Gayten–LGBT – Центар за промоција на правата на ЛГБТИК луѓето, во соработка со Лабрис, организација за човековите права на лезбејките, одржа прес-конференција во средата, 18ти декември, во просториите на независната асоцијација на новинари на Војводина, како и тркалезна маса за презентирање на модел-законот за родов идентитет во просториите на Собранието на Независната провинција Војводина, во Нови Сад.
Беа презентирани Модел-законот за родов идентитет и резултатите од мониторингот на имплементацијата на Препораките на Комитетот на Министри на Советот на Европа за забрана за дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет.
Целта на модел-законот за родов идентитет е да ги заштити правата и да ја подобри состојбата на транс* луѓето, односно луѓето чија идеја за сопствениот родов идентитет и родово изразување се разликуваат од вообичаените и очекувани родово-бинарни норми, и поради тоа се изложени на повисок степен на дискриминација и насилство. Законот е напишан согласно препораките на водечките меѓународни организации, Принципите Џоџакарта на Обединетите Нации, како и Препораките на Комесарот за човекови права во Советот на Европа. Освен што е во согласност со барањата за депатологизација на транс* идентитетите, исто така е урамнотежен во однос на домашното законодавство. Модел-законот им дава на луѓето со транс* идентитет заштита од дискриминација и остварување на правата во области кои во моментов не се целосно законски регулирани (правото на промена на името и ознаката за полот во документитет, правото на вработување, осигурување, брачен и семеен живот, здравствена заштита). Авторите на законот се правниците Славољупка Павловиќ, Јелена Симиќ и Зорица Мршевиќ, во соработка со тимот од Gayten-LGBT.
Активистите од Gayten–LGBT, Милан Ѓуриќ и Кристиан Ранѓеловиќ зборуваа за сегашната позиција на транс* луѓето во Србија, како и за тријадната терапија, додека активистката и адвокатка Славољупка Павловиќ и професорката по право Зорица Мршевиќ го презентираа модел-законот за родов идентитет и анализата на меѓународните правни стандарди и компаративни решенија, кои беа основа за создавањето на модел-законот за родов идентитет.
Драгана Тодоровиќ од Лабрис зборуваше за резултатите од мониторингот на имплементацијата на Препораките на Комитетот на Министри на Советот на Европа во врска со забраната на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, кој Лабрис го спроведе во 2012 и 2013, со помош на ИЛГА Европа (Европската гранка на Меѓународната асоцијација на геј мажи, лезбејки, бисексуалци, транс* и интерсексуалци). Извештајот можете да го погледнете тука:http://labris.org.rs/novi-sad-labris-predstavio-rezultate-monitoringa-sprovodenja-preporuka-saveta-evrope/
Истиот ден, во просториите на Собранието на Независната провинција Војводина во Нови Сад, беше одржана тркалезна маса за презентирање на Модел-законот за родов идентитет. Присутни беа претставници на релевантните институции и политички партии на Независната протинција, како и на невладиниот сектор.
На учесниците им посака добредојде Драган Божаниќ во име на Провинцискиот Секретаријат за економија, вработување и родова еднаквост, кој истакна дека Собранието сака да ги поддржи активностите насочени кон подобрувањето на позицијата, како и заштитата на правата на сите граѓани, особено оние кои припаѓаат на маргинализираните групи.
Милан Ѓуриќ истакна дека изгласувањето на овој закон кој ги штити правата на транс* луѓето е многу итно, затоа што во моментов се во правен вакуум, додавајќи дека транс луѓето се изложени на многу високо ниво на дискриминација и насилство.
Зорица Мршевиќ ги презентираше меѓународните правни стандарди и компаративни решенија кои ја регулираат позицијата на транс* луѓето во различните земји и кои ја сочинуват основата за создавањето на модел-законот.
Даница Тодоров, заменик-Народен правобранител за родова еднаквост (НП Војводина) зборуваше за искуството на институцијата што се однесува до правото на родово изразување и истакна дека изгласувањето на законот не е доволно, туку дека мора да се врши и мониторинг на имплементацијата, затоа што искуствата од имплементацијата на Законот за родова еднаквост покажува дека државните службеници често се потпираат на застарени решенија и не ги применуваат новодонесените закони.
Модел-законот за родов идентитет беше презентиран од Славољупка Павловиќ, активистка и правничка, една од авторите на Модел-законот. Освен што ја истакна потребата за брзо изгласување на законот кој ги штити правата на транс* луѓето и истите ги штити од дискриминација, Славољупка истакна и дека е важно општеството да се грижи за сите свои граѓани, особено за оние маргинализираните, кои често се невидливи од правна гледна точка.
Втората седница беше посветена на практичните проблеми во транс* тематиката. Кристиан Ранѓеловиќ зборуваше за своето искуство во работата со транс групата за поддршка и ги илустрирашт чекорите и тешкотиите низ кои мора да поминат луѓето кои се одлучиле да влезат во процесот на менување на своето тело со цел да го приспособат истото кон својот родов идентитет. Јелена Милиќ Јерковиќ зборуваше за многуте проблеми и пречки со кои се соочуваат транс луѓето кои се сексуални работници/чки, и според тоа се изложени на повеќекратна дискриминација и насилство.
Двете седници беа проследени со многу активна дискусија каде учесниците покажаа подготвеност да го поддржат модел-законот за родов идентитет и да работат заедно на подготовките за негова имплементација.
Модел-законот (на српски јазик) можете да го преземете тука.