Деновиве на повеќе интернет портали во земјава и странство се појавија статии на тема настапот на македонската пејачка Фифи на музичкото шоу X-Factor. Како што можеби веќе ви е познато, фокусот беше на реакцијата на членот на жири комисијата Жељко Јоксимовиќ на настапот на Фифи. Имено, Јоксимовиќ кажа „не“ за настапот на Фифи, со подоцнежно образложение дека има право на свој личен вкус. Сепак, ефектот беше постигнат кога, обидувајќи се да покаже дека е незадоволен од настапот, со низа коментари кои се однесуваа на родовиот идентитет и родовото изразување на Фифи и во кои немаше одобрување, Јоксимовиќ побара од неа да запее уште нешто. На тоа Фифи одговори со рефренот од песната “Beautiful” од Кристина Агилера, што предизвика бран одобрувања, особено од организациите кои работат со правата на ЛГБТИ луѓето, како и нивните поддржувачи.
Статиите кои беа објавени имаат различен пристап. Од реакции на ЛГБТ организацијата Gayten LGBT од Србија, до реакции од самиот Јоксимовиќ, до сензационалистички наслови во кои имаше измешани информации. Настанот со голема брзина се прошири и во меѓународната јавност. Македонските медиуми не заостанаа во информирањето, но беа објавени статии чии наслови и содржина се’ уште укажуваат на недоволното познавање од оваа област од страна на авторите на текстовите.
Еве некои од текстовите кои беа објавени на македонските медиуми:
http://www.telegraf.mk/zabava/estrada/59858-lgbt-zeljko-diskriminira-transvestit
http://tocka.com.mk/4/110038/fifi-presrekna-sum-sto-sonot-konecno-mi-se-ostvaruva
http://tocka.com.mk/8/110030/fifi-gi-voodusevi-site-no-joksimovik-ostana-zbunet
Продукциската куќа на шоуто се изјасни дека во изјавите на членот на жирито немало говор на омраза, меѓутоа постоечката легислатива во Србија ја покрива оваа област, така што можеме ситуацијата да ја погледнеме и од тој аспект. Српскиот закон за забрана на дискриминација ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како забранети основи за дискриминација. Членот 11 од тој закон се однесува на забраната за изразување на идеи, информации и мислења со кои се поттикнува дискриминација, додека членот 13 се однесува на предизвикувањето и поттикнувањето на дискриминација, омраза и нетрпеливост. Двата наведени члена поединечно ги наведуваат сексуалната ориентација и родовиот идентитет помеѓу останатите забранети основи за дискриминација.
ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РМ ја изразуваат својата поддршка за Фифи и сметаат дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет не смеат да бидат причина за дискриминација. Од причина што овој тип на настан е од област во која треба да дојдат до израз способностите на индивидуата, како и техничката поткованост од бараната област, се надеваме дека овој настан ќе добие свој епилог во рамките на постоечките регулативи во Србија и ќе даде свој позитивен придонес кон видливоста на ЛГБТИ популацијата и подигнувањето на јавната свест во однос на оваа група на луѓе и почитувањето на нивните права како рамноправни граѓани.