Случајот на Дебора Сампсон (1760 – 1827), зборува за една жена која во текот на американската борба за независност, 17 месеци била на фронтот во машка униформа, под името Robert Shurtlieff. Овој случај за историчарите, долго време бил изолиран пример на женски ангажман во време на воените настани. Но феноменот, забележан во 19 век во САД и Велика Британија, со носењето на машка облека, и јавното живеење низ идентитетот на маж, неодамна стана интерес на научниците и историчарите-истражувачи, така што истиот е сместен во актуелната расправа за родот и родовиот идентитет.
Како главен извор на истражувачите послужиле оние медиумски записи кои се полни со извештаи за жени кои се претставувале како мажи. Сака Николазо од универзитетот во Калифорнија, тврди дека приказните за жените кои се претставувале како мажи биле многу популарни во текот на 19-тиот век, и тоа јасно може да се види во мотивите и темите кои тогаш биле обработувани во романите, приказните, памфлетите. Иако се работи за некаква фикција во овие текстови, сепак популарноста на овој мотив јасно говори за хоризонтот на очекувања на тогашната публика, која во истите пред се‘ ги препознавала индивидуалната храброст и спротивставувањето на општествените норми.
Еден од подобро документираните случаи е оној на Џејмс Вокер кој во 1836 година во Journal of Commerce претставен е како „жена пронајдена во пијана состојба, на улица, облечена во машка облека“. Еден ден потоа, во полициската станица се појавила „пристојно облечена жена“ тврдејќи дека е истиот Џејмс Вокер, откривајќи го вистинското име – Џорџ Мур Вилсон (Џорџ во Велика Британија, исто така, се користело и како женско име). Таа тврди дека прво побегнала во Шкотска, каде работела во фабрика, преоблечена во машка облека, а потоа ја сретнала и својата идна сопруга Елиза Камингс, со која заминала да живее во Квебек. Пред својата сопруга, набрзо потоа, го открила својот билошки пол, но во извештајот стои дека и покрај тоа сознание, тие живееле заедно 15 години како сопруг и сопруга, а тајната за полот на едната од сопружничките била сочувана дури и пред таткото на Елиза, кој долги години живеел со нив.
Во дневниот печат од тој период, можеле да се најдат многу такви извештаи. Така во Њу Јорк, во Spirit of the Times во 1938 е претставена приказната за сопругата која случајно го открила полот на својот сопруг, по 14 години брак. Секако, овде е поместена и приказната на Луси Ен Лобдел (1829 – 1879) која како помлада девојка побегнала од својот маж, а потоа живеела како ловец, преоблечена во машка облека и со таквото прикажување се вратила повторно на општественото живеење, односно живеела како жена, за конечно да го усвои името Џозеф Лобдел. Така, поголем дел од својот живот го живеела во бегство од полицијата, а во меѓувреме, забележани се два обиди за склопување брак со жени, кои не успеале да го откријат нејзиниот пол.
Приказните кои тогаш ги исполнувале дневните новини, со неизоставен елемент на сензационализам (заб. ништо не е сменето!), денес, полека, се сместуваат во контекст на родовиот идентитет. Историчарката Стефани Кунтц, потсетува дека не треба толку да не‘ зачудува феноменот на „женски мажи“, затоа што тогаш бракот бил релативно едноставен, од аспект на регистрирањето, затоа што властите не проверувале дали сопружниците се мажи или жени. Оттука, контролите за брачниот статус, се воведени по американската граѓанска војна, а интересно е што и во текот на 20 век, по сексуалната револуција, кога сексуалниот идентитет почнува да станува се‘ позначаен, започнува и исклучивото гледање на истополовата привлечност. Афективноста помеѓу жените во 19 век, можела да помине многу помалку забележително, смета Кунтц.
На основа на достапни материјали, Николазо изнесува неколку хипотези за т.н. „женски мажи“. Таа цени дека нивните сопруги свесно го користеле вокабуларто на хетеросексуалниот брак, со цел стекнување на општествен статус, иако тој однос денес би се нарекол лезбејски. Потоа, не постојат јасни докази за тоа дали жените во 19 век во САД, ја сметале анатомијата за главен критериум при изборот на мажи. Исто така, можно е дека сметале дека нивните женски мажи припаѓаат на посебна родова категорија, за која денес нема еквивалент. За степенот на физичката блискост помеѓу сопружниците, може само да се шпекулира, при отсуство на докази.
Извор: www.crol.hr