Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации, Бан Ки-Мун, на првиот состанок на високо ниво во врска со ЛГБТ правата, јасно им порачи на земјите кои се’ уште ја имаат криминализирано хомосексуалноста дека ја „задржуваат историјата“. Овој состанок се одржа паралелно со заседанието на Генералното собрание на ООН, каде што меѓудругите присуствуваа и потпретседателот на УСА, Џо Бајден, како и челници на многу други земји кои ги застапуваат правата на ЛГБТ луѓето низ целиот свет.
Бан Ки-Мун истакна дека е срамно тоа што стотици луѓе секоја година се убивани, затоа што се хомосексуалци, а дека милиони пка живеат во „сенката на дискриминацијата и неприфаќањето“.
„Неколку земји и понатаму ја задржуваат историјата со своите драконски казни кон хомосексуалците, кои дури и не смеат да се декларираат како геј. Во нашиот 21 век нема место за дискриминација врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет“ – пишува Inquirer.
Повеќе од 70 земји во светот се’ уште имаат драконски казни со кои се криминализира хомосексуалноста. Џо Бајден во својот говор ги издвои Египет, Русија и Уганда, со цел да порача дека овие земји се „заглавени во пропаста“. Американскиот потпретседател, воедно и прво рангираниот државен функционер кој јавно и отворено ги поддржуваше геј браковите, истакна дека овозможувањето на правата на ЛГБТ луѓето е прашање на „граѓанските права на нашето доба“.
„Ниту една влада, ниту едно општество, ниту еден поединец, ниту една околност не треба да ви диктираат кој да сакате“ – посочи Бајден на состанокот на кој присуствуваше и чилеанската претседателка Мишел Башеле, како и норвешката премиерка Ерна Солберг.
Речиси 40 земји легално ги признаа истополовите парови, рече Бан Ки-Мун, и потоа ги пофали Мозамбик, Сејшел и Наура, кои оваа година ја декриминализираа хомосексуалноста.
„Ги прашувам оние кои ја користат религиозната реторика или пак културните аргументи, со цел да ги ускратат човековите права на ЛГБТ луѓето: Што постигнувате со тоа што на другите им ја одземате рамноправноста? Зарем вашата вера или вашата култура се толку слаби, па единствениот начин е токму тоа – да се ускаратат темелните права“ – праша Бан Ки-Мун.
Многу членки на ООН, вклучувајќи ја и Русија, го критикуваа генералниот секретар заради одлуката да им се овозможат брачни и семејни бенефиции на лезбејките и геј луѓето кои се вработени во ООН. Исто така, потсетуваме дека Генералното собрание неодамна именуваше и независен експерт, и тоа за прв пат од функционирањето на ова институција, кој ќе биде задолжен за известување за поредите на правата на ЛГБТ луѓето низ целиот свет.
Извор: www.crol.hr