Првата читателска средба, која се случи по извесно паузирање, беше организирана со гостување на Владимир Јанковски кој го претстави романот ,,Свињизми‘‘ на Мари Даријасек. Средбата ја отвори Биљана Гинова, која сподели нежна приказна за почетоците на познанствата со Јанковски.
,,Свињизми‘‘ е сатиричен роман за необична млада жена која работи во салон за масажа, при што истовремено дава сексуални услуги на своите муштерии. На почетокот таа доживува огромен успех, кој е попречен од нејзиното бавно претворање во – свиња. Отфрлена од блиските, почнуваа да живее живот на бездомничка. Случајната средба со еден десничарки политичар ја поставува во средиштето на неговата политичка кампања
Говорејќи за романот, Јанковски на почетокот посочи дека истиот ја исцрпува она уметност и творење кои се политички освестени, односно низ субверзивност се позиционираат на рабовите на провокативноста – која е креативна, а не плитка. искра – политички освестен малку субверзивна на граница на провокативност.
Како на ниво на идеи, така и на ниво на иницијација низ насловот ,,Свињизми‘‘ го потенцира интересниот начин на кој авторката се обидува да се справи со комплекс на теми и односи, односи прави фини пресеци помеѓу литературата и политиката, естетското и ангажираното.
Обидувајќи се да ја интригира публиката, Јанковски во улога на енергичен наратор, накратко, ја раскажа приказната на главата хероина – млада девојка која припаѓа на ниската или средно-ниска класа на француското општествона, притоа прикажана како привлечна жена на почетокот на романот. Но линиите на само-осознавање и само-остварување на хероината, преку општественото влијание и предодреденост, во значајна мера се однесуваат на нејзините еротски активности и давање сексуални услуги на различни мажи. Токму заради таквата динамика, нејзиното тело драматично се менува, односно хероината се трансформира во свиња. Чувствувајќи и обмислувајќи ја неможноста од (единственото) таквото постоење – како објект на машката желба и отелотвореност на машкиот аспект на односите – хероината знае дека ги губи човечките карактеристики и се претвора во свиња. Но таквата трансформација не ја означува тоталноста на губење на тие и такви карактеристики, напротив, претворањето во свиња за хероината значи повторно втемелување на нејзината човечност/индивидуалност/субјективност и конечно еманципација.
Во контектс на фикција, Јанковски истакна дека во приказната не е страшно да станеш свиња, не е тотална смрт на индивидуалноста на хероината, затоа што во целиот систем на романот тоа е еманципаторски: губење на физичка привлечност не значи губење на идентитетот. Преплетувајќи ги идеите и концептите за телото како политички, социо-културен и општествен простор, делови од приказната се посветени и на идеолошката основа, така што нејзината појавност (како свиња) е искористена за пропагандни цели на еден фашизоиден политичар кој го заговара ,,здравото‘‘ општество како основен политички проект. Хероината како свиња треба да ја симболизира позицијата на жената во такво ,,здраво‘‘ општество, односно жената како здраво животно за репродукција и податлива за сексуално искористување од мажите.
Оттука, може да се заклучи дека двете фундирачки поенти кои може да се извлечат од овој роман се политиките на телото (родовоста) и односот кон абјектноста – на повеќе рамништа. Откако беше претставен романот од страна на Јанковски, се отвори интересна дискусија, поврзана експлицитно и имплицитно со темите во кои задира ,,Свињизми‘‘.
Искра Гешоска, во тој правец, ја овоплоди презентацијата на романот со нејзиниот коментар околу сличноста на приказната и референцирање на ликот Грегор Самса од ,,Метаморфозис‘‘ на Кафка. Имајќи го предвид (раз)обликувањето на животите и во двата романи, Гешоска го постави прашањето околу ,,подземните текови на свеста која што бара од телото поинаков наратив, за да може да преживее и да се врати кон своето онтолошко‘‘?
На ова, Јанковски потенцираше дека претворањето (трансформацијата) не е нов концепт во литературата, односно посочи на Овидиј и неговото дело ,,Метаморфози‘‘ каде што постојат динамики на заменување на луѓе со растенија или животни во луѓе. Понатаму, Јанковски посочи дека многу критичари кои зборуваат за ,,Свињизми‘‘ зборуваат и за Грегор Самса, односно зборуваат за интересна комбинација помеѓу ,,Метаморфозис‘‘ (Кафка) и ,,1984‘‘ (Орвел) и ,,Животинска фарма‘‘ (Орвел). Имено, токму Орвел ја користи замената со животни за да посочи на дехуманизацијата, и како тоа во политичка смисла може да се извлече како ,,Некои животни се поеднакви од другите‘‘.
Сепак, постојат извесни оригинални симболички елементи во ,,Свињизми‘‘, така што женското тело како објект постанува тело на свиња, односно општеството може да ја поедностави улогата на жената само преку претворање во свиња. Јанковски, на тоа ,,зоо-филозофско‘‘ рамниште, фино ја образложи значајноста на свињата во западната култура како најабјектен тип на животно, животно кое живее во кал и во сопствениот измет како одраз на сопствената траума. На таа линија, значајно е да се напомене дека романот е издаден во 1996 година кога ,,се јава‘‘ третиот бран на феминистичката критика.
Исто така, поврзано со општествените околности, интересно е што тоа е карактеристичен период за француското општество кога се случува масовна миграција и присуство на Други во пошироките општества – како што е случајот со муслиманите во француското општество. Имено, алудира на тоа дека исламот ја третира на посебен начин свињата како тело со голема токсифицираност и штетност.
Јанковски истакна дека е интересно што приказната се појавува во 20 век, кога телото е во центарот на јавниот и личниот интерес, и во таа смисла телото се отвора кон деконструкција и различни ситуациски експерименти преку уметноста (на таа линија, особено во 50-тите и 60-тите години од минатиот век е значајна таквата уметност и особено со појавата на Марина Абрамович). Така, тргнувајќи се од платната и од read-made-от, телото беше единствената освоена територија.
Во текот на дискусијата се отворија прашањата за идеализираноста на женското тело, но со тоа и алиенацијата на женскиот идентитет од женскиот изглед, низ историјата на уметноста. Така, примерот со Венера од Милос е добар кога треба да се посочи на женската распарченост – како убавина на жената, односно известната кастрираност на жената како парадигма за нејзиното постоење. Се заклучи дека таквата практика, всушност, во голема мера придонела кон следните дискриминаторски практики во текот на историјата. Имено, жените како посебна група имаат посебна историја на опресија, и во таа смисла изборот на жената во голема мера и ограничен или диктиран од општествените околности и политичките процеси.
Конечно, Даријасек има голем придонес кон пркосењето на машкиот поглед на светот кој е нормирачки поглед и кој е доминантет во односите на моќ. Исто така, успешно ја критикува средината која гарантира еднаквост, односно Јанковски цени дека преку третманот на оние кои се на маргините на општеството може да се мери демократизираноста на едно општество. А тоа што ние може слободно да се создаваме во рамки на една општествена уреденост, посочува на нашата приклештеност во даденоста на таа слобода од страна на општеството.