ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА
Денес во Македонија сериозно слабее и онака кревката чуствителност и широкиот општествен консензус за тоа кои се фундаменталните човекови интереси содржани во слободата на изразување, со други зборови слободата на изразување како фундаментална зона на политичкиот плурализам, самореализација на индивидуите и слободниот пазар на идеи.
ПРАВНО РЕГУЛИРАЊЕ
Основната теза во таа смисла е дека: правното регулирање или забраната на говорот на омраза e директно во интерес на заштита и засилување на слободата на изразување. Важи и обратната теза, имено дека: правното занемарување на овој абразивен говор директно го ограничува просторот на слободата на изразување и долгорочно го оштетува капацитетот за граѓански слободи и чуствителноста кон дискриминација и повреда на истите. Изминатите неколку децении ги карактеризира еден речиси универзален тренд на забрана на говорот на омраза насочен кон индивидуите или групите на основа на нивната етничка припадност, религија, раса, националност и (од поскоро и) сексуална ориентација. Забраните се разликуваат од една земја до друга, но основата на која почиваат е иста. Санкционирањето на говорот на омраза добива особено значење во транзиционите, постконфликтните и мултикултурните општества. Примената на правилата за забрана на говорот на омраза се појавуваат како суштествено важни за овие земји на патот кон демократијата и владеењето на правото. Вонправните механизми на кои се потпираат развиените демократии, кај транзиционите општества се уште не се доволно силни да ги амортизираат последиците од говорот на омраза и тука важноста на правната регулатива добива на значење, правејќи го правото основно средство за воведување на мерки на пристојност и купување на време додека општеството се стекнува со разумна кохезија и стабилност.
ПРЕКЛОПУВАЊЕ
Секако правната регулатива се судира со класичниот проблем на преклопување или судир помеѓу права, во случајот на говорот на омраза тоа се слободата на изразување и слободата од дискриминација или правото да не се биде навредуван по етничка, културна или идентитетска основа – но токму способноста на разграничувањето е основа на успешноста на проектите за стабилизирање на слободата во сферата на изразувањето. Мултикултурното историско искуство на Република Македонија отсекогаш овозможувало некаква социјална толеранција и релативно мал број на инциденти како примери на говор на омраза и дела од омраза. Но, Македонија како да не успеа да ја освести таа толеранција или тој наследен сензибилитет од “вредност по себе” во “вредност за себе”. Дури и престана да ја разбира како вредност. Често ќе наидеме на ставови дека ограничувањето на говорот на омраза е слабост наметната од политичката коректност на нашето мултикултурно живеење. Паралелно со помрачувањето на дискурзивните, говорните стратегии, македонското општество станува општество кое почнува да функционира претежно низ авторитарни политички практики. Кога вака оштетената политика ги узурпира носечките правни концепти тие повеќе не можат да произведат извесност и правда. Тогаш начелата на слободното општество стануваат апстракции и политички декор.
ПРАВЕН КОНЦЕПТ
Во контекстот на говорот на омраза како правен концепт, ваквата реалност се одвива по две линии: Како прво, се внесува конфузија за тоа што воопшто значи говорот на омраза како правен институт. И во име на стручноста на расправата сакам да се фокусирам на самиот поим. Говорот на омраза вообичаено се дефинира како говор кој е дизајниран да промовира омраза на основа на раса, религија, етничка припадност, национално потекло, пол, сексуална ориентација, телесна или ментална попречност. Тој носи квалификаторна порака за инфериорност на членовите на односната група и осудува, понижува, и шири омраза кон нив. Практично, сите расистички, ксенофобични, хомофобични и други поврзани деклинации на идентитетско -напаѓачко изразување би можеле да се подведат под поимот на говор на омраза. Имено, говорот на омраза напаѓа аспекти од идентитетот на индивидуата кои се непроменливи или во некоја смисла фундаментални за неа. Како на пример припадноста на определена култура или други идентитетски карактеристики како сексуалната ориентација, телесната и менталната попреченост. Важно е да се потенцира дека во оваа група на карактеристики (независно колку омраза може да се шири кон нив) не спаѓа политичката припадност на лицето или неговото политичко убедување кое секако може да биде основ за дискриминација (и во Македонија е еден од најчестите). Сепак навредата по овој основ нема да претставува говор на омраза, затоа што тој не функционира како маркер на фундаменталниот идентитет на лицето.
АЛАТКА ЗА ЦЕНЗУРА
Исклучително е важно концептот “говор на омраза” да се држи во своите правни граници. Кога тој се развлекува за да опфати и работи кои не влегуваат во дефиницијата на овој поим, станува неупотреблив или злоупотребен. Со други зборови, внесува конфузија во тоа кои се воопшто правните механизми или кривично-правните одредби кои н? штитат, или пак, лесно може да се претвори во алатка за цензура со која секое политички неподобно размислување власта лесно може да го окарактеризира како говор на омраза (против неа) и едноставно да го забрани. И веќе постојат примери во оваа смисла. Ова значи дека надвор од концептот остануваат и секојдневните навреди и клевети на политичките опоненти, критички настроените новинари и сл. И важно е оваа состојба да ја дефинираме како девијантна или критикуваме како таква, но не како говор на омраза. Повторно, концептот говор на омраза е алатка со која демократските општества се справуваат со определен вид на предрасуди – во однос на раса, етничко потекло, вера, сексуална ориентација. Другите вербални жигосувања и организираните етикетирања и дискредитирања се повеќе абнормалност на демократското владеење на правото и карактеристика на недемократски режим. Затоа и треба да се третираат како недемократски механизми и со нив не се справува на ист начин како со говорот на омраза.
КОНФУЗИЈА
Покрај конфузијата за тоа што воопшто значи говорот на омраза, преовладува и ограничено разбирање на неговите штетни последици или повредата која тој ја прави. Потребата од санкционирање на овој говор во Македонија се врзува исклучиво за јавните нереди или насилство – кога говорот може да доведе до меѓуетнички тензии, нереди, граѓански немири и протести. И дополнително, насилството во овој контекст се разбира првенствено како реакција на жртвите, а помалку како насилство до кое води овој говор – во смисла на тоа дека говорот на омраза потенцијално води кон дела од омраза.
Во овој контекст би сакала да ја осветлам прецизно повредата која ја прави говорот на омраза. Имено, тој пред се го повредува достоинството на членовите на групата кон која е насочен. Тој нив ги стигматизира, ги редуцира на униформни примероци на стигматизираната група и им го одрекува капацитетот да живеат како одговорни членови на општеството, накратко, одбива да ги прифати како еднакви членови на општеството. Иако повредата на достоинството не е лесна да се идентификува и измери (од типот на морална повреда, ограничени животни можности), таа може да биде мошне сериозна. Бидеќи, говорот на омраза понижува, деградира и директно или индиректно застрашува, членовите на групата кон која тој цели имаат тешкотии да учествуваат во колективниот живот и дури и да водат автономни и исполнети лични животи.
Од тој и таков аспект, на пример, говорот на омраза не може да се карактеризира едноставно како навреда или клевета. Навредата или клеветата е општествено зло поради повредата која му ја причинува на повредениот во очите на другите, го оштетува неговиот општествен статус, и наштетува на неговата репутација. Но, за разлика од навредата и клеветата, говорот на омраза ја понижува индивидуата, што значи – нејзината самопочит е повредена.
Текстот е излагање на доц. д-р. Елена Михајлова во рамки на Меѓународниот симпозиум “Слобода на изразување”, одржан на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје, на 27.02.2014 година
(продолжува)