Порака на овогодинешната Поворка на гордоста во Загреб гласеше: „Погласни и похрабри: антифашизам без компромис“, и тоа се покажа како полн погодок, особено затоа што неодамна беше поставен кукаст крст на еден од граските тревници. Под тој слоган, на 13 јуни низ Загреб прошетаа над 2000 луѓе, а организаторите велат дека се многу задоволни од тоа како поминал целиот настан.
На учесниците и учесничките на 14-тата Поворка на гордоста во Загреб, им се приклучија и претседателката на ORAaH Мирела Холи, помошникот на министерот за одбрана Бојан Главашевиќ, како и пратениците од HNS Соња Кониг, Игор Колман и Борис Блажековиќ, а со нив присутен беше и првиот полицаец Ранко Остојиќ.
„Иако овде има и полиција и обезбедување, нема повеќе молотови коктели. Станавме подобро општество. Тоа е заслуга на сите оние кои годинава се трудеа и безброј пати повторуваа дека „љубовта е љубов“ и дека сите овие луѓе не се закана за никого“ вели Главашевиќ.
Една од учесничките, студентката Андреа, ни рече дека минатата година ја поминала целата рута, но ова година дошла само да се појави, бидејќи подготвува испити.
„Мојот татко беше многу исплашен кога слушна дека ќе одам, дека некој ќе ме запамети и потоа ќе ме претепа, но јас тоа не го перцепирам така. Можеби би требало да се плашам, но јас не се плашам. Реално, стравот би постоел заради околината. Мислам дека би дошле многу повеќе луѓе, ако нема таква омраза на сите страни. Треба да се поддржи поворката. Би сакала да ја постигнат целта, но не знам дали ќе можат“ вели Андреа.
Инес, пак, претходно не согледувала посебно значење во Поворките на гордоста, но го променила своето мислење: „Тоа што групичка на луѓе шета, опкружена со полицијата звучи како приватна работа. Но мислам дека има смисла да се види тоа и да се присуствува. Бев еднаш во Амстердам на таков настан, беше прекрасно, весело и се чувствуваше ширењето на мир и љубов.“
Ања, пак, одамна учествува на поворките: „Дојдов со девојка ми, но задоцнивме при поделбата на реквизити. Инаку, еднаш кога патувавме од Франција, во авионот седевме близу до Жељка Маркиќ. Малку се љубевме пред неа, но не реагираше“ вели таа.
А за Мирјана, пак, ова беше прво присуство на Поворката на гордоста, која прво само сакала да се појави на едно од местата на рутата – Рибњак, но во последен момент се предомислила и одлучила да шета до крај на рутата: „Добро место за почеток. Прв пат присуствувам. Се надевам дека нема да летаат пепелници“.
На крајот од рутата, Марко Јуричиќ, еден од организаторите изјавил: „Навистина сме задоволни со одзивот, и претпоставуваме дека успеавме да ја пренесеме пораката и дека истата е слушната е разбрана. Сакаме да престанеме со ова броење на крвните зрнца и десните скршнувања, фашизмот на стадионот и улиците, во собранието и евро-парламентот“.
Во врска со најновата казнена пријава на „Во име на семејството“ против Сандра Бенчиќ од Центарот за мировни студии, тој вели дека: „Госпоѓата Маркиќ треба прво да согледа колку омраза има во нејзината организација. Она упорно работи на тоа да ги подели хрватските граѓани и граѓанки со наметнувањето на својот светоглед, но тоа нема да го дозволиме“.
Јуричиќ истакна дека следната година е големиот јубилеј на Поворката на гордоста во Загреб и со подготовките за истата ќе започнат уште веднаш.
По завршувањето на поворката, се приклучиле уште 4000 луѓе на завршниот концерт на Nipplepeople. Поворката и Неделата на гордоста ќе заврши традиционално со забавата во клубот Mocvara.
Извор: www.crol.hr