Front Line Defenders им посакува добредојде на 145 бранители на човекови права од 95 држави, во Даблин, на седмата Платформа за бранители на човекови права.
Денес, заменик-премиерот на Република Ирска и Министер за надворешни работи и трговија, г-н Имон Гилмор, TD, им се придружи на Front Line Defenders во даблинскиот замок за формалното отворање на седмата Даблинска Платформа за бранители на човекови права.
Во неговото обраќање кон 145те бранители на човекови права кои допатуваа од 95 земји за да присуствуваат на Платформата, г-н Гилмор ја истакна важната улога на бранителите на човекови права, чијашто работа е витална за создавање на поправедни општества, базирани на еднаквост. Тој исто така ја повтори изјавата на ирската влада, која кажа дека ќе продолжи да се залага за безбедноста и заштитата на бранителите на човекови права кои се во ризик.
Во својот говор на отворањето, Мери Лолор, која е основач и извршна директорка на Front Line Defenders, рече: „Бранителите на човекови права со целата своја сила и без престан се борат против неправдата, со решеност измешана со надеж. Нивната работа е легитимна, нивниот дух и издржливост се несоборливи и ним им следува заштита од државата во случај на напади.“
Сите бранители на човекови права кои учествуваа на Даблинската Платформа беа повикани поради ризиците со кои се соочуваат како резултат на нивната мирна работа во одбрана на правата на другите.
Во изјава од Даблин, бранителот на човекови права од Македонија, Кочо Андоновски, изјави: „Да се биде бранител на човекови права е да се направи избор меѓу дигањето на гласот за она што е праведно, и бранејќи ги правата на другите, и од друга страна, пасивното прифаќање на тоа дека не постои друг начин. Да се биде тука со 145 други бранители на човекови права од сите краишта на светот, кои се соочуваат со слични ризици, ме потсетува на праведноста на нашата кауза. Кога ќе ја видите енергијата и посветеноста на луѓето во оваа просторија, ќе видите дека постои причина за оптимизам кон иднината.“
Даблинската Платформа нуди уникатна можност и безбеден простор во кој бранителите на човекови права, од кои многумина не можат слободно да зборуваат во сопствената земја, можат да споделат искуства, да учат едни од други и да смислат нови и поефективни стратегии за безбедност и заштита.
Денис О’Браен, Претседател и ко-основач на Front Line Defenders, изјави: „Голема радост е, дури и привилегија, да можам да ви посакам добредојде на седмата Даблинска Платформа. Оваа платформа претставува славење на храброста, на храбрите луѓе, луѓето како вас, кои издржуваат во борбата кон подобро, иако околностите се против вас.“
Оваа година, Даблинската Платформа ќе содржи и фокус на безбедноста во дигиталниот простор, со еднодневна обука, по која ќе следат т.н. клиники за безбедност во дигиталниот простор, кои ќе се одржуваат еден-на-еден. Исто така ќе има и сесии со фокус на специфичните ризици со кои се соочуваат жените-бранители на човекови права, како и безбедноста и заштитата на оние кои работат во контекст на вооружен конфликт.