На 13.08.2013 година, СИТЕЛ на својата интернет страна објави вест под наслов „За американските лекари хомосексуалноста е болест под шифра 302.0“. Меѓутоа, кога ЛГБТИ Центарот за поддршка се обиде да го пронајде изворот на оваа вест, ние дојдовме до нешто сосема изненадувачко – не само што не успеавме да пронајдеме вест во таков формат, туку и сите други вести кои ги пронајдовме пренесуваат сосема поинакви факти, различни од оние со кои располага СИТЕЛ. Понатаму, во своето известување, СИТЕЛ премолчува голем број факти кои на целиот настан му даваат сосема поинаква конотација и со кои недвосмислено се наведува ставот на здравствените институции на САД дека хомосексуалноста не е болест и дека истите не го поддржуваат, ниту одобруваат користењето на кодот 302.0 за доделување на дијагноза ’хомосексуално однесување’.
Со ова, СИТЕЛ уште еднаш ја разгори и ескалира и онака премногу високата хомофобија во Македонија, без притоа да размислува за евентуалното потикнување на нови случаи на злосторства и говор на омраза.
ЛГБТИ Центарот за поддршка стапи во контакт со СИТЕЛ, барајќи да извршат исправка на објавената вест.
Во прилог ќе го пронајдете текстот објавен на http://sitel.com.mk, како и преведениот текст на една од објавените вести во САД. Исто така, можете да пронајдете и неколку линкови на кои ќе пронајдете и други статии кои се однесуваат на истата вест.
Човек од Калифорнија: Докторот ми додели дијагноза на ’хомосексуално однесување’
Напишано од Крис Хеано и Ким Балдонадо, НБЦ Лос Анѓелес
Еден пациент изјави дека докторка од Јужна Калифорнија, при неговата прва посета за контролна проверка, му доделила дијагноза на ’хомосексуално однесување’.
На почетокот од годината, Метју Мур започнал да се лекува кај нова докторка која му предложила да направи комплетен здравствен преглед. Тестовите открија дека Мур пати од недостаток на витаминот Б-12 и дека има висок крвен притисок и холестерол во крвта – резултати кои тој ги нарече ’нормални за мене’.
Кога Мур, кој е отворено геј, се врати во ординацијата на докторката на Менхатен Бич во Калифорнија, сестрата му ги врачи резултатите од неговиот преглед.
Според медицинските записници кои ги објави НБЦ4, помеѓу другите дијагнози, докторот навел и “Хомосексуално однесување (302.0)“. “Хомосексуалното однесување (302.0)“ било исто така заведено во картонот на пациентот како хронична состојба.
Кога ја проверив шифрата 302.0, дознав дека тоа е код за ’сексуални девијации или ментални болести’ и дека тој код или е одстранет, или за него има строги препораки да не се користи“.
“Вилицата ми падна на подот. На почетокот, како да ми беше смешно и си помислив ’Еве уште еден начин на кој геј луѓето се омаловажуваат и им се доделува помала вредност’, но потоа додека размислував и се справував со тоа, станав разгневен“ рече Мур.
Како резултат на укажувањата од еден адвокат и повеќе пријатели, подоцна тој се врати во ординацијата за да и даде можност на докторката да ја објасни својата постапка. Кога ја прашал, докторката застанала зад својата одлука.
“Бев вчудоневиден“ рече Мур.
Кога ја прашал како може да се третира хомосексуалноста, докторката рекла дека тоа “се уште е подложно на дебата“ и дека сексуалната ориентација “се уште се смета како за болест“. Мур изјави дека не му пречи тоа што неговата сексуална ориентација е наведена во неговиот здравствен картон, но дека му пречи тоа што истата е заведена под ’хронични состојби’.
“Честопати, владата ни вели дека не сме еднакви“ рече Мур, додавајќи дека “многу цркви ни велат дека сме грешници, а сега имаме и медицински професионалец, кој ни вели дека сме болни. Тоа мора да престане“.
Незадоволен од одговорот на својата докторка, Мур напиша писмо до Меморијалната мрежа на лекари и од нив доби писмо со извинување. Исто така, Мур ги побара – и ги доби назад своите 30 долари кои ги платил за тој дел од прегледот.
“Целосно сме свесни за фрустрацијата и гневот кои ги доживеавте и целосно сме посветени да спречиме повторување на таквите настани“ напиша Хајди Асигал, Постар Директор на Здравствената асоцијација Торанс.
“Би сакале недвосмислено да изјавиме дека Меморијалната мрежа на лекари Торанс не ја смета хомосексуалноста за болест или за хронична состојба и дека не ја поддржуваме ниту одобруваме употребата на кодот 302.0 како дијагноза за хомосексуалност“.
Мур кажа дека не планира да покрене тужба против докторката, за која тој побара да остане анонимна за да се заштити нејзината репутација. Тој рече дека бил инспириран да ја раскаже својата приказна за да другите знаат дека кога нешто вакво ќе се случи, “мора да го кренеме гласот“.
“Доколку јас бев четиринаесет годишно дете во некој мал град во Индијана, одкаде што сум, и доколку некој доктор ми кажеше на мене или на моите родители дека сум болен бидејќи докторот мислел дека сум геј, тоа ќе беше многу штетно за мене“ рече Мур.
Извор: nbc news
За крај, сакаме да појасниме дека во здравствениот систем на САД, кодот 302 се однесува на главата за сексуални девијации и нарушувања, а ознаката .0 се однесува на хомосексуалноста како сексуална девијација. Тоа било така се до 1975 година, кога значењето на ознаката .0 се менува од хомосексуалност, во егодистонична хомосексуалност (нарушување кое се карактеризира со неможност лицето да се помирисо својата хомосексуална ориентација).
Исто така, во прилог на текстов ви доставуваме и извадок од ICD-10-CM, меѓународната класификација на болести, врз основа на која и САД ја изготвува својата класификација на болести, според која јасно и недвосмислено се вели дека сексуалната ориентација, сама по себе, не треба да се третира како болест.
Информациите се добиени од интернет страната на Светската здравствена организација.
Пишува: Павле Богоевски, ЛГБТИ Центар за поддршка/Хелсиншки комитет за човекови права на РМ
________________________________________________________
Други линкови на кои можете да пронајдете статии за истата вест: