Денес, во 14.30 часот, од страна на припадници на ЛГБТИ заедницата, граѓани, поддржувачи и активисти, беше организиран протест пред Јавното обвинителство на Република Македонија, со цел да се укаже на неефективноста на работата на институциите, како и недостатокот на политичка волја за решавање на случаите на насилство кон ЛГБТИ луѓето во Македонија, но и кон активистите за човекови права.
На 23. 10. 2014 година (четврток) се случи шестиот напад на припадници на ЛГБТИ заедницата, за време на роденденската прослава на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Претходните две години, Центарот беше напаѓан пет пати (24. 10. 12 година, 16. 12 – 17. 12. 12 година, 02. 03. 12 година, 22. 06. 13 година, 05. 06. 2013 година), при што само еден од случаите беше процесиран. Потсетуваме дека Основниот суд Скопје 1 ја донесе пресудата 20К-966/13 со која за виновни беа прогласени членовите од толпата кои за време на протестите од 2 март 2013 го сторија кривичното дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Осудените на затворски и условни казни, покрај учеството во протестите кои беа организирани како реакција на насилството со етничка позадина, ја нападнаа и подружницата на Хелсиншкиот комитет – ЛГБТИ Центар за поддршка, при што причинија материјална штета. Поврзано со тој случај (нападот на ЛГБТИ Центарот за поддршка од 2 март), судот одлучи да го прифати предлогот при одмерување на казната како отежнителна околност да се смета фактот што нападот на Центарот е сторен поради неговата основна функција – поддршката на ЛГБТИ популацијата и борбата против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Индикативно за работата на институциите е тоа што во врска со последниот напад, при објавата за истиот од страна на МВР преку Дневниот билтен, немаше информација дека нападот се случил за време на прославата организирана од ЛГБТИ Центарот, ниту дека ова е шестти напад врз Центарот (и неговите активности) во чаршијата, што веќе претставува криминален тренд кој бара поинакво постапување.
Занемарувањето на таквиот криминален тренд произлезе како констатација и од денешната изјава на јавниот обвинител Марко Зврлевски, кој после одржаниот протест изјави дека, меѓудругото, не е запознаен со тоа кога и колку напади имало.
,,За протестот не сум запознаен. Претешко е да се каже дека ништо не се работи за нешто што трае со години, за месец дена да се откријат сторителите е преоптимистично. Службите работат и штом добиеме сознанија ќе пристапиме. Не сум известен колку напади и кога имало. Постапувано е согласно Законот, но во овој момент не можам ништо повеќе да ви кажам.‘‘ – изјави Зврлевски, откако се одржа денешниот протест.
Според одредбите на новиот Закон за кривична постапка, јавниот обвинител е субјектот кој е двигател не само на кривичното гонење, туку и на истрагите по кривичните дела. Поради тоа што последниот напад врз активностите на ЛГБТИ Центарот за поддршка претставува последно дело во криминалниот тренд на насилни напади на ЛГБТИ заедницата, неприфатливо е јавниот обвинител да не биде информиран за нив и за истрагата по нив, без разлика дали се случиле пред стапувањето во сила на новиот Закон за кривична постапка.
И покрај тоа што, како претходните, така и последниот напад беше осуден од страна на претставници на меѓународната заедница – дел од дипломатскиот кор во Македонија и релевантни меѓународни невладини организации – сепак тоа немаше никакво влијание врз политичката и законодавната клима во македонското општество во однос на насилството кон ЛГБТИ луѓето.
Потенцираме дека како со националното законодавство, така и со европското право и процесот на хармонизација на македонското законодавство гарантирани и заштитени се правото на живот, безбедност и сигурност, заштитата од дискриминација и правото на слободата на изразување. Овие слободи и права им припаѓаат на сите, без оглед на нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет!
За време на денешниот протест, од страна на претставници на невладини организации кои работат во областа на правата на ЛГБТИ луѓето и се членки на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија*, беше истакнато дека понатаму нема да следуваат изјави од страна на НВО, односно нема да се отстапи од конечните барања кои беа јавно соопштени, со цел да се укаже на молкот од страна на властите, и во овој случај молкот на јавниот обвинител кој со таквото поведение е соучесник во злосторството.
„Од следната недела ќе лежиме мртви пред нивните институции! Ниедна од институциите не се одважи досега да даде одговор, да го испочитува минималното достоинство на оние кои го побараа. Ние повеќе немаме намера да бидеме безгласна буква и да им читаме барања не оние кои ги нулираат“ – Славчо Димитров, Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.
Повторно, потсетуваме дека Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија во врска со нападот од 23. 10. 14 година, упати барања до Владата на РМ, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и надлежните Судови:
– Бараме јавна осуда од Премиерот на Владата и Министерката за внатрешни работи за хомофобичното насилство од омраза против ЛГБТИ луѓето во РМ во текот на денешниот ден.
– Брзо разјаснување на случајот, откривање на сторителите и ефикасна судска постапка за Насилство, Предизвикување општа опасност и Расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето.
– Разјаснување, откривање на сторителите и покренување на судска постапка против сторителите на предходните пет напади врз ЛГБТИ Центарот за поддршка во Старата скопска чаршија.
– Отворање на кривична истрага за говорот на омраза кој следеше на социјалните мрежи по нападот и за Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа против медиумите кои пред настанот објавуваа содржини со говор на омраза против ЛГБТИ луѓето.
*Националната Мрежа против Хомофобија и Трансфобија (НМХТ) на РМ е мрежа од дваесет невладини организации и индивидуалци кои координирано дејствуваат против насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето во нашето општество.
Видео записите се користени од: http://novatv.mk/
Фотографија: Ванчо Џамбаски