Денес е објавен Извештајот за напредок на Република Македонија, на Европската комисија.
И покрај политичката конотација на Извештајот за напредок, недостасува прецизно посочување на состојбите кои се коментираат во Извештајот – како што е анти-дискриминацијата и правата на ЛГБТ луѓето. Во таа смисла, формулацијата која е користена во Извештајот околу процесуирањето на случаите со напади на ЛБГТИ Центарот за поддршка (“… the perpetrators of these incidents are yet to be prosecuted.”) е дотолку нејасна и не го рефлектира отсуството на политичка волја во процесуирањето на овие случаи, односно не посочува на неефикасноста на судството во оваа област – насилството кон припадниците на ЛГБТИ заедницата. Околу анти-дискриминациското право во Република Македонија коментирано во Извештајот, подеднакво значаен е и родовиот идентитет како основ на дискриминација, кој исто така е изоставен од актуелниот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
Темите поврзани со ЛГБТИ заедницата во Република Македонија се застапени во делот на ,,Политички критериуми‘‘, односно делот на ,,Човекови права и заштита на малцинства , како и во Поглавјето 23 кое се однесува на судството и фундаменталните права.
Имено, во врска со правата на ЛГБТИ луѓето наведено е дека нападите кон ЛГБТИ Центарот за поддршка не се повторени, и дека сторителите допрва ќе бидат гонети. Исто така, се наведува дека е потребно да се зголеми свеста и почитта кон различноста во општества, односно да се намали нетолеранцијата поттикната преку медиумите и социјалните мрежи. Во врска со известувањето, проследувањето и казнувањето на говорот на омраза и делата од омраза се наведува дека отсуствува систематско документирање, како и потребата од тренинг и развој на знаењето на обвинителите и судиите во оваа област.
Потребата од хармонизирање со европското право е наведена во делот на коментирање на Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде што не е наведена сексуалната ориентација како основ на дискриминација.
Во заклучокот од Поглавјето 23 се наведува дека е потребно фокусирање на ефективна имплементација на постоечката правна рамка и човековите права, подигнување на свеста, институционална соработка и стратешко планирање во областа на анти-дискриминацијата и правата на ЛГБТ луѓето.
Извештајот за напредок на Република Македонија во целост може да го видите овде: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2014/20141008-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-progress-report_en.pdf.