По настапот на сплитскиот Причигин, 33-годишната македонска писателка, доцент по американска книжевност и преведувачка, Румена Бужаровска, влезе во фокусот на нашата културна јавност која ја освојува со неодамна објавената збирка раскази „Осмица“ (Алгоритам). Освен во книжевноста, Бужаровска е ангажирана и на полето на општествениот активизам, па поразговаравме и за низа турбулентни теми кои го потресуваат македонското општество.
Расказите во „Осмица“ пулсираат со вдахновена, животна и луцидна проза пишувана од женска, понекогаш и детска перспектива, донекаде вкоренети во локалното македонско поднебје, но значително послободно интерпретирани на трага на американските примери. Интригантен беше нејзиниот настап на неодамнешниот сплитски фестивал Причигин, каде раскажа фикционална приказна за своето аутирање како геј личност, испреплетена со актуелната кампања на објава на прислушкувани разговори кои ја компромитираат актуелната власт, што во Македонија предизвика прилично соблазнувачки реакции.
За време на неодамнешните студентски протести против предлогот за нов закон за високо образование кој власта го подготви без консултација со академската заедница, Бужаровска се вклучи во работата на професорскиот пленум и јасно се стави на страна на студентите. Затоа разговаравме и за актуелни теми како актеулните опозициски „бомби“, трансформацијата на Македонија во затворено и уплашено општество под контрола на премиерот Никола Груевски и можностите за пресврт во оваа земја кон подобра иднина.
По „Причигингејт“, ја почувствувавте моќта на медиумската манипулација и трач културата на своја кожа. Колку има вистина в приказната која ја раскажавте на Причигин, како ја објаснувате реакцијата на јавноста и дали би раскажале ваква приказна и во Македонија, без дисклејмери?
Откако се случи недоразбирањето со раскажувањето на приказната на Причигин, објавив статус во кој објаснив дека во раскажуваното, нешто беше вистина, нешто беше делумно вистина, а нешто беше невистина – алудирајќи на говорот на нашиот Премиер кога го спремаше народот за прислушкуваните материјали што ги објавува опозицијата. Така беше, навистина, и во мојата приказна. Како автор што раскажува приказна на зададена тема, мислам дека не морам да објаснувам што конкретно било вистина, а што не. Тоа му е јасно на секој слушател или читател што барем малку го разбира процесот на раскажување, што прочитал барем неколку книги, што е барем малку интелигентен и образован. Поставувањето на приказна во реален политички и општествен контекст е прастара книжевна техника за која сметам дека не треба да давам отчет.
Искрено, не очекував таква реакција од јавноста во Македонија бидејќи го преценив нивното политичко знаење. Испадна дека луѓето во голема мера не се свесни за материјалите во таканаречените бомби, и дека не ги следат политичките случувања – да ги следеа, немаше да се „зезнат“. Но ете, се потврди мојата теза дека луѓето повеќе ги интересира трач, отколку криминалните разговори во прислушкуваните материјали. За жал, сфатив дека луѓето продолжуваат да си ја буткаат главата длабоко во песокот, убедувајќи се дека сето ова што ни се случува е „нормално“, дека „се случува во сите земји“, и дека „и порано се случувало“. Ваквите релативизирања на индивидуалците кои не сакаат да преземат одговорност за она што се случува во нивната земја само ја забрзуваат нашата пропаст.
Уште едно нешто што ме издепримира во реакцијата на јавноста – не само во Македонија – беше тоа што сфатив колку луѓето не читаат или колку површно читаат. Колку си дозволуваат да прочитаат само клучни зборови во една информација, а потоа да го контактираат човекот кој е субјект на таа информација, без воопшто да се информираат за контекстот. Во текот на последната недела во инбокс добив еден куп честитки за храброста што сум се аутирала, и покрај тоа што во меѓувреме излегоа многу коментари и информации за настанот. Таквата општа површност и неукост навистина ме загрижи.
Не ме изненади неукоста на порталите и нивната потреба од сензационалистички наслови. За жал, фактот дека е сензационално да си лезбејка зборува многу за состојбата на ЛГБТИ популацијата во Македонија, што е исто така прилично депресивно. Многу луѓе, исто така, ме прашаа зошто не сум демантирала дека сум лезбејка. Тоа ми се чини многу глупаво: нема ништо страшно во тоа да си геј, и никогаш не би демантирала таква работа.
Приказната не сум ја раскажала во Македонија од една проста причина: кај нас не постои фестивал како Причигин. Да имаше кај нас Причигин, со задоволство би ја раскажала истата приказна.
Македонската стварност во последно време е доста инспиративна. Бомбите се преточија во универзален дискурс, станаа социолошки и антрополошки интересни, ги ремиксуваа диџеи, а вие на мала врата ги воведовте во книжевноста. Колку разголувањето на јавниот естаблишмент ја направи Македонија поинаква земја отколку што беше пред месец и нешто?
Појавата на ваквите материјали длабоко го поларизира македонското општество. Никогаш не сме биле толку поделени како сега, но и на чуден начин, никогаш толку обединети. Од една страна се луѓето што се бесни поради ова што се случува, решиле да го голтнат стравот кој владее во последните девет години (во разговори во кафулиња, луѓето го стишуваат гласот кога ќе кажат „Груевски“ или „ВМРО“ – тоа доволно зборува за општата параноја и страв меѓу најобичните граѓани) и гласно да реагираат. Реакциите главно се шират по интернет, бидејќи медиумите ги контролира власта. Но овие реакции се критички, интелигентни и духовити, и на чуден начин ги зближија луѓето кои се дел од оваа опозиција, така што поделби по основа на етничка и религиозна припадност веќе нема. Од друга страна се луѓето што или јавно ја поддржуваат власта – во форма на групи за одбрана на Македонија од „лошите странски непријатели“, кои всушност шират страв и параноја меѓу обичниот народ – или патронизирачките неутралци кои во ваква радикална ситуација исто така се штетни поради релативизирањето на една екстремно опасна политичка криза.
Расказите од „Осмица“, иако универзални, имаат препознатливи локални мотиви. Во расказот „Смртта на учителката Станка“, го „убивате“ главниот лик со удар со глава од фонтаната пред скороевската куќа со камени лавови. Дали е тоа метафора за пропаста на македонското општество какво што го познававте како дете и отстапување место на симболите од кичестиот архитектонски зафат „Скопје 2014“? Како се чувствувате денес во својот (роден) град и како им ја објаснувате на странците неговата трансформација?
Кога го напишав тој расказ, „Скопје 2014“ сè уште не постоеше. Но постоеја невкусните кич изблици во рамките на приватниот имот на луѓето што се збогатија со транзицијата. Страшно е што тој кич од рамките на приватното излезе во рамките на јавното, станувајќи официјално лице на градот. Тој невкус го поклопи градот и стана препознатлив израз на подемот на неукоста во Македонија, но и на лудилото што го опфати ова општество, бидејќи проектот Скопје 2014 е далеку од рамките на нормалноста. Кога го пишував расказот, го критикував кичот во приватната сфера, не можејќи ни да претпоставам дека тој ќе добие ваков облик. Инаку, наставничката симболично ја убив во обид некако да се одмаздам за сите неправди што ги вршат и вршеа луѓето како неа.
Главните ликови од вашите раскази се жени, а преку нив откривате многу за положбата на жените во Македонија. Владата форсира пронаталитетна политика, а наспроти тоа со законски решенија ги дискриминира младите жени на пазарот на труд, додека на странските инвеститори им овозможува експлоатирање на жените, на пример, во текстилните фабрики. Од друга страна, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на снимките од „бомбите“ комуницира како вистински „прв пендрек“, и навредува кого стигне. Дали единствен начин да опстанете како жена во Македонија е да се претворите во алфа мажјак?
Во Македонија сè уште владее сериозен патријархат, кој е понатаму продлабочен со дискриминаторските десничарски владини политики во последните неколку години. Но во меѓувреме се изродија многу организации, платформи и иницијативи кои конструктивно се борат за женските права. Се забележува сè поголемо присуство на активистки во полето на човековите права, а и во студентскиот и професорскиот пленум меѓу најгласните и најактивните членови беа и се жени. Овие жени не го негуваат агресивниот „алфа-мажјак“ пристап на суровата министерка за внатрешни работи: нивниот пристап е човечен, инклузивен, интелектуално обмислен, но и емпатичен.
Работите на факултет и активно им давате поддршка на студентите во нивната борба против Законот за високо образование, кој дополнително го обесмислува поимот студирање во Македонија. Образованието во вашата земја е можеби и најсистемски упропастено од сите земји од поранешната држава, а власта се фали со сè поголемиот број факултети на кои произведува партиски кадри. Дали блокадата, според вас, успеа, и дали би ги поддржале студентите ако под влијание на лошата состојба во општеството се приклучат на евентуални протести?
Прогласувањето на автономната зона на факултетот беше исклучително позитивна и успешна појава што предизвика восхит не само во академската заедница, туку и многу пошироко. Ова звучи како клише – но вистина е дека слободоумниот и љубопитен дух на студентите ни даде надеж на сите дека во оваа држава има што да понуди, дека не е сè труло и застоено како што претходно се плашевме. Студентите всушност и поттикнаа голем број луѓе да се охрабрат и да си го кажат мислењето. Со прогласувањето автономна зона тие се изборија владејачките структури првпат да потклекнат и да се покорат на нивните барања: законот се стави во мирување и сега е во процес изработка на нов закон во кој учествуваат и студентите, и професорите. Секако, мојата поддршка секогаш безрезервно ќе биде на страната на студентите.
Дали социјални немири се воопшто можни во Македонија? Како гледате на обидот за упад во јавната телевизија, и верувате ли дека сегашната опозиција со бомбите ќе ја симне актуелната власт? Постои ли воопшто можност за трет пат, да не кажам „македонска Сириза“?
Македонија веќе долго време е потоната во идеолошка хипноза, делумно поради контролата на власта врз телевизиските медиуми кои, ако ги гледате, ви се чини дека живеете во земја каде што во секој момент од славина ќе почне да тече мед и млеко. Затоа е многу битна иницијативата јавниот сервис МРТВ, кој сите го плаќаме, да се врати на граѓаните и да почне неселективно и објективно да известува. Верувам дека нема друг начин да се освести македонската јавност кога се во прашање бомбите – освен постепено дозирање на информациите, што би значело постепено будење на јавноста; но тоа ќе биде тежок и макотрпен процес кој не знам колку ќе трае. Во меѓувреме во Македонија се изродија левичарски иницијативи со интелектуален и политички капацитет да направат промена во државата. Но и за тоа треба време, и секако, финансии. Сепак, на едно општо ниво, гледам будење.
Како референтна точка во „Осмица“ вашиот издавач ги издвојува Рејмонд Карвер и Алис Манро. Како се чувствувате кога на кориците на својата книга ги гледате тие имиња? Создава ли тоа притисок и големи очекувања кај читателите, и кои влијанија сами ги препознавате во сопствената проза?
Не е необично писателите од регионот да бидат споредувани со великани со кои имаат некакви референтни точки. Тоа се прави и поради маркетинг – читателот да сфати барем за каква проза или поезија станува збор. Не знам каков притисок создава тоа кај нив, искрено. Лично, не ме плаши или вознемирува таквата споредба, ниту пак ми влева надеж: останувам на тоа дека ќе пишувам најдобро и најискрено што можам. Инаку, да, кај себе препознавам влијание од стилските одлики или писателските тактики на писателите што најмногу сакам да ги читам, а тоа се американските прозаисти: Карвер, Чивер, Селинџер, Фланери О’Конор… но јас само учам од нив.
Сакате да пишувате од перспектва на дете и многу сте вешта во тоа. Колку има автобиографско во тоа? Како е денес да се биде дете во Македонија?
Моите први раскази беа пишувани од детска перспектива, веројатно од потребата да се справам со некои општествени трауми од детството: лошиот образовен систем, семејното насилство врз деца што имав прилика да го видам кај мои другарки и другари во детството, како и физичката и психичка суровост на децата спрема другите деца околу себе. Во еден момент престанав да пишувам вака бидејќи јазикот и перспективата со кои се пишува се нереални и проблематични, а и кај некои читатели забележав одбивност да читаат за тие теми, како да се работи за „инфантилност“. А какви се децата во Македонија денес? Ми се чини дека се опседнати со материјалното.
Работите ли на некои нови раскази и дали ќе бидат на трага на оној раскажан на „Причигин“, уште поконкретно и поактуелно вкоренети во македонската стварност?
Пишувам, да, но останувам на своето: интимните драми на секојдневието, условени од општествениот контекст во кој живееме. Во моментов контекстот е критичен, така што можно е тоа уште повеќе да се одрази врз моите раскази.
Извор: okno.mk