Во продолжение ја пренесуваме дискусијата на пратеничката Лилјана Поповска од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), на собраниската седница на 27.8.14 за Амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија со кој се дефинира (вон)брачната заедница исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена. Цениме дека изнесените аргументи се на линија на соодветна одбрана на позициите на ЛГБТ заедницата во македонското општество, иако пратеничката Лилјана Поповска гласаше ,,воздржано‘‘ за усвојувањето на уставните амандмани.
,,Овој амандман претрпе измена од првиот предлог за менување на Уставот до сега. Во првата верзија беше дефиниран бракот како заедница меѓу еден маж и една жена. Го поддржав, зашто и за мене бракот е важна клетка на општеството. Не сметам дека бракот е загрозен, но имам разбирање за различните идеолошки определби меѓу нас како пратеници и желбата на демохристијанските колеги ова да го предложат.
Овој амандман претрпе суштествена измена во летниот период. Додадена му е дефиниција за вонбрачна заедница и партнерство, која е исто така дефинирана каква смее да биде. Со оваа додавка амандманот стана проблематичен и неприфатлив. Имено, се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите?
Не се само ЛГБТ-луѓето тие што ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница. Тоа може да биде и постар човек и дете, кои живеат со други луѓе.
Ако е дозволено само хетеросексуално партнерство и заедница, тогаш се изведува заклучок дека се друго е забрането. А она што од државата е забрането, таа може да го гони. Се поставува прашањето: дали државата има намера да ги гони ЛГБТ-луѓето? Поради која причина и со која цел? Јас верувам дека сегашните предлагачи немаат таква намера, но кој ќе гарантира дека некои идни спроведувачи нема по тоа да посегнат?
Македонија е земја која има многу сериозни проблеми и се бори со нив, повеќе или помалку успешно. Нам не ни требаат измислени непријатели. Се работи за живи луѓе, наши сограѓани, ЛГБТ-луѓе. Малцинска групација, како и во секое општество, која не може надвор од својата природа и која има право на живот, на работа, на правда, на љубов. За луѓе се работи, различни од мнозинството. Луѓе кои не смеат да бидат дискриминирани, ни понижени. И кои дефинитивно не треба да се мразат. Ниту да се мразат оние, кои не ги мразат ЛГБТ-луѓето.
Треба да сфатиме дека, создавајќи им проблеми во секојдневниот живот на ЛГБТ-луѓето, државата ќе си создаде проблеми себеси во целост, зашто ќе се судри со правдата и со меѓународното право.
Поради обид да се пропише нечија приватност што е неприфатливо, не можам да ја поддржам оваа формулација и ќе гласам воздржано. Понатаму ќе дадам амандман за бришење на додатокот во дефиницијата и доколку тоа не се прифати, не ќе можам да го поддржам овој уставен амандман.‘‘
Извор: http://dom.org.mk