На почетокот на летото, паднав од велосипед по ударот од страна на друг велосипедист. Паднав на кацигата и рамото, влечејќи се уште 3 метри, и потоа се тргнав од патот. Се’ на се’, добро поминав. Знаев дека не сум сериозно повреден но бев сигурен дека ми е скршена клучната коска; станав и ја почекав амбулантната кола, размислувајќи за тоа дека сезоната за триатлон за мене е завршена. Во моментот воопшто не ми текна дека ќе морам да поминам низ многу фрустрации во системот на здравствена заштита како трансродово лице.
Кога стигнаа болничарите, ми побараа основни информации и прашаа што се случи. Ми се обраќаа со „господине“ и мислам дека немаше сомнение околу мојот идентитет, се’ додека не ме прашаа дали земам некои лекарства.
Пред искрено да одговорам на вакво прашање, секогаш се прашувам кој го поставува и зошто мора да го знае тоа. Ова беа „професионалци“ (во наводници затоа што тоа наложува дека така и ќе се однесуваат) од здравствената заштита, па јас, претпоставувајќи дека ќе следат некои лекови и можеби и операција, решив да им кажам. Во последната година имаше ситуации во кои не наведов дека земам тестостерон – како кога одев на клиника поради засипнатост, или на спортска медицина поради бутниот мускул. Во некои случаи едноставно заборавав, затоа што тоа е дел од мојата рутина, а во други случаи намерно не кажував.
Кога и’ кажав на болничарката дека земам тестостерон, таа тоа го запиша во белешките. Ми ја побара дозволата (на која стои М), а јас мислев дека е тоа вообичаено за вакви случаи. Ми ја врати, се консултираше со колегата, потоа се врати и ме прашуваше уште за несреќата. Ништо не беше невообичаено се’ додека таа не се сврте да си оди и не погледнав во белешките кои ги држеше: Со букви високи три центиметри пишуваше „ПРОМЕНА НА ПОЛ.“
Во тие 10 секунди откако го видов тоа, до влегувањето во амбулантната кола за да одиме кон болницата, прво бев изненаден од нејзината претпоставка, а потоа бесен поради тоа што открија, а потоа се прашував зошто беше напишано со такви огромни букви, и што ќе се случи понатаму.
Набрзо откако тргнавме кон болницата, другиот болничар седна до мене, покажувајќи со прст прво на чаршавот, а потоа кон моите интимни делови. „Ќе ми требаат уште некои информации од тебе…Ја имаш направено „операцијата“?“
Требаше да го очекувам ова? Секако, тоа што го имам во гаќи е многу значајно за третманот на клучната коска! Полека земав воздух. Сигурен сум дека изразот на лицето ми беше нешто помеѓу „Сериозно?!“ и „Дали навистина го рече тоа?!“, но реков „Молам?! Имам повреда на рамото, а не на тестисите. Нема ни потреба ни простор за такво прашање.“
Изгледаше малку шокиран (и можеби збунет за тестисите), но се обиде да објасни дека прашува за да „не морам јас да објаснувам стопати во болницата.“ Добра намера, или добар изговор – без разлика, не му одговорив и тој пак си се врати на местото каде што седеше пред тоа; беше тивко се’ до болницата.
Во болницата, влегов заедно со болничарите. Една сестра рече, „Можете да седнете таму, господине“, а вториот болничар отиде кај вработените на приемното, шепотеше и гестикулираше. Само минута подоцна, една сестра сакаше да ми стави болничка алка за идентификација со „Ж“. И’ кажав дека тоа е погрешно и ми одговори: „Секако, душо. Извини. Ќе го средам тоа.
Сето тоа продолжи и понатаму. Имаше и други коментари од сестрите, но искуството со болничарот ме научи дека треба да внимавам. Тоа беше само дополнителна фрустрација, додаток на болката што ја чувствував од повредата. Во последните четири години, во медицински услови ми се случија неколку непријатни ситуации. Искуствата беа фрустрирачки (шест месеци и четири доктори само за да започнам со хормони), дехуманизирачки (ми се обраќаа со „таквите како тебе“, на пример со „Никогаш не сум морал да се справувам со таквите како тебе, ама сега морам поради законот“), но повеќето ситуации биле непријатни интеракции што генерално ми предизвикале лошо чувство, но не биле доволни за да имам основа за формална жалба. Во овој случај, најдобро што можев е да се однесувам онака како што ми е удобно во моментот, како што направив во амбулантната кола, а потоа да напишам жалба.
Знам дека не сум посебен случај:Во Извештајот од Националното истражување за дискриминацијата на транс луѓето, од 2011, под наслов „Неправда на секој чекор“ (“Injustice at Every Turn”), речиси 30% од транс луѓето изјавиле дека ја одложиле здравствената заштита поради дискриминација, а 50% изјавиле дека требало да ги учат своите доктори за здравствената заштита на транс луѓето. Кога можам, правам лично истражување за докторите пред да одам кај нив, за да се осигурам дека има шанси да добијам пријатен прием. Но сешто се случува, и знам дека можам да се најдам во ситуација како оваа.
Како што расте бројот на доктори кои се едуцираат за здравствената заштита на транс луѓето, се надевам дека самите транс луѓе и родово неконформираните луѓе ќе го добијат потребниот третман без да бидат малтретирани или да мораат да објаснуваат. Ги охрабрувам другите луѓе исто така да ги искажат сопствените проблеми.
Извор:originalplumbing.com
Крис се занимава со застапување и едукација, волонтер е на линија за кризни ситуации, консултант за медиуми, спортист и писател, кој не може да дочека да почне да му расте брадата. Држете му среќа.