Изминатиот викенд во Солун, Република Грција, беше организиран годишниот ЛГБТ фестивал, кој опфати неколку различни настани и заврши со централната Поворка на гордоста која се одржува по трети пат. Значајно да се напомене е дека фестивалот, оваа година, беше организиран како дел од програмата на “European Youth Capital” или насловот кој Солун ќе го носи во текот на 2014 година.
Потенцирањето на младите во борбата за прифаќање и еднаквост, преку програмските политики на Солун и организациите кои се посветени на ЛГБТ темите, резултираше со голема посетеност на централниот настан – Поворката на гордоста – каде што присуствуваа околу 10 000 луѓе, создавајќи флуид на позитивна енергија и поддршка за различноста.
Една од поголемите придобивки за годишниот фестивал на гордоста во Солун, беше тоа што ЛГБТ агендата зазема супстанцијален дел од јавниот дискурс со особено означување на медиумите, како партнери во промовирањето на заложбите на фестивалот. Во програмата на фестивалот беа опфатени различни настани кои беа организирани на јавни простори и вклучуваа изложби на фотографии, проекции, панел-дискусии, уличен театар, улични забави, Поворка на гордоста и конечно – јавни дискусии во Градското Собрание на Солун на темите ,,Современите прашања за ЛГБТИ младите‘‘ и ,,Фамилии со истополови партнери: прашања и предизвици‘‘.
На таа линија, од исклучително значење е поддршката на градоначалникот на Солун Јанис Бутарис кој настапи во почетното обраќање и отварање на централниот настан, како и со присуство во првите редови на Поворката. Исто така, во придружба на градоначалникот беа и конзулите на САД, Велика Британија, Германија, Канада, Чешка, Финска, Канада и Португалија, давајќи институционална и меѓународна поддршка.
Особен впечаток остави гестот на фрлање цвеќиња во форма на розеви триаголници од страна на една ‘‘drag queen‘‘, кога рутата поминуваше низ Меморијалниот музеј на Холокаустот, како симболично сеќавање на ЛГБТ жртвите на Третиот Рајх. Моќното пренесување на пораката, преку овој гест, уште еднаш посочи на нацизоидните закани кои се мултиплицираат и во современите општествено-политички процеси.
Во почетните говори, се обратија различни организации од Солун кои третираат различните аспекти на ЛГБТИК заедницата и директно учествуваа во организацијата на годишниот фестивал на гордоста, како и претставници на пријателски организации од други земји. Меѓу другите организации, присутен беше и ЛГБТИ Центарот за поддршка како подружница на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, со свои претставници кои на почетокот на централниот настан се обратија со изрази на солидарност.
Во продолжение, ќе бидат приложени видео и фото записи од Поворката на гордоста во Солун која се одржа на 21-ви јуни, 2014 година, во авторство на тимот на ЛГБТИ Центарот за поддршка.