Вчера, во 16.00 часот, ЛГБТИ Центарот за поддршка беше посетен од страна на евроамбасадарот Орав, француската амбасадорка Оер, в.д. амбасадорот на кралството Холандија Верхеен, британскиот амбасадор Гарет, словенечкиот амбасадор Кирнаг, како и претставникот Стонер на Американската амбасада во Македонија.
Поводот на оваа посета беше нападот што се случи минатата недела (во ,,Дамар‘‘, на 23. 10. 14 г.), за време на роденденската забава на Центарот, со цел да се изрази поддршка и да се упатат политички пораки до институциите, кои се надлежни во ефективниот процес на истрага и понатаму казнување на сторителите.
Имајќи го предвид недостатокот на политичка волја во македонското општество, кога во прашање се насилството и неправедниот третман кон ЛГБТИ луѓето, оваа средба со дел од дипломатскиот кор беше од големо значење. Меѓународниот притисок, во таа смисла, треба да значи дополнително поттикнување на политичките субјекти во заштитата и остварувањето на слободите и правата на ЛГБТИ луѓето.
Дел од дипломатскиот кор, изрази поддршка за припадниците на ЛГБТИ заедницата, и го осудија последниот напад, но исто така експлицитно побараа од властите ефективно да го процесираат овој и претходните случаи на насилство, како и да ги казнат сторителите.
Топол гест од страна на синот на британскиот амбасадор Гарет, кој исто така присуствуваше на почетокот на средбата, беше подарување на торта што самиот ја подготвил.
Питер Верхеен, в.д. амбасадорот на Холандија во Македонија и‘ порача на Владата дека треба да ги заштити своите граѓани, затоа што сите граѓани се еднакви. Тој посочи дека власта треба да застане во одбрана не само на своите гласачи, туку и на останатите граѓани, а да ги најде напаѓачите од инцидентот во „Дамар“.
,,Сакам да ја искажам мојата поддршка кон ЛГБТИ популацијата. Во врска со шесте напади на ЛГБТИ лицата овде во Македонија, претставува должност на секоја Влада да ги заштити своите граѓани и тука кога велам да ги заштити, мислам не само своите гласачи, туку сите граѓани на земјава. Должност е на секое малцинство да заштити друго малцинство, и многу е важно Владата да преземе мерки за да ги донесе напаѓачите пред правда. Со оглед на тоа дека и во претходните случаи имаме побарано од Владата да преземе дејствија, се надеваме дека овој пат Владата ќе ги преземе на ефикасен начин.‘‘
Евроамбасадорот Аиво Орав, повикувајќи се на вредностите кои ги застапува Европската унија, како и Виенската конвенција на ОН од 1993 година според која должност на државите е да ги заштити човековите права и фундаментални слободи на поединците, порача:
,,Европската унија е денеска тука затоа што се заснова на вредностите на човечкото достоинство, слободата, демократијата, владеењето на правото и заштитата, почитувањето на човековите права. Сексуалната ориентација продолжува да се користи како оправдување за прекршување на човековите права ширум светот. ЛГБТИ луѓето претставуваат ранлива група, продолжуваат да бидат жртви на прогон, дискриминација и на екстремна употреба на насилство. ЛГБТИ луѓето ги имаат сите човекови права како и сите други поединци.‘‘
Од друга страна, одговарајќи на новинарско прашање во врска со конкретниот напад од минатата недела и роденденската прослава на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Орав изрази оптимизам за работата на властите кои треба да спроведат истрага и да ги казнат сторителите:
,,Минатата недела, овде во Скопје, имаше напад врз ЛГБТИ заедницата и ние денеска како претставници на земјите на ЕУ и на американската амбасада многу сериозно го осудуваме овој напад и апсолутно сме сигурни дека властите во земјава ќе спроведат ефикасна и брза истрага на овој случај, а исто така и за претходните напади врз ЛГБТИ заедницата, со цел да ги најдат напаѓачите.‘‘
При посетата на амбасадорите на ЛГБТИ Центарот за поддршка, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска ја изрази благодарноста за поддршката на меѓународната заедница, потсетувајќи дека е потребно да се спроведе ефективна истрага која што на крајот, ќе доведе до тоа да бидат фатени сторителите, не само на овој последен напад, туку и на претходните пет напади кои што се случија, и во тој правец потенцираше :
,,Немаме намера да престанеме и сметаме дека овој напад не смее да се заборави. Овој напад е последица на нерешавањето на претходните случаи.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го осудија нападот.Ние инсистираме нападот да го осудат министерката за внатрешни работи и премиерот. Ако не се стори тоа, повторно ќе бидеме цел на напади. На ваков суптилен начин ги охрабруваат.‘‘
Исто така, значајно е што Пировска упати на тоа дека јавниот обвинител е должен по службена должност да го гони говорот на омраза на социјалните мрежи и на порталите – ,,Јавниот обвинител имаше многу можности по службена должност да отвори случаи против говор на омраза кој резултира со насилство‘‘.
Програмскиот директор на ЛГБТИ центарот, Кочо Андоновски им објасни на присутните дипломатски претставници дека нападот во кафе барот ,,Дамар‘‘ што се случи на 23 октомври е најбруталниот досега, шести по ред напад врз ЛГБТИ заедницата во Скопје, но и врз активистите за човекови права – ,,Беше најсуров и најдолг напад до сега. За прв пат видовме како некој е подготвен да убие, да скрши стаклено шише од главата на 24-годишна девојка.‘‘
Исто така, Андоновски посочи на тоа дека МВР не објави веродостојни информации за последниот напад, со тоа што ,,неколкумина непознати лица‘‘ не е исто со организирана толпа од 30-тина лица, односно ненаведувањето на тоа дека напаѓачите извикувале ,,Педери! Овде нема место за педери!‘‘ значи дека МВР нема намера да го третира нападот како дело од омраза.
Фотографиите од средбата со дел од дипломатскиот кор може да погледнете на следниот линк: https://www.facebook.com/media/set/?set=a.347097985472261.1073741843.105477206301008&type=1.
Видеата се користени од: http://a1on.mk/