Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија (НМХТ) реагираше по повод бомбите на опозиционерската СДСМ, односно на материјалот од истите кој посочува на максимална корумпираност и патизација на институциите и судството.
Во продолжение следува интегрално нивното соопштение:
Последниве неколку месеци, целата јавност во Македонија имаше прилика да се запознае со вистинскиот начин на владеење на авторитарниот и тоталитарен ум на ВМРО-вската власт. Насилствата на власта и нивните послушници, бескрупулозното продирање, контрола и злоупотреба на приватниот живот на граѓаните, бездушни уцени, фрапирачка корупција на институциите на системот,нефункционалност и контрола над судскиот ситем, безмилосна манипулација на волјата на гласачите, злоупотреби на ранливата состојба на цели категории на граѓани, нечовечно подигрување со судбината на човечките животи, абсолутистичка контрола над јавната сфера, узурпација на слободата на информирање и медиумската сфера – се само дел од згрозувачките и историски невидени криминали на оваа власт кои имавме прилика да ги слушнеме.
Она што недвосмилено го засведочуваат информациите кои ги презентираше на јавноста опозициската СДСМ во изминатиов период укажуваат единствено на фактот дека Македонија е претворена во приватна сопственост на мафијашките тенденции на неколкумина луѓе и фамилии, а Уставот и владеењето на правото се ништо повеќе од празно слово на хартија кое повремено игра улога во насилните и профитерски игри и походи на врхушката на власта.
Варварскиот, вулгарен и насилнички говор на највисоките претставиници на државната власт е јасно огледало на насилничкиот говор на омраза со кој власта и нивните избраници и медиумски послушници ги стигматизираат, навредуваат и дехуманизираат сексуалните и родовите малцинства со години. „Куртон“ вестите на квазимедиумската владина пропагандна машинерија се истите оние сервиси за манипулирање на јавноста кои со години шират омраза и го контролираат протокот на информации поврзани со животот и културата, со страдањата и борбите на ЛГБТИ луѓето и активистите.
Како може да се очекува дека најголемиот дел од јавноста ќе размислува поинаку, кога токму врвот на власта секојдневно и телефонски ја уредува содржината на информациите кои се презентираат преку најгледаните национални телевизии? Кога токму врвот на власта одлучува дали и колку хомофобија, трансфобија и неаргументирани тврдења за имагинарни закани ќе си го најдат своето место во вестите, шоу емисиите и рекламите? Кога токму Премиерот и Претседателот на државата најчесто и речиси исклучиво гостуваат само во емисиите на најгласните хомофоби, чија функција е да не бидат ништо повеќе од партиски мегафони, идентификатори на “предавници“ и “браник на заштитата на македонската нација“.
Насилните „бараби“ кои го злоставуваат граѓанството во изборниот период се дел од онаа послушничка толпа која е спремна да ги нападне, повреди, па и да ги убие ЛГБТИ луѓето и активистите за човекови права. Нееднаквиот и дискриминаторски однос кон граѓаните кои не се поклонуваат пред заповедта на „началниците“, „шефовите“ и пастирот на нацијата и неговата партија не се воопшто поразлични од сите ние кои со години живееме во стравот и срам од отфрлање и дискриминација поради нашите сексуални и родови разлики од хетерофашистичкиот и националистички кошмар на владеачките структури. Узурпацијата на државата и злоупотребите на полицијата, која наместо да биде сервис на граѓаните е престорена во сервис на Министерката и нејзините шефови, ги опишуваат сите недејствување, ароганции и насилство на полициските службеници и претставници на МВР кога стануваше збор за секој напад врз ЛГБТИ заедницата.
Јасно е, сега кога излезе на виделина степенот до кој обвинителството и судската власт биле ставени да работат исклучиво во полза на оваа сурова група бездушници, зошто нивниот послушник Зврлевски, кој би требало да биде Јавен обвинител на Република Македонија, нема никаков проблем со нерешениот статус на серијата случаи на злосторства од омраза кон ЛГБТИ заедницата.
Почитувани сограѓани/ки, нивната легитимност исчезна! Исчезна и митот дека волјата на народот е насилна како што е насилно нивното владеење. Остана само корумпираноста, алчноста и бездушноста. Остана голата слика за сурова манипулација на сите кои се различни и маргинализирани, без разлика дали тоа е по основа на пол, етничка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет или која било друга основа. За нив тоа се само обични гласачи, кои како безгласни човечиња, будалетенки, ако треба и за уши можат да бидат извлечени на гласање. Во визијата на оваа насилна власт, сите ние, граѓаните, сме човечиња, полу-луѓе, будалетинки подстроени под страв и закани. Во оваа власт сите сме Ромите кои сакаат да ги влечат за уши. Сите сме „настрани“ и „изопачени“ во насилниот резон на оваа власт. Сите сме комуњари кои мислат поинакво и се дрзнуваат да се спротистават на насилниот национализам и криминал на фамилијата на власт.
Затоа, Националната Мрежа за борба против хомофобија и трансфобија повикува да престанат исклучувачките политики и гледишта. Повикуваме на политичко обединување и солидарност, а со цел да престане поделбата по секоја основа, да престанеме да го гледаме општеството како збир на различни групи, чии разлики треба да ги делат едни од други. Сите сме еднаков дел од ова општество! Се додека успеваат да не разделат, да не претворат во посебни „целни групи“, диктатурата нема да си замине, само ќе биде заменета со нова. Единствен излез од овој бескраен круг на понижување е конечно, сите да сфатиме дека сме Слободни. Различни. Еднакви. Оваа власт мора да биде срушена за правдата и демократијата конечно да добијат смисла и да заживеат!