддржуваме ова женомрзечко наследство од 50тите.
Па ајде да им го олесниме животот на сите квир луѓе и да престанеме да ги повторуваме најлошите делови на хетеросексизмот. Којзнае, можеби дури и ќе започнеме да се поддржуваме еден со друг. Колку е тоа револуционерно.