Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”, во соработка и со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше советување на тема „Заштита од дискриминација врз основ на сексуална ориентација“.
На советувањето присуствуваа судии од граѓанските оддели, адвокати, претставници од Комисијата за заштита од дискриминација, претставници на невладиниот сектор и граѓански активисти.
Со воведно обраќање до присутните, советувањето го отвори м-р Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
„Со истекот на оваа година ќе го означиме заокружувањето на петгодишниот циклус на обука за антидискриминационото законодавство во Република Македонија, којшто го спроведе Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’ со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Овој циклус значеше јакнење на капацитетите на македонските судии, изработка и публикување на голем број помошни и практични алатки, како и градење на синергија меѓу судиите, адвокатите и членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, рече Арнаудовска.
Арнаудовска нагласи дека е потребно судиите и адвокатите да се сензибилизираат за препознавање на случаите на кршење на човековите права во однос на дискриминацијата врз основ на сексуалната ориентација и дека судиите имаат обврска за заштитата на овие права.
„Без оглед на тоа што не е предвиден како посебен основ за дискриминација во нашиот домашен закон, но не е исклучен, судиите имаат обврска да ја остваруваат заштитата на овие права преку директната примена на поимот – другите основи признати од меѓународните конвенции и договори, потпишани од страна на РМ, што подразбира обврска за директна примена на стандардите од конвенциите и особено од јуриспруденцијата на судот со кои се дава поширока интерпретација на поимот – заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и на родовиот идентитет“, подвлече директорката на Академијата.
Понатаму, во рамките на советувањето свои излагања имаа д-р Жанета Попоска од Мисија на ОБСЕ во Скопје, Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот и Хелсиншкиот комитет за човековите права.
Д-р Жанета Попоска во своето излагање презентираше компаративен осврт на меѓународната судска пракса во постапки за утврдување дискриминација врз основ на сексуална ориентација, искуството на Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европска Унија.
Поповска го започна своето излагање со теоретска анализа на заштитата од дискриминација, фокусирајќи се понатаму и на практичен приказ на прашањето за заштитата од дискриминација врз основ на сексуална ориентација. Таа нагласи дека, во контекст на современите модалитети и судска пракса во однос на дискриминацијата врз основ на сексуална ориентација, е мошне важно да се стави акцент на, како што подвлече, еволуцијата на правната мисла и ефектот на постапувањето, што најдобро се препознава низ меѓународната судска пракса во постапките за утврдување дискриминација.
„Разликувањето само на основа на сексуална ориентација се смета за неприфатливо во меѓународното право и во меѓународната практика. Судовите бараат многу сериозни причини за да го оправдаат различниот третман“, истакна д-р Поповска, говорејќи за меѓународните стандарди и судската пракса во таа насока.
Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, истакна дека борбата против дискриминацијата мора да започне во семејството преку семејното воспитување затоа што тоа е првенствено просторот каде што се создава личноста.
„Мора да еволуираме во свеста. Сите ние се раѓаме еднакви“, подвлече Миновски. Во рамки на својата дискусија, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација ги образложи предметите и постапките поведени пред Комисијата, при тоа укажувајќи со какви проблеми се соочуваат жртвите на дискриминација.
Тој додаде дека пред Комисијата биле поведени постапки за 18 предмети за дискриминација врз основа на сексуална ориентација, но нагласи и дека Комисијата мора има засилен институционален капацитет.
„Комисијата за четири и пол години работење има преку 360 претставки. Генерално претставките не се поднесуваат од индивидуални лица кои ? припаѓаат на оваа заедница, туку најчесто тоа го прават невладини организации кои се занимаваат со проблемите на ЛГБТИ популација, рече Миновски, додавајќи дека постојат и претставки за два учебника во средно образование и еден во високото образование.
За борбата против дискриминација врз основа на сексуална ориентација, говореше Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот. Андоновски, пренесувајќи го искуството на граѓанскиот сектор во таа насока, најпрво говореше за историските аспекти на борбата против дискриминацијата, за прифатливите дефиниции и за видовите сексуалната ориентација, за родовиот идентитет и за сексуалниот идентитет и однесување.
Тој во своето излагање се осврна на конкретни примери на жртви на дискриминација врз основа на сексуална ориентација во Македонија и нагласи дека особено загрижува пројавеното насилството, нападите врз ЛГБТ популацијата и говорот на омраза. Андоновски истакна дека досега немало ниту еден судски случај на дискриминација по основ на сексуална ориентација
„Од досегашните 27 случаи на говор на омраза во 2015 година, 12 се вр3 основа на сексуална ориентација или родов идентитет“, рече Андоновски, додавајќи дека еден од мотивите за хомофобичните кампањи е ЛГТБИ заедницата да остане невидлива и да не се бори за своите права. Според Андоновски, немањето на ниту еден судски случај на дискриминација по основ на сексуална ориентација се должи на недовербата во институциите, но и на институционалните слабости.
На советувањето, претставниците на судската и адвокатската фела се заблагодарија на успешно реализираната едукација за борбата против дискриминацијата од страна на Академијата за судии и јавни обвинители и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Со пристапот кон ова прашање, со запознавањето на суштинската проблематика, ни се отворија нови прозорци и погледи. За успешна борба против дискриминацијата, потребно е знаење, но и отворен ум“, беа дел од коментарите на претставниците на судската власт, кои нагласија и дека довербата во судството, едукацијата и создавањето на судска пракса ќе имаат неминовна и позитивна улога во заштитата од дискриминација врз основ на сексуална ориентација.
Извор: www.akademik.mk