Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) поднесе жалба за прилогот „ПЕДОФИЛИЈА НА ГЕЈ ПАРАДА: Стравична снимка која ги покажува целите на хомосексуалната идеологија!“, објавен на 29.06.2015 година на интернет порталот puls24.mk
Комисијата за жалби при СЕММ донесе одлука со која се цени за основна жалбата поднесена од страна на Хелсиншкиот Комитет и тоа со посочување на прекршените членови од Кодексот на новинарите во Македонија – членовите 9, 10, 11, 13 и 15.
Во поднесената жалба до Комисијата за Жалби се наведува дека:
„ (…) текстот се однесува на определено видео прикачено во прилог на веста кое прикажува како малолетно дете изведува танци наводно на улиците на Сан Паоло во Бразил за време на геј парадата. Текстот го објаснува видеото како пример за “вистинската состојба која се шири низ светот” (под претпоставка дека се мисли на трендот во рамките на законодавството во западните држави во правец на прифаќање на правата на ЛГБТИ заедницата и нивната социјална инклузија) “против која треба да се бориме за да ги заштитиме нашите деца”. При тоа во текстот се изедначува хомосексуалноста со педофилијата, како појави од ист карактер, како сексуални и социјални девијации од идентичен вид и ја објаснува хомосексуалноста како сексуална анархија која во себе ја вклучува педофилијата. Оваа изјава не само што е неоснована туку е и комплетно погрешна и прифатена е како невистинита од страна на широката светска стручна јавност.“
Имено, во жалбата од страна на Хелсиншкиот комитет се наведува дека спорниот текст ”е полн со дискриминаторни содржини кои повикуваат на омраза и кои на груб начин го напаѓаат изборот на личната определба на сите од ЛГБТИ заедницата, при што во своето одлучување, Комисијата за жалби ја зеде предвид Препораката R(97) 20 на Комитетот на министри на Советот на Европа за ”говор на омраза” од 1997 година. Во прилогот кон Препораката се истакнува дека терминот “говор на омраза” треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, потикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетрпеливост, вклучувајќи и нетрпеливост изразена преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинствата, емигрантите и лицата со емигрантско потекло.
При одлучувањето по жалбата, Комисјата го зеде предвид и чл.1О ст 2 од ЕКЧП каде се вели дека остварувањето на слободата на говорот и мислата, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои воедно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето нереди и злосторства, заштитата на здразјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Понатаму, Комисијата при одлучувањето се повика и на Одлуката на Европскиот суд за човекови права за случајот Vejdeland and others v. Sweden, жалба број 1813/07, каде се наведува дека нема да постои прекршување на правото на слобода на изразување на медиумите доколку тие бидат казнети за ширење говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Во случајот жалителите се прогласени за виновни за дистрибуирање во средно училиште на околу 100 летоци кои според шведските судови се оценети како навредливи за хомосексуалците. Жалителите ги дистрибуирале летоците преку организација наречена „Национална младина“, оставајќи ги во или на шкафовите на учениците. Летоците содржеле информации и ставови дека хомосексуалноста е „девијантна сексуална наклонетост”, има „морално деструктивен ефект врз срцевината на општеството” и е одговорна за појавата на ХИВ и СИДА. Жалителите посочиле пред Судот дека нивната цел не била да изразат презир кон хомосексуалците како група, истакнувајќи дека целта на нивната активност била да покренат дебата за недостигот на објективност во образованието во шведските училишта. Судот утврди дека ваквите изјави претставуваат сериозни и штетни тврдења, и покрај тоа што не биле директен повик кон акти на омраза. Судот заклучил дека нема повреда на член 10 (Vejdeland и останатите против Шведска, жалба бр. 1813/07, пресуда од 9 февруари 2012).
Конечно, во врска со прилогот „ПЕДОФИЛИЈА НА ГЕЈ ПАРАДА: Стравична снимка која ги покажува целите на хомосексуалната идеологија!“ Комисијата најде дека авторот не прави разлика помеѓу кривичното дело педофилија и човековите права и ги изедначува хомосексуалците со педофили, со што ги дискриминира во кривично-правна смисла и јазично наметнува предрасуда дека хомосексуалците се криминогени личности и ги навредува. Притоа авторот, спротивно на новинарската етика, сопственото мислење го камуфлира како факти. При проценката на доказите и утврдувањето на фактичката состојба, Комисијата ги зеде предвид намерата, содржината, односно контекстот на изразувањето и забранетата последица.
Во конкретниот случај, Комисијата констатираше дека авторот имал намера за потикнување, промовирање или оправдување на омраза кон лицата кои припаѓаат на определена група. Покрај содржината на говорот на омраза, дополнителен факт е што тој говор доаѓа од новинар во медиум – информативен веб – портал.
Конечно, со одлуката на Комисијата за жалби при СЕММ е земено предвид она што е наведено во жалбата:
„Земајќи го во предвид горе наведеното, несомнено може да се констатира дека со објавување на вест со ваква содржина порталот “Пулс 24”, преку авторката Вероника Ѓорѓиевска и главниот и одговорен уредник Емилија Велоновска, грубо ги крши професионалните и етичките стандарди на новинарската професија.“