За време на диктатурата во Албанија во втората половина на XX век, членот 137 од Казнениот закон предвидувал до десет години затвор за истополови сексуални односи. Бројот на осудени никогаш не е официјално објавен бидејќи само би ја потврдил бројноста на тогаш невидливата геј и лезбејска заедница.
Многумина биле присилени да водат двоен живот и да склучуваат лажни хетеросексуални бракови. По крахот на комунизмот немало знајачно движење за ЛГБТ права, но некои поединци и поединки сепак биле доволно храбри да почнат да дејствуваат фрагментарно.
Албанија е една од земјите во кои граѓанската војна, а потоа и раширената корупција по приватизацијата, ги уназадија општеството и човековите права до крајните граници на тоталитаризмот. Меѓутоа, гледајќи го филмот „SkaNdal“ на нешто постарите активисти и поддржувачи на човековите права, ситуацијата би можела многу да им заличи на онаа во Хрватска пред петнаесетина години.
SkaNdal е прв долгометражен документарен филм за ЛГБТ движењето во Албанија и во него членовите на албанската ЛГБТ заедница првпат со име и презиме зборуваат за своите особини и активистички приказни пред камера.
Приказната за ЛГБТ движењето не е посебно различна од онаа во која настана загрепското и хрватското движење. Филмот хронолошки зборува за првите обиди за организација на заедницата, бројните улични акции кои ангажираните поединци и поединки ги спроведувале како за критика на општеството, така и за зајакнување на заедницата која до неодамна беше во целосен страв да излезе од плакар – што поради хомофобичното општество, што поради репресијата на полицијата и системот воопшто.
Иако не е баш најдобар документарен филм на сите времиња, SkaNdal успева во една важна работа, а тоа е зајакнување на истата зедница преку првото значајно и колективно излегување на сите кои учествувале во изработката на филмот.
Посебно е емотивна приказната на една од активистките која спонтано се решила за медиумски coming out, во екот на јавната расправа за правата на ЛГБТ лицата. Затоа приказната за SkaNdal не треба да се гледа како врвно документаристичко остварување, туку филм кој делумно е изработен токму за заедницата, да го поттикне излегувањето во јавноста и да го прикаже движењето во настанување.
Запознавањето со ЛГБТ заедницата во Албанија, колку што е поразително при увидот во вистинската состојба на нештата, толку остава и едно позитивно чувство – ренесансата која ? претстои на оваа заедница кога дополнително ќе се активира и вмрежи.
SkaNdal ја прикажува приказната за раѓањето на едно општествено и политичо движење, на кој начин може да се активира општеството и медиумите – и уште поважно, како истото тоа движење интимно делува врз сите оние кои се активирале и први мораат да се заземат за своите права.
Режијата на филмот ја потпишуваат Елтон Баџаку и Ериона Ками, студенти на Филмската академија во Тирана, кои своите претходни искуства во новинарството и активизмот ги споиле со љубовта кон филмот.
Извор: www.e-novine.com