Мојата прва посета на Скопје беше извонредна. Само што влегов во земјата граничарот ми се насмевна (верувајте ми, тоа е речиси невозможно) и ме праша дали првпат доаѓам тука, а потоа ми рече дека се надева дека ќе си поминам многу убаво. Промоторите на настанот, сопственици на одредени клубови и кафулиња низ градот, исто така, беа многу љубезни. Бев во едно кафуле кое беше преполно со млади луѓе, се забавуваа и уживаа во саботното попладне. Во глобала, луѓето во оваа земја имаат неверојатна енергија.
Ручав со една млада жена, Соња, со којашто вечерта требаше заедно да пуштаме музика и така низ разговорот на површина исплива темата за ЛГБТИ животот во Македонија. Соња е новинарка, активистка, обожава музика и е хетеросексуалка која се залага за еднаквост на ЛГБТИ заедницата во Македонија. Пред да допатувам во Македонија истражував на интернет и наидов на навистина вознемирувачки податоци за ЛГБТИ Центарот на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Прочитав дека објектот во кој ЛГБТИ Центарот се наоѓал бил постојано вандализиран и непрекинато бил мета на напади. Последниот напад се случил само еден месец пред да пристигнам во Македонија. Прочитав дека хомофобијата е длабоко вкоренета во македонската култура. Но она што го чув од Соња уште повеќе ме вознемири. Имено, само во последнава година имало пет насилни напади на Центарот, од нив четири се снимени (ЛГБТИ Центарот има безбедносни камери), но Владата сепак продолжува да ја игнорира потребата од закон кој ќе ги опфаќа и ваквите дела од омраза, а со тоа ја игнорира и неопходната заштита на ЛГБТИ заедницата. Во овој последен напад групата насилници го искршила излогот на локален бар каде што заедницата слободно се собира и каде што во времето на нападот имало прослава по повод две години од постоењето на ЛГБТИ Центарот. Откако го скршиле главниот излог следувал петминутен бараж од шишиња, при што хетеросексуална поддржувачка на заедницата, која истовремено била член од семејство на припадник на заедницата, се здобила со сериозни повреди на главата од скршените разлетани шишиња.
Во текот на нашиот разговор почнав да ? се восхитувам на Соња за тоа што гласно зборува против оваа неправда и против насилството, особено поради фактот што и таа има претрпено директни последици поради нејзината јавна поддршка на заедницата. Ми кажа дека човекот кој ја повлекол иницијативата да се отвори ЛГБТИ Центар во Скопје би сакал да ме запознае, но дека е веќе доцна и Центарот е затворен. Потоа му се јави на дечкото кој се вика Кочо (инаку тој е првиот хомосексуалец кој во Скопје јавно проговорил за својата сексуална определба) и го праша дали случајно може да го отвори Центарот на кратко бидејќи беше блиску до мојот хотел, а и јас навистина сакав да се запознаеме. Кочо го прифати мојот предлог.
Штом влегов во Центарот веднаш ми се навратија спомени: јас на тринаесет години, цел час патувам со автобус до центарот на Денвер, редовно го правам ова зашто таму е ЛГБТИ Центарот, таму ми се состаноците на групата за поддршка на млади хомосексуалци, таму треба да најдеме начин да им ја соопштиме вистината за себе на своите родители. Се присетив и на ЛГБТИ Центарот што го посетував во Њујорк во своите дваесетти. Се присетив на првиот пат кога запознав тинејџер што живееше со СИДА и колку моќна беше таа слика за мене – да видам како некој во таква положба се потпира на ресурсите што ваквите места ги нудат кога всушност нема ниедно друго место каде што би можел да се обрати. И ми се плачеше кога слушнав од Кочо како нему и на останати членови на геј заедницата во Скопје постојано им се заканува насилство и постојано се мета на таков вид омраза, а всушност тие само нудат помош на луѓе на кои таа помош им е повеќе од потребна, како што и јас порано правев и како што сè уште правам.
Кочо ми раскажа какви сè услуги нудат, на пример, наоѓаат нови живеалишта за жртви на насилство кај кои единствен излез бил да се преселат на друго место или во друг дел од градот за да бидат безбедни; потоа наоѓаат решенија за хомосексуалци чиишто родители се изживуваат врз нив. „Секој ден ни се јавуваат луѓе со вакви проблеми“, ми рече тој. Луѓето го користат Центарот, како база им е. На 20 ноември, светскиот ден за сеќавање на транс жртвите што се убиваат секоја година, 25 членови на транс заедницата се собрале во Центарот. Очигледно е дека ова место е многу важно и многу посебно. Сфатив дека му треба поддршка и затоа се нудам да помогнам.
При мојата посета наидов само на гостољубиви и великодушни луѓе – можеби едноставно сум имал среќа. Но ниту таксистот кој беше толку добар со мене, ниту пак рецепционерот во мојот хотел што ми нудеше подароци за да ми останат како спомен од мојот престој во земјава не можам да ги замислам како учествуваат во делата од омраза за кои се изнаслушав. И ако добро сум разбрал, главно партијата што моментално е на власт ја спинува каузата на ЛГБТИ заедницата за свои цели, за својата агенда која генерално се состои од замолчување на народот, од насочување на неговото внимание во погрешен правец и од дезинформирање на јавноста.
Во овој момент мојата цел со овој пост е едноставно да ја подигнам свеста, но во иднина се надевам дека ќе можам директно да придонесам на некој креативен и инспиративен начин и со тоа да помогнам околностите во Македонија да се сменат за ЛГБТИ заедницата. Ќе смислам нешто. Пречесто сфаќам дека недоволно ја ценам слободата што ми ја овозможиле оние кои го оделе мојот пат пред мене. Ве молам споделете го постов доколку сте во можност, прочитајте нешто повеќе за ситуацијата во Македонија и зборувајте јавно.
Македонија има љубов за сите!
Ве молам погледнете го видеово од овој линк: https://www.youtube.com/watch?v=HTbCsD5W5w4