На 17.02.2016 година Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ) повторно усвои како основана жалба поднесена од страна на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РМ, ЛГБТИ Центарот за поддршка и Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници” а, во врска со статија објавена на интернет порталот Пулс 24. Ова е трета жалба која СЕММ ја усвои како основана а, која се однесува на дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација од страна на медиуми.
Би сакале да потенцираме дека во своите одлуки Советот покажа висок степен на стручност во примена на материјалното право како и во примена на правото кое произлегува од јуриспруденцијата на Европскиот Суд за човекови права. Исто така, Советот покажа висок степен на професионалност во однос на временската рамка во која одговори на сите од овие жалби. Можеме со сигурност да кажеме дека со ваквото донесување на своите одлуки Советот соодветно ја исполнува својата улога на заштитник на вредностите на новинарската професија.
Следствено на тоа ние, Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РМ и ЛГБТИ Центарот за поддршка би сакале да ја поздравиме работата на СЕЕМ. Ваквиот начин на работа, односно ефикасноста и стручноста во вршење на обврските од мандатот на членовите на овој Совет, се надеваме дека ќе служи како пример кон кој ќе се стремат и новите членови на Комисијата за заштита од дискриминација. Комсијата како тело со даден мандат согласно одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација треба да е предводник во заштитата на човековите права и воедно институција која ќе стои цврсто на страната на жртвите на дискриминација и маргинализираните групи.
Предходниот состав на Комисијата успеа да направи голем исчекор во заштита на жртвите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Најпрвин, со самото тоа што Комисијата прифаќаше да одлучува по преставки и врз основа на овој основ, а понатаму и со донесување на Протоколот за постапување по претставки за дискримианција врз основа на сексулана ориентација и родов идентитет, Комисијата го направи она што Законот за спречување и заштита од дискриминациј го изостави: да ги наведе сексулана ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација. Се надеваме дека новите членови на Комисијата ќе продолжат во таа насока, односно дека подеднакво ќе застанат на страна на сите маргинализирани групи во општеството и дека нема да дозволат своите лични ставови или ставовите на било кој друг субјект да имаат влијание врз донесување на нивните одлуки во својот мандат. Сепак, исто така мора да потенцираме дека неефикасното работење и долгиот временски период кој и беше потребен на предходниот состав на Комисјата за донесување на одлуки по претставките кои стигаа од жртви на дискриминација е нешто што новиот состав мора веднаш да го промени.
Затоа апелираме до новиот состав на Комисијата за заштита од дискриминација да се согледа на Советот за етика во медиуми на Македонија и во следните 4 година да се посвети кон порфесионално и ефикасно работење со што би ја вратила довербата на граѓаните како тело кое треба да им служи и да ги заштити во случаи на дискриминација.