Ted Haggard, Larry Craig, Glenn Murphy Jr. Изгуглајте ги овие имиња, добро ќе се забавувате. Сите тројца се добро познати американски христијански конзервативци, и жестоки опоненти на про-геј политиките. Всушност, беа опоненти на про-геј политиките. Веќе не се. Сега, сите тројца се ,,жртви‘‘ на секс скандали со лица од ист пол.
Дали хомофобите се прикриени хомосексуалци?
Идејата дека на човековата сексуалност може да се примени изреката “koga svrbi, taj se ceše” не е нова. Постои барем толку колку што постои и Фројдовата теорија. Психоаналитичката теорија понудува цврста рамка за хипотезата дека хомосексуалните пориви, потиснати заради страв, срам или антиципација на неприфаќањето, може да се прикажат и како хомофобија. И тоа на интуитивно рамниште звучи прифатливо, но тоа за науката не е доволно.
Веќе петнаесет години, научниците се во обид да ја тестираат оваа хипотеза преку лабораториски прецизни координати и до сега нема сериозни докази кои во целост може да ја потврдат или отфрлат таквата хипотеза. Еден тим на истражувачи од Универзитетот Рочестер, во студија објавена во мајското издание на магазинот Journal of Personality and Social Psychology се изнесени емпириски докази кои потврдуваат, делумно, дека хомофобијата е резултат на потисната сексуална желба за лица од ист пол.
Студијата анализира и сумира резултати од шест лабораториски истражувања, изведени во САД и Германија, во кои учествувале 784 субјекти – студенти.
Учесниците во истражувањето, во почетната фаза сами ја рангирале својата сексуална ориентација на скала од 1 до 10 (1 – целосно стрејт, 5 – бисексуално, 10 – геј). Понатаму, добиле листа со ставови (како на пример – ,,станувам нервозен во присуство на геј‘‘ или ,,не би имал проблем ако мојот цимер е хомосексуалец‘‘), кои се рангираат на скала од ,,целосно се согласувам‘‘ до ,,целосно не се согласувам‘‘. На таа основа, истражувачите биле во можност да ја измерат хомофобичноста на учесниците во студијата.
Брзината те открива
Во лабораторискиот дел од експериментот, на учесниците им биле претставени стимуланси индикативни за хомосексуалноста или хетеросексуалноста на монитори, како на пример фотографии од геј и стрејт парови или само зборовите ,,геј‘‘ и ,,стрејт‘‘. Задачата на учесниците била, преку таквите стимуланси, за најкратко можно време, да се распределат во една од двете категории – геј или стрејт – додека компјутерот го мерел времето на нивната реакција.
Клучниот момент бил во тоа што пред прикажувањето на стимулансите, на субјектите на истражувањето сублимирано им биле прикажани зборовите ,,јас‘‘ односно ,,другиот‘‘. Таквата сублимирана содржина во траење од 35 милисекунди е доволно јасна за да биде регистрирана од мозокот, но е недоволно трајна за личноста свесно да ја регистрира.
Методологијата која била применета во истражуњето, во психологијата е позната како тест на имплицитни асоцијации. Логиката на која истите се засновани е едноставна: сублимираната содржина ќе го продолжи или скрати времето на реакција, во случајот времето кое било потребно да се распределат зборовите и фотографиите во категориите ,,геј‘‘ и ,,стрејт‘‘, во зависност од тоа дали се поистоветени или различни од фактичката ситуација. Конкретно, доколку содржината ,,јас‘‘ го скрати времето кое е потребно за распределување на фотографија од геј пар во категоријата ,,геј‘‘, со тестот се утврдува имплицитната хомосексуалност на субјектот.
Истражувањето покажало дека една петтина од оние кои се само-идентификуваат како ,,целосно стрејт‘‘ или ,,многу стрејт‘‘, покажуваат поголем или помал степен на имплицитна хомосексуалност. Меѓутоа, она што е интерено е дека токму таа група на испитаници, во претходното мерење на ставовите искажале најсилни анти-геј или хомофобични уверувања.
Студијата е скоро објавена и се‘ уште нема критички забелешки за истата. Некои од таквите забелешки, може да се предвидат врз основа на генералните примедби за тестовите на имплицитни асоцијации. Во конкретниот случај, резултатите може да се толкуваат на следниот начин: геј и бисексуалните лица побрзо ги категоризираат стимулансите поврзани со хомосексуалната ориентација, затоа што и самите припраѓаат на истите и се почувствителни се на таквите видови на содржина. Од друга страна, и хомофобичната личност е прилично чувствителна на таквите стимуланси, токму заради својата хомофобија. Затоа, од тие причини, побрзо ги категоризираат содржините поврзани со хомосексуалната ориентација.
Понатаму, една од психолошките теории за хомосексуалноста сугерира дека хомофобите не стравуваат од хомосексуалците per se, туку дека станува збор за страв само тогаш кога постои можност да се добие етикетата ,,геј‘‘. Хомофобијата, според оваа теорија, всушност е страв од демаскулинизација, односно ,,штом може да бидам виден како геј личност, тоа значи дека сум помалку маж‘‘. Во оваа теоретска рамка, поклопувањето на категориите ,,јас‘‘ и ,,геј‘‘ би требало да го направи нервозен вистинскиот хомофоб. Нервозата и благиот стрес може поттикнувачки да делуваат и да ја забрзат реакцијата на едноставни когнитивни задачи како што е категоризација според значења.
Тимот на истражувачи од Универзитетот Рочестер, се обиде да предупреди за овој тип на критика, со тоа што покрај ,,јас‘‘ била воведена содржината ,,други‘‘. И оттука е заклучокот за испитаниците кои според истражувањето спаѓаат во ,,потајни хомосексуалци‘‘, дека скратеното време на реагирање важи единствено во случаите на содржината ,,јас‘‘, односно само тогаш кога несвесно се наведени да се замислуваат себеси во геј контексти.
Кој има ерекција на геј филмови?
Тестот на имплицитни асоцијации не е најдобриот метод за потврдување на хипотезата дека хомофобијата заправо е одговор на несвесни хомосексуални пориви.
Замислете дека сте во можност да соберете голем број на стрејт мажи, од кои некои се хомофобични, а некои се попријателски настроени кон хомосексуалците. И замислете дека сте во позиција да ги наведете на гледање геј порно филм. И замислете дека за време на тоа, сте во позиција да да ја мерите нивната ерекција. Дали таквиот тест ќе биде подобар и посоодветен, и дали со истиот ќе може да се детектираат прикриените хомосексуални желби на хомофобот?
Добра вест: во средината на 90-тите години, истражувачи од Универзитетот на Џорџија, имаат изведено токму таков експеримент, користејќи го методот на пенилна плетизмографија. На примерок од 35 стрејт мажи кои имаат некакви хомофобични ставови, и 29 стрејт мажи кои се пријателски настроени кон хомосексуалците, истражувачите биле во можност да ја споредат пенилната реакција (ерекција) на порнографските филмови со различни полови конфигурации.
Секако, кај сите мажи се пројавила сексуалната возбуденост на стрејт и лезбејски порнографски содржини. Но прикажувањето на геј порнографски содржини резултирало со интересни впечатоци. Три четвртини од хомофобичните стрејт мажи имале значајна или умерена реакција на сексуална возбуденост, додека ги гледале геј клиповите. Кај примерокот на стрејт мажи кои се пријатечки настроени кон хомосексуалците, тоа било случај само со помалку од една третина од субјектите на истражувањето.
,,Напаленоста‘‘ е во стравот
Зависно од типот на апаратура, плетизмографот покрај ерекцијата може да ги мери и стандардните физиолошки фактори на возбудувањето. Во таа смисла, овој метод е значајно доверлив и неговите резултати не се лесни за оспорување, како што е случај со резултатите од тестовите на имплицитни асоцијации.
Студијата на психолози од Универзитетот на Џорџија, се судирала со доказите дека самата анксиозност, односно можната ситуација во која се ставени учесниците во студијата, може да резултира со сексуално возбудување. Имено, уште во 1977 година е направено истражување поврзано со анксиозноста и сексуалната возбуденост кај жените. На испитаниците им се мерени вагиналниот крвоток и вагиналната секреција додека гледале еротски филмови. На еден дел од испитаничките, непосредно пред еротскиот филм, прикажан им е едно кратко и експлицитно видео од сообраќајна несреќа. Тоа резултирало со побрзо и посилно сексуално возбудување на оние жени кои пред да ги проследат еротските содржини, го гледале таквото видео.
Значајно попрецизната и посвежа студија, кои ја имаат изведено истражувачи од Универзитетот во Остин покажува дека умерено анксиозните жени полесно постигнуваат сексуално возбудување за разлика од неанксиозните или премногу анксиозните жени.
А ова матрица не важи само за жените. Едно интересно истражување покажува дека стравот од електрошок може да доведе до ерекција. И класична студија од овој тип, е изведена уште во 1943 година, покажува дека возбудувањето, стравот и други силни емоции кај повеќе од половина адолесцентни мажи резултираат со ерекција.
Студијата на истражувачи од Универзитетот на Џорџија може, меѓутоа, да ги заобиколи критиките од типот ,,хомофибите се возбудени заради ситуацијата на анксионозт, а не заради геј порното‘‘. Методологијата која ја применуваат овозможува да ја разликуваат ерекцијата предизвикана од геј, стрејт или би тематики, како и јачината на физиолошките параметри. Хомофобите кои според резултатите на студијата истовремено спаѓаат и во прикриени хомосексуалци покажуваат иста физиолошка слика, кога им се презентира и стрејт и геј порнографија.