Од искуството на ЛГБТИ Центарот за поддршка со пријавени и документирани случаи на насилство кон припадниците на ЛГБТИ заедницата кое резултирало со последици во различни области, произлезе потребата од формирање на фонд за помош на припадниците на ЛГБТИ заедницата во таквите случаи. Во тој правец, ЛГБТИ Центарот за поддршка го формираше Интервентниот фонд преку кој ќе се обезбедува првична помош во ситуации кои ги засегаат припадниците на ЛГБТИ заедницата и се однесуваат на:
– потреба од медицинска интервенција, нега, третман или постапка (резултат на физички повреди како последица од насилство базирано на омраза, потреба од медицински вештачења и сл.);
– потреба од правна интервенција, помош и застапување (обезбедување на документација, застапување и сл.); и
– потреба од интервенција поврзана со домување (обезбедување на „сигурен простор“, краткорочно вдомување и сл.). На тој начин се обезбедува можност за припадниците на ЛГБТИ заедницата да имаат пристап до основни средства за почетно решавање на проблемите кои директно или индиректно се поврзани со нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет.
Аплицирањето за средства од Интервентниот фонд ќе биде отворено за сите припадници на ЛГБТИ заедницата кои претходно се обратиле за помош во писмена или усмена форма, односно го пополниле потребниот формулар и ја образложиле ситуацијата од која произлегува нивното барање за итна интервенција. Формуларот може да се најде во електронска верзија, и исто така, во ЛГБТИ Центарот за поддршка – Хелсиншкиот Комитет на Република Македонија. Средствата кои се предвидени за итна интервенција им се одобруваат на корисниците на средствата со одлука на Комисија која одлучува по разгледување на приложените информации, а сумата која се предвидува за една интервенција може да изнесува до 9000 денари. Во исклучителни случаи, за кои Комисијата ќе одлучи дека е соодветно, средствата наменети за интервенција може да изнесуваат повеќе од максимално предвидената сума.
На следниов линк може да го преземете Правилникот за начинот на работење на Комисијата за одобрување на интервенции од Интервентниот Фонд.
За пристап до средствата до Интервентниот фонд преземете и пополнете го следниов формулар и испратете ни го на info@lgbti.mk.
Исто така, можноста за донирање е отворена за сите кои сакаат да придонесат кон зголемување на средствата со кои ќе располага Интервентниот фонд, и со тоа кон обезбедување првична помош за припадниците на ЛГБТИ заедницата. Донирањето може да се изврши со уплаќање на средства на сметката на ЛГБТИ Центарот за поддршка со назнака ,,За Интервентен фонд’’.