Приказни кои ретко се раскажуваат
Беше некаде пред околу 6-7 години кога мојот, штотуку влезен во тинејџерските години, син дојде од училиште видно растревожен:
„Децата ми се смеат дека сум бил геј!“
„А геј ли си?“ – го прашавме јас и татко му.
„Не знам!“ – одговори.
„Види како ќе се чувствуваш во наредните години, верувам дека само ќе ти се каже.“
И толку беше.Поминаа години, тој заврши основно училиште, почна средно училиште и еден ден не седна на маса, цела фамилија, и ни соопшти дека е геј. Мојот сопруг, неговиот татко, е нешто најубаво што и се случило на нашата фамилија. Тоа што неговиот син има различна сексуална ориентација за него не беше ама баш никаков проблем. За него, нашиот син беше исто тоа прекрасно, вредно и работливо момче како и вчера.
А јас, за мене не беше баш така. Првите мисли кои ми поминаа низ глава беа многу себични: „Што ќе речат наште пријатели и роднини?; Ќе не отфрлат ли или ќе разберат и прифатат?; А што ако се зарази со ХИВ вирусот?; Што ако западне во лошо друштво?; Може ќе почне да зема дрога?; Како јас како родител ќе можам да му помогнам полесно да ги преброди предизвиците што го чекаат, а не познавам ниту еден геј (барем така мислев тогаш)?“Неколку месеци ме мачеа овие мисли но, целото тоа време знаев со сигурност само едно, јас многу го сакам мојот син и не би сменила ништо кај него. Тој е млад човек со добри манири, вреден и неверојатно храбар. Тоа ме натера да помислам: Kолкава само храброст е потребна да се соочиш со твоите најблиски и да им кажеш нешто толку интимно за тебе; нешто што може да ги расипе семејните односи засекогаш? Тогаш борбата која ја водев со себе си беше завршена! Во меѓувреме се почувствував спремна да излезам и да кажам на целиот свет дека мојот син е геј и тоа е ОК.
Денес, нашиот син не се дрогира, нема ХИВ и има прекрасен круг на пријатели околу него. Тој е сè уште прекрасен млад човек со големи аспирации да остави позитивна трага врз иднината што доаѓа. Што се однесува до нашите пријатели и семејство, вистината е дека многу од нив си отидоа.„Не биле вистински пријатели“ – си помислив. Но, со тие што останаа во нашите животи, врската е многу посилна од порано. Дојдоа и нови пријателства, луѓе со интересни искуства, луѓе отворени и искрени, луѓе со кои времето како да лета кога ќе се сретнеш.
Животот е многу интересна појава и понекогаш те носи на целосно неочекувани и различни места. Сепак, ако имаш здраво семејство и многу љубов, сите предизвици на живеењето ќе ги пребродиш многу полесно и ќе излезеш како подобра личност. Јас ја имам таа среќа да имам прекрасно семејство.
Писмо од мајка на геј син
Со ова писмо, испратено од родителите на ЛГБТИ дете до Центарот за поддршка, започнува кампањата: Родители на ЛГБТИ деца: Не сте сами!
Ние, родителите, семејствата и пријателите на лејзбејки, геј, бисексуалци, трансродови лица и сите припадници на ЛГБТИ заедницата, ја славиме различноста и имаме визија за општество во кое сите се прифатени, вклучително и тие со различни сексуални ориентации и родов идентитет. ЛГБТИ Центарот за поддршка посакува добредојде на сите кои сакаат да учествуваат, да подржуваат и се надеваат дека оваа визија ќе се реализира.
Нашите членови се родителите, семејствата и пријателите на ЛГБТИ лица, а и самите ЛГБТИ лица. Тоа значи една група со разнолики политички, религиозни и културолишки перспективи. Доколку имате потреба слободно и без било каква осуда да разговарате за она низ што поминувате и да слушнете други перспективи и искуства, ЛГБТИ Центарот ви стои на располагање.
Може да испратите е-пошта на roditeli@lgbti.mk за да се поврзете со други родители кои поминуваат или поминале низ процесот на прифаќање и поддршка на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на нивното дете, со кои безбедно може да ги споделите вашите искуства, чувства и прашања.
Коментарите не се дозволени
Deprecated: Function get_magic_quotes_gpc() is deprecated in /home/lgbti/public_html/old/wp-includes/formatting.php on line 4348
Deprecated: Function get_magic_quotes_gpc() is deprecated in /home/lgbti/public_html/old/wp-includes/formatting.php on line 4348
Deprecated: Function get_magic_quotes_gpc() is deprecated in /home/lgbti/public_html/old/wp-includes/formatting.php on line 4348