„Феминистката сè уште е повеќе икона на иднината отколку икона на минатото“, вели Светлана Слапшак во својот текст, извадок од нејзината многу популарна книга „Женски икони на 20-тиот век“.
Модерниот феминизам е малку постар од два века. Самиот термин е уште помлад така што во неволјата на дефинирањето, историчарките за постарите периоди често го употребуваат терминот „феминизми пред феминизмот”. Веќе тука е јасно дека феминизмот има силна потреба за прецизност и самоограничување, кои сведочат за долгата борба за влез во прифатената област на политичкиот речник, научната терминологија и историјата на идеите. Во ситуација на постојано испитување и самоиспитување однатре, и постојано одрекување и премолчување однадвор, можеби навистина би било поедноставно да се наречат феминизам сите политички движења, кругови и ситуации во кои се произведувала идејата за еднаквост меѓу половите, промоција на женските квалитети и славење на женскиот придонес во развојот на човечкиот род. Од таа перспектива, без страв од непрецизност би можело да се зборува за, на пример, антички феминизам, колонијален феминизам или за феминистката како женска икона на 20 век.
На самиот почеток од 20 век, медиумите со полна пареа создаваат карикатурална слика на суфражетки, жени што се залагаат за давање право на глас на жените. Оваа слика во голема мера служи за насочување на интересот кон помалку важните аспекти на феминизмот, а за и самите феминистки да се направат непопуларни кога еднаш жените ќе го добијат правото на глас. Во типичната мешавина од молби и застрашувања, која во своите основи до денес не е многу променета, жените се предупредуваат и убедуваат дека со добивањето право на глас и поголемо учество во светот со кој владеат мажите ќе ја „изгубат” својата женственост. Со други зборови, доколку веќе учествуваат во културата што ги формирала како „женствени”, значи како немоќни и второстепени суштества, ќе ги изгубат и оние малку привилегии што со тој статус ги имаат. Од тоа произлегува дека феминизмот е нужно револуционерна позиција и дека жените имаат малку што да изгубат – да парафразираме – освен своите окови, доколку се одлучат да постапуваат како феминистки. Дека комодитетот, конформизмот, манипулацијата, лицемерието, притаеното насилство или едноставно неинформираноста се вградени во машката доминација, се гледа и по тоа што на крајот од 20 век, поголемиот дел од жените на планетата не се декларирани феминистки.
Врз основа на податоците на ООН, жените на планетата главно не поседуваат земја, но главно ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа, која во светската историја непогрешно се поистоветува со робовската работа; според бројноста, тие се мнозинство од избирачите, но несоодветно претставени во власта; имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува; просветните, здравствените и академски институции нудат многу помалку пропустливост за жените. Тие почесто се раѓаат на планетата, живеат подолго, учат и се социјализираат полесно во младоста, одговорни се за помалку криминал и незаконски дејствија, неспоредливо помалку предизвикуваат насилство или учествуваат во него, и своите барања по правило ги остваруваат по мирен пат. И покрај сето тоа, неспоредливо повеќе се изложени на насилство и нетолеранција затоа што се жени.
Трпението, мудроста на потчинетиот, искажувањето во сопствениот свет – што е тоа што може да го оправда тоа дека сè уште денес во јавноста може да се слушне брборењето за „природата” на жената што наводно се подразбира, или дури барањето школскиот систем, барем во раната фаза, да се направи привилегиран за момчињата (созреваат подоцна), за од мали нозе да имаат отворен пат и загарантирани привилегии? Изгледа дека не се доволни постоењето на „стаклен покрив” и чудесното исчезнување на жената кога ќе дојде до ниво на професор, директор, водач, туку за мажот треба да се обезбеди од најрани денови да се чувствува како владетел и да нема лоши сеќавања од училиштето, каде што девојчињата го „шишале” во знаење и дисциплина. Да се задоволиме со минималната верзија од одговорот на ова прашање – феминистката сè уште е повеќе икона на иднината отколку икона на минатото.
Гласачкото право, за кое суфражетките протестираа, беа тепани во полиција и штрајкуваа со глад во затворите, главно е добиено во 20 век. Тоа, навистина, е најмалиот услов за половата еднаквост, многу често има само симболична вредност, подложно е на манипулации и не е сигурно како средство за воспоставување праведност. Векот помина, а не е постигнат ни пола-пола однос во власта, никаде во светот. Затоа размислувањето за подобрата иднина на феминизмот може да има и изразито циничен призвук, но и цинизмот е подобар, а секако политички поуспешен од согласувањето со „природата” на жената. Но, искуството на борбата за право на глас во голема мера ги повторува важните мигови во историјата на жените – минималистичката програма, долготрајната работа, заштитата на солидарната група, алтернативниот пристап.
Системот е толку препознатлив и успешен така што и денес некои конформистички жени мислат дека можат да успеат во машкиот свет само со изјавата дека „не се феминистки”. Оваа мршојадност кон успесите на феминизмот само ја потврдува приемливоста на основниот пристап. Суфражетките беа обвинувани дека не се „вистински” жени, дека се хистерични и/или луди и дека имаат неуспешен или претеран сексуален живот, според потребата на оној што ги изрекуваше овие оценки. Тоа покажува дека во женската политика, или во феминизмот, приватниот живот никогаш не е потиснат или скриен, туку е дел од јавниот политички исказ. Многу феминистки во раниот 20 век сметаа дека во својата сексуална слобода искажуваат дел од своите убедувања, а многу често се залагаа за сексуална слобода или полови определувања што самите не ги практикуваа. И додека на десницата на 20 век постојано беа изложени на навреди, на левицата ги чекаше уверувањето дека „сега” – речиси никогаш – не е вистинскиот миг за феминистичка акција. Во незапаметениот backclach по падот на социјалистичките режими на Источна и Централна Европа, првата група што во целост беше обвинета за комунистичкото минато беа жените. Спиеја со комунистите и им раѓаа деца!
Гротескноста на антифеминизмот во 20 век единствено бледнее пред ужасот на репресиите над жените. Наместо воопштувања, можеби вреди да се потсетиме на некои примери. Роза Луксембург, иконата на левицата, во голема мера цензурирана во советизираната историја на работничкото движење, на почетокот од 20 век беше олицетворение на сите политички цели и сите стратегии на феминизмот: широкото идејно поле, врвната интелектуалност, чувствителноста кон социјалната неправда, личното живеење на политичките идеали, недвосмисленото феминистичко однесување и размислување, пацифизмот, револуционерноста, отпорот против идеолошките ограничувања.
Многу години помина по затвори, прво поради учеството во Руската револуција во 1905, а потоа и поради спротивставувањето на Првата светска војна, во Германија. Зад себе остави возбудливо полемичко, теориско и книжевно дело. По неуспешниот обид за револуција во Берлин, војниците, неа и колегата Карл Либнехт, ги убија и ги фрлија во канал. На многумина во „меѓународната левица” ваквиот расплет им одговараше колку и на германските милитаристи. Затоа, наместо патетика, да го истакнеме квалитетот на доследноста. Не е без значење и тоа дека култот на Роза Луксембург во 20 век најмногу се негуваше во „нерегуларната” левица, меѓу анархистите, критичарите на сталинизмот, утопистите, еколозите и… феминистките.
Во случајот на Роза Луксембург, доследноста се чита, пред сè, во цврстата минимална програма, од која нема откажување без предавање на основната цел: пацифизмот е таква програма. Покрај пацифизмот, феминизмот, всушност, е подразбирлив систем на идеи, кој неповратно е потврден: тоа значи дека не се губат време и енергија во докажување на нешто што во круговите на Роза се сметаше за несомнено достигнување на политичката култура. Грижата за социјалната еднаквост станува трет елемент што се подразбира во програмата којашто во никој случај не може да се намали.
Субверзивноста на таквата програма за која било власт – особено милитаристичката – е повеќе од очигледна. Помалку е очигледно дека таквата програма е погубна за комплицираните револуционерни проекти, како што е, на пример, комунистичкиот. Единствено за феминистичката околина таквата програма е неконфликтна и „подразбирлива”. Затоа Роза Луксембург во модерниот феминизам и женските студии не е само „светол пример” и име во канонот, туку и успешна опција. Ако сакате да изведете врвен и малку скап политичко-трендовски гест и да го посетите командантот Маркос во Чијапаса во Мексико, или барем интернетски да сурфате по сајтовите што се посветени на овој единствен политички и културен експеримент, вдлабочувањето во делото и примерот на Роза Луксембург ќе ви биде нужно потребно.
Да завршиме, значи, со потребите: Роза заради добивање државјанство се омажи за германски работник. Феминистките денес, покрај сојузништвото со сите што сакаат својот пол сами да го одредуваат, имаат нужна потреба од уште поредок припадник на видот, кој е забележан во минатото и посакуван во иднината: феминист.
Извор: okno.mk